Најавата дека повторно во Валандово ќе може да ја чуеме големата музичка ѕвезда од Србија, Ана Бекута, беше своевиден предизвик, затоа што таа е пред се ментор и важна карика од музичкото шоу “Ѕвездите на Гранд”, каде жирира и ги оценува и нашите македонски изведувачи, кои буквално кажано се тресат пред самиот настап и со голем респект го уважуваат мислењето од дотичната. Е токму таа, Ана Бекута во Македонија е особено сакана и почитувана звезда, а своевремено на Валандовскиот фестивал го отпеа и големиот хит “Стариот Џумбушлија” со кој се прослави.
Се погоди ние новинарите да сме сместени во ист хотел со славната Бекута во Дојран па се надевавме дека ќе имаме можност да поразговараме со големата ѕвезда која позади себе има респектабилна четири децениска кариера и видно расположени се одушевивме кога ја видовме, арно ама Ана Бекута во стилот на голема ѕвезда ладнокрвно им соопшти на новинарите дека е во жалост од како и починал Милутин и дека не дава интервјуа ни изјави за новинари?!
Моменталниот шок не збуни па помалку затекнато некои од колешките новинарки се обидоа да ја натераат да разговара барем за валандовските песни што ги испееала во својата кариера, но и тој одговор беше многу краток и штур, па сфативме дека Бекута одлучила да не ги испочитува ни новинарите од Македонија, а со тоа ни своите обожаватели овде.
Ви се молам каква е таа жалост поради сопругот Милутин кој почина во декември 2021-та година, а од тогаш до сега таа постојано концертно настапува пее и жирира, единствено што не дава изјави зошто тие ја разжалостуваат?!? Па ова не само што е смешно, туку е и класична увреда за просечна интелегенција. Да не нагласувам колку со оваа изјава се обиде да ги потцени новинарите овде, каде дошла да заработува и каде ја третираат како Богиња !?!
И покрај тоа што неколку пати се обидовме на различен начин да и пристапиме и посакавме за спомен да се фотографираме таа не го промени односот и својата ароганција која на моменти беше навистина непријатна. Во тие мигови се прашував дали е оваа онаа Бекута која ја гледаме на ТВ, која изгледа мило, грижливо и добронамерно им дели совети на своите пулени?!

Едвај стана да се поздрави со седмата сила и при тоа постојано нешто негодуваше. Таа на овој начин да се однесува во Србија со српските новинари и медиуми нема повеќе да постои на естрадната мапа, ама кај нас на сите се им е дозволено!
Рака на срце, вечерта на 27-ми мај кога требаше концертно да настапи на втората пред фестивалска вечер на градскиот плоштад во Валандово, одлично во живо ги отпеа своите најдобри песни, кои ги врза во сплетови и ги скрати, но сепак одржа убав концерт и доби силни аплаузи од присутната публика.
Инаку Бекута беше сместена во хотел “Романтик” во претседателскиот апартман, и имала посебни барања кои биле испочитувани. Во хотелот секогаш појадуваше и ручаше сама, а на келнерите кои ја служеа им нагласила дека во Дојран рибата што ја изела ќе ја држи цела година. Очигледно дека барем дојранската риба и се допаднала.
Ден по концертот кога екипата од музичкиот портал “Музика24” и пристапи на големата Ана Бекута да и каже дека концертот беше одличен сакајќи истовремено да ја прашаме зошто не отпеа една наша омилена песна од нејзиниот репертоар, таа ладнокрвно со полусвртен грб ни одговори: “Па, ете така, не ја отпеав” и си замина оставајќи не со подзината уста за одговорот што искрено не го очекувавме дека ќе го добиеме од една дама и голема естрадна звезда. Бекута е доказ дека правила нема кога се во прашање ѕвездите, за кои сметаме дека кога се пославни и поголеми се поедноставни, но таа очигледно со годините станала премногу хировита и премногу арогантна, а со тоа и премногу одбивна.
На крајот да резимираме таа си замина офајдена од нашите пари, пеејќи делови од нејзините песни, медиумите не ги испочитува ни елементарно, на фестивалот не се појави, а “Стариот Џумбушлија” ја испеа на крајот од концертот колку да не го прескокне. Бекута наместо сјај фрли сенка на годинешниот “Фолк фест Валандово” и се надеваме дека во иднина Општина Вландово добро ќе размисли кога ќе ангажира ѕвезди од надвор да им нагласи дека се обврзани да соработуваат со седмата сила и дека покрај концертот треба да дадат изјави за медиуми и да ги испочитуваат домаќините кои ги повикале.
Подготви: Иван Јосимовски
