Балканската поп-дива Емина Јаховиќ за првпат одржа солистички концерт во Македонија и покажа зошто со години важи за една од најголемите музички ѕвезди на Балканот. Концертот, кој се одржа во Македонска филхармонија во организација на Евентум, помина во атмосфера исполнета со емоции, аплаузи и публика која пееше во еден глас.
Салата беше исполнета до последното место, а уште од првите тактови беше јасно дека публиката со нетрпение го очекувала нејзиниот настап. Емина концертот го отвори со баладата „Узалуд се трудим“, песна која и ја донесе големата популарност, додека на сцената се појави во елегантен долг розов фустан, инспириран од стилот на Мерлин Монро.
Иако и самата призна дека не зборува многу за време на настапите, секој нејзин збор беше внимателно проследен од публиката. Особени симпатии доби кога на македонски им се обрати со зборовите: „Сите ве сакам!“, по што следуваа силни овации.

Во текот на вечерта се редеа нејзините најголеми хитови, но вистинската кулминација се случи кога во придружба на тапанар темпераментно ја испеа легендарната „Ја сам Југословенка“, хит од репертоарот на Лепа Брена. Емоциите во салата беа огромни – дел од присутните пееја со солзи во очите, а други играа понесени од носталгичната атмосфера и духот на едно минато време. Публиката со воодушевување ги прифати и песните што Емина ги има снимено со големи балкански имиња како Дино Мерлин, Жељко Јоксимовиќ и Саша Ковачевиќ.
Дополнителна еуфорија предизвика изведбата на нејзиниот голем хит „Дал она зна“, за кој откри дека токму Хари Мата Хари бил еден од луѓето што ја убедиле песната да стане дел од нејзиниот репертоар. Сепак, и покрај одличната атмосфера и професионалната организација, дел од публиката остана со впечаток дека недостигаше едно посебно изненадување – македонска песна. Иако пред концертот Емина изјави дека Македонија ја чувствува како свој дом, овојпат не се одлучи да отпее ниту еден македонски хит.
Концертот заврши без бис, иако публиката долго време со аплауз ја повикуваше повторно на сцената. Но, според најавите, Емина Јаховиќ повторно ќе настапува во Македонија веќе ова лето, па можеби токму тогаш ќе го приреди и тоа долгоочекувано музичко изненадување.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
