Ако може да ѝ се верува на Калиопи, на 17 октомври во арената „Борис Трајковски“ нема да има само концерт – ќе има вистинска музичка прослава.
„Ќе се журкаме и ќе се веселиме“, порача пејачката на денешната прес-конференција во организација на „Прагма продукција“, откривајќи дел од она што ја очекува публиката, но внимателно чувајќи ја најголемата тајна – кој ќе биде специјалниот гостин на вечерта. Одговорот, како што најави, ќе пристигне десетина дена пред концертот. Она што веќе е сигурно е дека публиката ќе добие вечер исполнета со сè што ја направи Калиопи една од највпечатливите музички личности на Балканот – моќни балади, безвременски хитови, рок енергија, силни емоции и песни што се пеат во еден глас.
„Концертот ќе ги покаже сите лица на мојата музика“, порача таа.
Овој октомври има посебна тежина за Калиопи. Токму пред 50 години, како девојче, застана на сцената на легендарното „Златно славејче“, настап кој го означи почетокот на една кариера што денес трае половина век. Иако зад себе има стотици концерти, безброј хитови и настапи низ целиот регион, Калиопи вели дека желбата за создавање музика денес е еднакво силна како и тогаш.
Покрај подготовките за концертниот спектакл во Скопје, Калиопи откри дека заедно со Ромео Грил работи на нова композиција. Според неа, станува збор за песна што ќе биде поинаква од нивните досегашни соработки, а повеќе детали ќе бидат откриени во периодот што следува. Во исто време, веќе се договара и мини-турнеја низ Босна и Херцеговина.


Осврнувајќи се на концертот што го одржа во арената „Борис Трајковски“ пред две години, Калиопи истакна дека токму таквите настани покажуваат дека и македонските музичари можат да наполнат големи концертни сали. Според неа, ваквите успеси треба многу повеќе да се ценат и да добиваат заслужено внимание во јавноста. Особено емотивно зборуваше за поканата што лично ја добила од легендарната Тереза Кесовија да настапи како специјална гостинка на нејзините концерти во загрепската сала „Ватрослав Лисински“.
„Тоа е чест што никогаш нема да ја заборавам“, призна Калиопи. Сепак, концертите на Кесовија, планирани за 3 и 4 октомври, се откажани поради здравствени причини, па најавеното гостување нема да се реализира во тие термини.
По прес-конференцијата, Калиопи разговараше со новинарите, даде повеќе интервјуа и се фотографираше со присутните, а атмосферата беше исполнета со позитивна енергија и оптимизам. До концертот на 17 октомври остануваат уште неколку дена. Едно е сигурно – публиката знае дека ја очекуваат големи хитови, многу емоции и вечер што ќе се памети.
Останува само уште едно прашање… Кој ќе застане покрај Калиопи на сцената во „Борис Трајковски“?
Текстот го подготви: Редакција Музика24
