Фестивали

Прва песна па победа: Дебитантката Пепита Бојкова победник на “Фолк Фест Валандово 2022” (Фото+Видео)

Како и секоја работа во животот, така и оваа, има свој почеток и свој крај. После неколку годишна пауза поради коронавирусот, годинава во Валандово се одржа 35-то јубилејно издание на најстариот, познат и препознатлив македонски фолк фестивал, “Фолк Фест Валандово”.

Годинава, за разлика од останатите, фестивалот се одржа во една фестивалска вечер во која беа претставени 23 новосоздадени композиции, претходните две вечери кои вообичаено беа дел од официјалната програма и дел од фестивалот, овој пат беа заменети со таканаречена ОФФ програма, односно, музичка програма надвор од рамките на фестивалот, а се во име на добрата и квалитетна македонска музика и забава на граѓаните на Валандово и околината.

Како што беше и најавено, првата вечер од ОФФ програмата во центарот на Валандово стартуваше со Горан и Ленче Кукиќ и Александар и Дац. Втората вечер пак, ја отвори групата “Љубојна” која за прв пат настапуваше пред валандовчани. Направија вистински бум, со голем број на свои, но и добро обработени и аранжирани песни од други пејачи, концертот на кој што присуствуваше и екипата на музичкиот портал Музика24 беше вистинско задоволство за ушите, расположението и општото добро на сите кои присуствуваа и уживаа во тие час и половина.

Истата вечер настапи и нашиот и добро познат романтичар Владо Јаневски кој рака на срце наместо да ја продолжи постоечката весела и разиграна атмосфера, тој истата ја спласна со неговите балади кои и покрај тоа што се страшно добри хитови и тука нема разговор за тоа, едноставно сите беа тивки, и наместо забавата да продолжи, таа одеднаш застана. Концертот на Јаневски траеше до 2 часот во полноќ, по што следеше новиот ден и подготовките за сето она што претстои.

Главната и единствена валандовска фестивалска вечер ја стартува препознатливиот водителски пар Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев кој што неколку години наназад се водители на “Фолк Фест Валандово”. Први на сцена и чест да го отворат фестивалот беа Ацо Георгиевски и Марија Петровска кои со песната “Само покрај себе” се претставија пред присутната публика, како и пред гледачите на првиот програмски сервис на МРТВ кои и овој пат вршеа директен пренос, што е за почит и поздравување. По нив се редеа и останатите изведувачи кои беа следни за настап пред македонската публика.

За време на фестивалот обезбедувањето имаше мал инцидент со присутните новинари на кои најпрво им беше кажано дека ќе бидат смесени на еден дел од салата за да можат професионално и како што треба и доликува да го проследат фестивалот, за потоа по кратко време да бидат преместени на другиот дел од салата, поради сеуште непознати причини.

И оваа година фестивалот понуди многу музика, но само неколку од нив се квалитетни песни кои сигурни сме дека и по ова фестивалско издание ќе се издвојат и ќе бидат меѓу најслушаните од овој музички фестивал.

По 23-та композиција “Ноќва долга Валандовска” која на сцената ја отпеа Нино Величковски, започна гласањето на присутната публика, и веќе најавеното и споменато жири составено од изведувачи, новинари и музичари. А за време на гласањето и по него, на сцената во ревијалниот дел свое шоу имаше легендата на македонската фолк музика Блага Петреска, која и овој пат иако на плејбек, емотивно ја пееше секоја песна како да ја пее за прв пат. Секоја чест. Таа како дел од своето шоу ја отпеа и хит песната, дуетот со Гоце Арнаудов “Пеам да не заплачам”. Во продолжение подолу можете да ги погледнете тие емотивни моменти од шоуто на Блага Петреска.

По одличното шоу на македонската фолк пејачка Блага Петреска, односно, по ревијалниот дел, водителскиот пар на “Фолк Фест Валандово” излезе на фестивалската сцена да ги соопшти резултатите од гласањето на присутната публика, како и гласовите од жирито.

Наградите беа распределени на следниот начин:

  • Награда за животно дело му беше доделена на Костадин Костадиновски, кој поради оправдани причини не беше присутен на фестивалот,
  • Награда за текст доби Ѓорги Барбаровски за песната “Патувам”, а ја исполни Љупчо Ѓеорѓијоски,
  • Награда за аранжман доби песната “Љубов, ах љубов” која на сцената ја исполни Сузана Спасовска,
  • Награда за најдобар дебитант на “Фолк Фест Валандово 2022” беше прогласен Бранка Соколовска, која ја отпеа песната “Слики”,
  • Награда за најдобра вокална интерпретација му беше доделена на Далибор Ѓошиќ кој ја изведе песната “Каде си”,
  • Трето место му беше доделено на Ефто Пупиновски, кој ја исполни преемотивната и страшно добра песна “Изгубени души”,
  • Второто место и беше доделено на Лилјана Прнаркова која ја исполни песната “Стариот јавор” и
  • Првото место и беше доделно на Пепита Бојкова од Валандово која ја исполни песната “До мојот последен ден”, едно ќе заклучиме интересна песна но не толку добра за да го добие првото место и биде победник на 35-то издание на “Фолк Фест Валандово”.

Факт е дека валандовската публика е секогаш локал патриотска и вообичаено на овој фестивал победуваат валандовчани или пак струмичани, многу ретко првата награда оди онаму каде навистина треба да биде. Се уште не ни е јасно од кого беа доделени оние три места, дали од публика или од жири, бидејќи и публиката а и жирито посебно гласаа, што по некоја логика би значело дека би требало да има и посебни гласови, зар не?! Во ексклузивна изјава за Музика24 која дополнително ќе ја објавиме, победничката на 35-то валандовско издание изјави дека ова и е прва песна, со што сепак се се навраќаме и на нашиот наслов со кој и го започнавме текстот: Прва песна, па победа.

Но како и да е, ниту имаме намера ниту пак сакаме да им се мешаме на високите политики кои насекаде ги има, па дури и во овие музичко-естрадни води.

До следната година, до следното Валандово… живи и здрави!

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: