Фестивали

Јордан Митев ја крена публиката, Милица Павловиќ приреди спектакл – вечерва големото финале на „Пивофест“ (Фото)

Повеќе од две децении „Пивофест“ претставува симбол на летната забава во Македонија, а и годинава Прилеп уште еднаш покажа зошто токму овој фестивал е едно од најпосетените музичко-туристички случувања во земјава. Илјадници посетители од сите краеви на Македонија, но и гости од странство, и втората фестивалска вечер ја претворија во вистински музички спектакл исполнет со позитивна енергија, дружење и незаборавни моменти.

И покрај високите температури кои традиционално го следат „Пивофест“, центарот на Прилеп уште од раните вечерни часови беше исполнет со насмеани лица, љубители на добрата музика и ладното пиво. Фестивалската атмосфера започна околу 20:30 часот, кога на сцената настапија прилепските рокери „Локдаун“, кои со својата енергија одлично ја отворија вечерта и ја подготвија публиката за продолжението на програмата. Следуваше настапот на еден од најомилените македонски фолк изведувачи – Јордан Митев. Со своите препознатливи хитови, меѓу кои „Наздрави за љубов“, „Ај што мерак имам бабо“, „Само тебе јас те сакам“, „Денес ми е добро на душичката“, „Љубов голема“…, Митев успеа да создаде исклучителна атмосфера, а присутните ги пееја песните заедно со него од почеток до крај.

Кулминацијата на вечерта ја донесе балканската музичка ѕвезда Милица Павловиќ. Нејзиното појавување беше поздравено со силен аплауз, а веднаш по поздравот: „Добровечер Прилеп, уживајте!“ – започна концерт исполнет со спектакуларна продукција, атрактивен настап и бројни хитови.

Публиката уживаше во песните „Цака“ – песна со која што Милица Павловиќ го започна концертот, „Праштај“, „Богиња“, „Тако ми и треба“, „Дабогда“, „Посесивна бивша“, „АДХД“, „Она носи Праду“, „Шечеру“, „Проверено“… и многу други композиции кои во еден глас се пееја заедно со илјадниците посетители. Во еден од најемотивните моменти од концертот, Павловиќ ја отпеа легендарната македонска народна песна „Јовано, Јованке“, со што заслужи дополнителни овации од публиката.

По завршувањето на концертната програма, забавата не запре. Центарот на Прилеп продолжи да пулсира до доцна во ноќта, каде посетителите уживаа во музика од диџеи, плех оркестри и бројни придружни содржини кои се неизоставен дел од фестивалската традиција.

Вечерва „Пивофест“ ќе ја спушти завесата на своето 23-то издание со уште една богата музичка програма. Од 20:30 часот публиката ќе ја забавува Марјан Коцев, потоа на сцената ќе настапи прилепската група The Hounds, додека големото финале е резервирано за хрватската поп-ѕвезда Јелена Розга, која со своите безвременски хитови ќе стави печат на уште едно успешно фестивалско издание.

Пивофест оваа година потврди дека не е само фестивал на пивото, туку вистински празник на музиката, дружењето и позитивната енергија. Прилеп повторно е местото каде што илјадници луѓе создаваат спомени кои долго ќе се раскажуваат, а атмосферата уште еднаш покажува дека овој фестивал заслужено е еден од најпрепознатливите летни брендови во Македонија.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: