Три децении пред камерите, бројни музички емисии и фестивалски сцени, а последните четири години и препознатливо лице на „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Ирена Спировска и оваа година е дел од фестивалската приказна, како водителка на Фолк-вечерта на 33-тото издание на фестивалот.
Нејзината поврзаност со „Охрид Фест“ започна во 2023 година, кога за првпат ја водеше Фолк-вечерта на јубилејното 30-то издание. Оттогаш, од година во година, Спировска се наметнува како едно од препознатливите водителски лица на оваа фестивалска вечер. Со долгогодишно искуство во телевизијата и на музичките фестивали, Ирена Спировска е водителка која добро го познава и пулсот на сцената и публиката. Од нејзините почетоци во МТВ, па сè до денес, нејзината кариера е тесно поврзана со музиката и фестивалските случувања.
Во интервјуто за нашиот портал разговараме со Ирена за нејзините три децении кариера, љубовта кон фестивалската сцена, спомените од „Охрид Фест“, атмосферата на Долни Сарај и за тоа што значи по четврти пат да се биде домаќин на една од најзначајните фестивалски вечери.
Што ѝ значи „Охрид Фест“ на Ирена, кои моменти од досегашните изданија најмногу ги памети и дали по 30 години пред камерите сè уште постои трема пред излегување на сцена — открива во интервјуто.
Веќе со години сте дел од Фолк вечерта на „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Од Ваша перспектива, што е тоа што овој фестивал успева да го задржи жив и релевантен во време кога музичката сцена драстично се менува?
Ирена Спировска: „Охрид Фест – Охридски трубадури“ е фестивал со повеќе децениска традиција, оваа година се одржува по 33-ти пат и е единствениот фестивал кој го запази својот континуитет дури и во периодот кога поради ковид пандемијата сите други фестивали правеа пауза. Квалитетните композиции и учеството на еминентни пејачи и автори низ годините придонесоа фестивалот да се наметне како релевантен на нашата фолк сцена,а прекрасниот амбиент на Долни сарај е дополнителен адут кој го прави Охрид фест посебен.
Фолк вечерта отсекогаш била препознатлива по песни кои остануваат да се пеат и години по фестивалот. Дали денес е потешко да се создаде песна што ќе стане дел од музичката традиција, и што, според Вас, ѝ недостига на современата продукција за да се случи тоа?
Ирена Спировска: Добрите автори секогаш знаат како да допрат до срцето на публиката, а „Охрид Фест – Охридски трубадури“ досега има создадено огромен број на фолк хитови.Современиот музички израз е предизвик не само за авторите туку и за интерпретаторите, но мислам дека фолк публиката најдобро ги прима песните кои во себе го носат духот на традицијата.
Од сцената на Долни Сарај сте сведок на безброј премиери, аплаузи и силни емоции. Што најмногу Ви кажува дека една песна ја допрела публиката – нивната непосредна реакција, атмосферата или времето што ќе покаже дали песната ќе продолжи да живее?
Ирена Спировска: Постојат песни кои уште со првата изведба ја освојуваат публиката, но постојат и композиции кои дури отпосле ќе се вгнездат во срцето на слушателите. Важно е песната да разбуди емоции.

Низ „Охрид Фест“ поминале најголемите имиња на македонската народна музика, но фестивалот секоја година им отвора врата и на нови автори и изведувачи. Колку е важно токму оваа сцена да биде местото каде што се создаваат новите музички приказни?
Ирена Спировска: Мислам дека „Охрид Фест – Охридски трубадури“ е омилен фестивал за изведувачите и авторите токму поради уникатниот амбиент на Охридското езеро и отворената сцена на Долни сарај каде што атмосферата сама по себе е магична. Кога низ тој прекрасен амбиент ќе се разлее убава песна впечатокот е навистина посебен! Верувам дека токму тоа го прави овој фестивал поразличен од сите останати!
Фолк музиката денес сè почесто се преплетува со современи аранжмани и нови музички влијанија. Дали сметате дека „Охрид Фест“ успева да ја зачува автентичноста на македонската песна, а истовремено да остане близок до новите генерации публика?
Ирена Спировска: Да, „Охрид Фест – Охридски трубадури“ успева да го постигне токму тоа, ја негува автентичноста на македонска народна песна наоѓајќи можност преку современите аранжмани и новите музички влијанија да допре до новите генерации публика.
Кога би требало со една порака да ги поканите љубителите на македонската музика да бидат дел од Фолк вечерта на 33. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, што би им рекле и зошто сметате дека ова е фестивал што едноставно треба да се доживее?
Ирена Спировска: Со нетрпение го очекувам новото фестивалско издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2026“ кое ќе се одржи вечерва на 26-ти август. Композициите се внимателно одбрани,сцената ќе биде гламурозна и отмена, а на неа ќе бидат присутни нашите најдобри фолк изведувачи. Не очекува уште една прекрасна и незаборавна музичка фолк вечер на Долни Сарај. Влезот е слободен, а оние кои ќе немаат можност да го гледаат фестивалот во живо на Долни сарај потсетување дека гледачите секоја година, па и оваа по 33.ти пат ќе имаат можност фестивалот да го следат преку директен телевизиски пренос на првиот програмски на Македонската телевизија.
Интервјуто го подготви ПР тимот на „Охрид Фест 2026“
