Превземено од: Интернет портал Екран (www.ekran.mk)
На 19-ти октомври, во саботата во „Борис Трајковски“ Калиопи имаше солистички концерт- пред преполната сала. Места за стоење можеше да се најдат само околу микспултот. Беше очигледно дека и самата Калиопи беше воодушевена од поддршката што ја има во Скопје и започна.
Ги пееше своите најголеми хитови, но и оние постарите, а присутните со цело срце пееа со неа… Дивата диригираше а присутните пееа… Имаше повеќе секвенци кога Калиопи кажуваше што да испеат присутните а ним не им требаше повторување.

Пееа со неа во рефрените, во цели песни, а на трибините можеше да се почувствува „нежно тресење“, бидејќи скоро сите стоеа и танцуваа во ритамот на Калиопи. Пејачката која важи за еден од најдобрите вокали на овие простори уште еднаш потврди дека ја заслужува таа титула. Пееше од срце и не губеше време. Се’ беше во ритамот на Калиопи.
Имаше само двајца гости – „Слаткаристика“ кој го кажа тоа што сите кои беа во „Борис Трајковски“ го мислеа – дека луѓето од овие простори, од Македонија, умеат да го ценат тоа што вреди (бидејќи во исто време концерт имаше и Јелена Карлеуша) и во голем број (околу 5.000) дојдоа кај Калиопи.


Гостин беше и Жељко Самарџиќ, кој иако со јака настинка со дивата го испеа нивниот дует „Знам“, а потоа испеа и една своја песна. За тоа време Калиопи се преслече, бидејќи се на неа беше мокро, и продолжи во познатото темпо… Ја носеше публиката низ нејзините музички магии а таа, публиката, и враќаше како што најдобро умее. Пееше со неа. Имаше повеќе врвни моменти на концертот, а еден од нив секако беше изведбата на „Македонија“ во нов аранжман.
Концертот на Калиопи на 19-ти октомври ќе им остане во сеќавање на сите присутни кои ја доживеаа магијата на дивата, но сигурно и дека долго ќе се зборува бидејќи таа одржа лекција по пеење и професионално однесување исполнето со енергија која боли…Толку беше јака што не можеше да не се почувствува.
Автор на текстот: Грета Оџакова
Превземено од: Интернет портал Екран (www.ekran.mk)
Фото: Стефан Самандов
