Фестивали

Јубилејна Евровизија со големо изненадување – победи Бугарија

Бугарија е големиот победник на јубилејното 70. издание на Eurovision Song Contest 2026, кое годинава се одржа во Виена, Австрија. По спектакуларната финална вечер исполнета со музика, емоции и неизвесност, бугарскиот претставник успеа да ја освои Европа и со вкупно 516 поени да стигне до историски триумф.

Во големото финале настапија 25 земји, а победникот беше избран преку традиционалниот систем на гласање – комбинација од поените на националните жири-комисии и телефонските гласови од публиката ширум Европа и светот.

Финалната вечер започна во свечена атмосфера, со претставување на финалистите придружени од Виенскиот симфониски оркестар. Настанот го отвори минатогодишниот победник JJ со изведбата на песната „Кралицата на ноќта“, која предизвика силни реакции кај публиката во салата. Годинашното издание донесе голема музичка разновидност. На евровизиската сцена се слушнаа дури 13 различни јазици, а многу земји направија интересен спој меѓу мајчиниот јазик и англискиот. Натпреварувачкиот дел го отвори Denmark, додека домаќинот Austria настапи последен.

Посебен момент на вечерта беше ревијалниот дел организиран по повод 70-годишнината на Евровизија. Додека траеше гласањето, на сцената се појавија некои од најпознатите евровизиски имиња, меѓу кои Verka Serduchka, Alexander Rybak, Ruslana, Måns Zelmerlöw, Lordi и Helena Paparizou. Тие заедно потсетија на најголемите хитови низ историјата на натпреварот, а публиката со овации ја поздрави заедничката изведба на легендарната „Volare“.

Иако Финска со месеци беше главен фаворит според обложувалниците и евровизиските аналитичари, конечниот исход донесе големо изненадување. По гласањето на националните жири-комисии, Бугарија имаше 204 поени, но вистинскиот пресврт се случи по објавувањето на гласовите од публиката, каде што доби огромна поддршка и се искачи на првото место.

Со оваа победа, Бугарија ќе биде домаќин на следното издание на Евровизија, а евровизиската сцена повторно ќе се пресели на Балканот. Јубилејното издание во Виена уште еднаш потврди дека Eurovision Song Contest останува еден од најгледаните и највлијателни музички настани во Европа.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: