Во вторник (6 јуни) со почеток во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Фидан” на кој ќе настапат пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева. На програмата се дела за две пијана и четирирачно пијано од Бах/Куртаг, Сен-Санс, Рахмањинов, Сен-Санс/Дебиси, Пјацола и Мијо.
Рециталот започнува со прекрасната мелодија на Баховата Кантата бр. 106 и продолжува со „Six Morceaux” на Рахмањинов, збирка извонредни парчиња за четирирачно пијано. Следува „Adios Nonino” од Пјацола, а мелодијата продолжува да го обликува својот пат низ пасажите на „Danse Macabre” од Сен-Санс и транскрипцијата на Дебиси за две пијана на „Introduction et Rondo capriccioso” од Сен-Санс. Во програмата е вклучена и изведбата на фантастичната композиција „Scaramouche” од Дариус Мијо. Со трите ставови на „Scaramouche”, секој со свој посебен карактер, публиката ќе има можност да ја доживее интригантната енергија на првиот став до нежните и интроспективни мелодии на вториот и конечно да кулминира во раскошното финале нареченo „Бразилеира”.
