Оние што ќе му се јават на Британецот Ник Мидс лесно и бргу може да ја изнајмат неговата необична лимузина, која всушност е огромен тенк. Тенкот “Лимо” е веројатно првиот и единствен продолжен тенк во светот кој може да се изнајми, а се наоѓа во Велика Британија. Со него менаџираат деловните партнери Ник Мидс и Тод Чемберлен.
Тенковската приказна на Мидс почнува пред 30 години кога тој купил два. Во тоа време целта му била еден да задржи, а другиот да го продаде, меѓутоа уште пред да му бидат доставени, компанија побарала изнајмување, а за услугата понудила повеќе од половина од парите што тој ги имал вложено. Тоа било сигнал за Мидс дека има неповторлива бизнис-шанса.

Продолжениот тенк е целосно легален за возење на патиштата во Велика Британија, но мора да користи гасеници обложени со гумена заштита. Тежи 17,5 тони и има максимална брзина од 32 километри на час, пренесува агенцијата “Танјуг”. Иако тенкот е голем и тежок, сепак е лесно да се управува со него, бидејќи ротира во средината. Досега забележан е само еден инцидент кога бил скршен ретровизор на едно комбе во Лондон.
