Последниот викенд од октомври ќе биде резервиран за најпознатиот фестивал на забавни мелодии во Македонија. На 30 и 31 октомври, Штип ќе биде домаќин на 41. издание на фестивалот „Макфест“, кој и оваа година ќе ги обедини најпознатите домашни автори, искусни интерпретатори и нови музички имиња.
Организаторите најавуваат две фестивалски вечери исполнети со разновидни музички стилови, современи аранжмани и композиции со потенцијал да го најдат своето место не само на фестивалската сцена, туку и во радио и телевизискиот етер. Според уметничкиот директор Роберт Саздов, годинашната селекција е внимателно избрана и носи силен авторски печат.
„Годинава имаме навистина интересен избор на автори – докажани музички имиња, автори со свој препознатлив стил и песни зад кои стои големо искуство. Очекувам и ова издание да донесе убави, певливи песни и композиции со различен карактер, од оние што лесно влегуваат во уво до песни кои ќе се слушаат и по фестивалските вечери. Тоа е и убавината на Макфест“, истакнува Саздов.
Со повеќе од четири децении традиција, „Макфест“ останува една од најзначајните музички манифестации во земјата и фестивал од кој произлегле бројни безвременски македонски хитови. И оваа година очекувањата се големи – како од публиката, така и од музичката јавност – дека на сцената ќе се родат нови песни кои ќе го продолжат богатиот фестивалски репертоар. Во наредниот период се очекува организаторите да ги откријат и имињата на изведувачите и комплетната програма на фестивалот, кој ќе се одржи на 30 и 31 октомври во Штип.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
