Фестивали

“Илинденски денови” во Битола со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ

Со прогласување на најдобрите учесници на фестивалот и со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ кој ќе се одржи во археолошкиот локалитет Хераклеа, вечер во Битола завршува фестивалот на народни песни и игри “Илинденски денови”.

Натпреварувачкиот дел од програмата заврши синоќа со вечер на староградска музика и игра на која настапија членовите на КУД “Васил Хаџиманов” од Кавадарци, “Распеани штипјани”, “Распеани велешани”, “Распеани гевгеличани”, пејачката група “Сирма Војвода” – Битола, ВИС “Орнаменти” од Штип, староградските групи “Пензионер” и “Прилеп” од Прилеп и КУД “Илинден” од Битола.

“Оваа година во Битола учествуваа многу нови групи што го негуваат изворниот фолклор и тоа го сметам за главно годинешно обележје на фестивалот. Карактеристиката на овој наш фестивал е секогаш да се претставува изворниот фолклор, автентичен фолклор, да се презентираат обичаи, обреди, пеење и користење на народни инструменти. Сите овие елементи ги видовме на фестивалот. Регистриравме прекрасни носии и регистриравме хармонично пеење со инструментална поддршка. Јас лично среќна сум што на сцена се почесто освен играње застапено е и традиционалното пеење, посебно изворни песни. На свеченото затворање сепак ќе бидат наградени најдобрите”, изјави проф. д-р Родна Величковска, претседател на стручното жири.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” чиј домаќин и организатор е НУ Центар за култура – Битола, се одржува под покровителство на Собрание на Република Македонија и со поддршка на Министерство за култура и Општина Битола.

Можеби ќе ве интересира: