Фестивали

По јубилејното издание, Макфест влегува во нова ера – стартуваа апликациите за 41-то издание (Видео)

Како што дознава музичкиот портал Музика24.мк, официјално е отворен конкурсот за пријавување на нови композиции за 41-то издание на Макфест, кое ќе се одржи во втората половина на октомври 2026 година во Штип. По големиот јубилеј во 2025 година, кога фестивалот одбележа 40 години постоење со спектакуларно тридневно издание, организаторите најавуваат ново возбудливо продолжение на традицијата што со децении ја гради македонската забавна музика.

Сите заинтересирани автори, композитори и изведувачи можат да аплицираат преку официјалната веб-страница на фестивалот – www.makfestfestival.com.

Со клик на делот за пријавување на конкурсот за Макфест 2026, кандидатите треба да ги пополнат побаруваните информации и да ја достават својата композиција согласно условите наведени на страницата. Конкурсот трае до 26-ти април 2026 година.

Во изминатите четири децении, Макфест беше лансирна рампа за бројни хитови и музички имиња, оставајќи силен белег во македонската поп и забавна сцена. Со секое ново издание, фестивалот носи нови авторски потписи, свежи интерпретации и потенцијални радиохитови. Очекувањата се дека и оваа година конкуренцијата ќе биде силна, а есенскиот Штип повторно ќе стане центар на музичките случувања во земјата.

Јубилејното 40-то издание во 2025 година постави високи стандарди, со три фестивалски вечери, бројни гости и ретроспектива на најголемите хитови низ историјата на фестивалот. Сега, фокусот е насочен кон новата генерација автори и изведувачи, кои ќе се борат за своето место на една од најпрестижните фестивалски сцени во Македонија.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: