Фестивали

Јелена Томашевиќ дел од овогодинешното издание на „Охрид-фест“ (Видео)

Во пресрет на најновото издание на летниот музички фестивал „Охрид-фест“, ПР тимот на фестивалот не известува дека една од наградените и воедно учесничка на ова издание ќе биде и познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ. Таа годинава добива признание Песна за сите времиња… а за што поточно станува збор ви пренесуваме краток разговор направен од страна на ПР тимот со познатата пејачка.

Песната „Јутро“ годинава на „Охрид фест“ го добива признанието Песна за сите времиња. Го помина тестот на времето, ни се врежа во срцата и еве ја трае скоро 20 години. Кои ви се асоцијациите за „Јутро“, колку ве израдува наградата?

„Секако дека „Јутро“ е мојата музичка лична карта, и драго и е што е прогласена за песна за сите времиња, бидејќи таа навистина е антологиска. Му благодарам на „Охрид фест“ за оваа награда! Секако таа му припаѓа и на Жељко Јосимовиќ кој ја компонираше „Јутро“, го правеше аранжманот ама и на Александра Милутиновиќ која го напиша текстот. И благодарам на публиката која ме сака, поддржува и слуша сите овие години, и благодарам бидејќи имам за кого да пеам“, вели Томашевиќ.

Често настапувате кај нас, ја сакате Македонија а и таа вас, публиката ве обожува, тука се и спомените на Тоше, музикалност како национален код. Што уште сакате кај нас и која е првата работа што ја правите кога ќе дојдете во Македонија?

„Навистина постои некоја тајна врска помеѓу македонската публика и мене, па затоа често ви доаѓам. Секако тука е и поврзаноста со вонвременскиот Тоше чија што песна „Где да одем да те не волим“ ја снимив на претходниот албум. Обожавам се кога ќе дојдам во Македонија – од луѓе, преку музика, па се до храна“, додава пејачката.

Успешна кариера, фантастични песни, концерти… И покрај тоа вие останавте природна, достапна и драга. Како ви успеа да го совладате егото?

„Мислам дека тоа е работа на воспитување ама и на карактер. Оваа наша работа е многу неизвесна, а популарноста – релативна, па се може многу бргу да се смени. Затоа е добро да не се занесувате со слава“.

Музиката денес, нови пејачи, нови жанрови… Што мислите за тоа и колку песната е браник против сите „натрапници“ во музиката?

„Да, тоа е песната. Мислам дека трендовите секогаш постоеле, па и меѓу нив има добри песни, не се осудува се. Медиумите можат многу да помогнат, во поддеднакво пласирање на трендовската и меин стрим музиката, за да немаме впечаток дека на публиката и е наметнат некој вид на музика, туку дека го имаат правото на избор“, одговара пејачката Томашевиќ.

Можеби ќе ве интересира: