По повод новото издание на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“, денеска во Штип точно напладне се одржа првата прес конференција посветена на фестивалот и неговите досегашни подготовки. На прес конференцијата свое учество земаа, Градоначалникот на Општина Штип Г-нот Иван Јорданов, продуцент и дел од организацискиот тим Александар Арсовски, уметничкиот директор Роберт Саздов како и член од уметничкиот совет познатиот македонски музичар Јован Јованов.
И годинава во Националната установа, Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип, ќе се претстават над 20 изведувачи во двете фестивалски вечери, односно, во петок 25-ти октомври и сабота 26-ти октомври. Композициите ќе бидат проследени со оркестар во живо.

„Штип ќе биде повторно центарот на македонската забавна музика овој викенд. Очекуваме многу гости, одлична забава, одлични композиции кои што ќе бидат презентирани на овогодинешниот „Макфест“. Она кое што сакам да го споделам е дека оваа година повторно композициите ќе бидат проследени со оркестар во живо. Исто така, морам да напоменам и дека она што го имавме во годините наназад како недоразбирање и минималната поддршка од страна на Министерството за култура, веќе од годинава имаме одредени поместувања во позитивна насока“, изјави Градоначалникот на Општина Штип, Г-нот Иван Јорданов.
Рекордниот број на пријавени песни за учество на фестивалот само ја потврдува се поголемата заинтересираност како кај естрадата, така и кај јавноста.

„Претпоставувам дека го направивме најдобриот избор од песни. Оваа година имавме навистина, за последните години, рекорден број на пријавени песни на фестивалот. Преклани кога почнавме во оваа постава имаше помалку од 15 песни кои беа пријавени на конкурсот. Минатата година имаше 56, а оваа година има 76-77 пријавени песни. Интересот и кај естрадата и кај јавноста е се поголем, тоа се чувствува во воздухот“, изјави уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов.
Како што дознава Музика24, во текот на следните денови ќе биде поставена и сцената која годинава е оргинална и впечатлива, а како што велат самите организатори за време на викендот се очекува масовна посетеност. „Макфест“ и оваа година ќе биде без награди (ревијален), а ќе се претстават и свое учество ќе земат познати имиња од македонската музичка естрада.

„Деновиве интензивно ќе се поставува сцената и сценографијата која што претходно беше дизајнирана од стручни лица. Очекуваме еден добар, масовно посетен фестивал. Очекуваме недела на „Макфест“ каде Штип ќе живее во изминатите хитови од „Макфест“ и рефрените. А искрено се надеваме дека по завршувањето на годинешното 39-то фестивалско издание македонската забавна сцена ќе биде побогата минимум за уште 20 нови хитови“, изјави Александар Арсовски кој е продуцент на фестивалот и дел од фестивалскиот организациски тим.
Целта е да се негува фестивалот и да се остави на идните генерации, на таков начин се добиваат нови мелодии и нови песни и нови имиња на македонската музичка сцена.

„Тоа ме радува и тоа беше целта да сепак фестивалот остане на идните генерации и они треба да го негуваат како што и ние некогаш сме го негувале. И затоа моравме се повеќе и повеќе да инволвираме и нови музички имиња и нови автори и да направиме една свежина. Задоволен сум како се движат нештата, нели секогаш може подобро, се трудиме секоја година да е подобро и подобро иако ни е ограничен бројот на автори и изведувачи од нашата естрада. Тие се тие што сите ги знаеме. Но понекогаш мораме и ние да им даваме поддршка да направат подобра и подобра песна, да разберат колку тоа значи на македонската естрада и дека не станува збор за обичен фестивал туку бренд кој што е дупло постар од дел од изведувачите кои ќе ги видиме“, изјави Јован Јованов кој е член и претставник од уметничкиот совет на фестивалот.
Специјализираниот македонски музички портал Музика24.мк и оваа година ќе биде дел од Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ и преку својата акредитирана екипа за време на фестивалските денови ќе Ве известува и информира за се што ќе случува, а е поврзано со „Макфест“.
Инаку, оваа година Министерството за култура одвои милион денари, а останатите пет милиони денари се од општината и општествено одговорите фирми во Штип и регионот.
Подготви: Александра Блажевска
