Македонската опера и балет со вистински музички спектакл ќе ја отвори новата сезона 2025/2026. На 3-ти октомври, со почеток во 20 часот, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее една од најмоќните и најемотивни композиции во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт.
Диригентската палка овојпат ќе биде во рацете на прочуениот италијански маестро Џанлука Мартиненги, кој со своето искуство и интерпретативна моќ ветува изведба што ќе ја надмине рамката на обично концертно доживување.
Во солистичката постава ќе настапат Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас), придружувани од оркестарот и хорот наМакедонската опера и балет. Заедно, тие ќе ја доловат грандиозната духовна и емоционална димензија на делото.
„Реквием“ е последната композиција на Моцарт, недовршена поради неговата прерана смрт, а со векови обвиена со мистерија и легенди. Во својата драматичност, делото ја прикажува борбата меѓу земното и божественото, болката и надежта, тагата и вечноста. Со секоја нота, публиката ќе биде водена низ патување кое од интимна молитва преминува во хорска експлозија на емоции. Ова ремек-дело повеќе од два века ја плени светската публика и се вбројува меѓу најизведуваните и највлијателни дела во музичката историја.
Со ова величествено изведување, Македонската опера и балет ја потврдува својата мисија да донесе највисоко уметничко ниво и незаборавни моменти на македонската сцена.
