Фестивали

Прва прес-конференција, големи очекувања и едно исполнето ветување: Штип е подготвен за 41-то издание на „Макфест“

Штип повторно е во знакот на музиката. По свеченото кревање на макфестовското фестивалско знаме, денеска точно напладне се одржа првата официјална прес-конференција со која и официјално започна фестивалската приказна на 41. издание на „Макфест“.

Пред акредитираните медиуми, за фестивалските очекувања, подготовките и музичките изненадувања говореа водителот Димитар Атанасовски, уметничкиот директор Роберт Саздов и познатата македонска пејачка Лара Иванова, која годинава има посебна причина за задоволство – ќе добие признание за најслушана песна меѓу двете фестивалски изданија.

Само неколку часа пред првата фестивалска вечер, уметничкиот директор Роберт Саздов откри дека подготовките се завршени, оркестарот е максимално подготвен, а очекувањата се големи.

„Од година во година забележуваме дека фестивалот бележи напредок во секој поглед. Ќе видите вечерва и утре вечер дека и од технички и од музички аспект е сè подобар и подобар во однос на минатите години. Оркестарот е одлично подготвен, а вечерва имаме одлични песни“, истакна Саздов.

Тој посочи дека на првата вечер ќе настапат и помалку познати изведувачи, од кои дел се дебитанти, но и дека конкуренцијата ќе биде интересна, со оглед на тоа што само шестмина од нив ќе обезбедат место во втората фестивалска вечер.

Посебно внимание привлече и Лара Иванова, која годинава ќе биде наградена за најслушана песна меѓу двете фестивалски изданија. За Лара, ова признание има и посебна емотивна вредност, бидејќи токму на сцената на „Макфест“ започнала нејзината музичка приказна.

„На Макфест започна мојата музичка кариера. Првата песна ја претставив токму тука и од 2019 година па сè до сега секојпат со задоволство се враќам на овој фестивал. Имам само убави спомени и навистина ми е мило што повторно сум дел од оваа приказна“, изјави Лара.

Таа не пропушти да ја спомене ниту песната „Бела“, која ја опиша како најголем македонски хит во последните десет години, изразувајќи надеж дека и во иднина повеќе песни ќе го добијат ваквото признание. А дали вечерва ќе се родат нови музички хитови? Лара веќе има позитивно мислење!

„Ги слушнав песните кои вечерва ќе настапуваат и дефинитивно знам дека ќе имаме уште неколку хитови и оваа година“, порача таа.

Ако мислевте дека и оваа прес-конференцијата ќе помине само во официјални изјави и фестивалски најави, се излажавте! Еден интересен момент се случи благодарение на водителот Димитар Атанасовски, кој покажа дека даденото ветување треба и да се исполни. Имено, на претходната прес-конференција во Скопје, Димитар ги вети своите билети за седење на новинарката и колешка од интернет-порталот „Свет Австралија“, Билјана Крнческа, откако таа реагираше дека медиумите немаат можност да го следат фестивалот од фестивалската сала. Денеска Атанасовски го исполни ветувањето и ѝ ги подари билетите. Мал гест, но со големо значење – особено кога станува збор за почитта кон новинарите и нивната работа. Браво за Димитар!

На прес-конференцијата беше промовирано и ЦД-изданието на кое се наоѓаат сите песни од двете фестивалски вечери.

По официјалниот дел, фестивалската атмосфера продолжи со генералната проба, на која изведувачите ги проверуваа своите настапи, песните и сценските подготовки. Сè е подготвено, оркестарот е на место, изведувачите се подготвени, а Штип е пред уште едно музичко доживување.

За неколку часа започнува првата фестивалска вечер на 41. издание на „Макфест“, а сите љубители на македонската музика ќе имаат можност да го следат фестивалот во живо на првиот канал на Македонската телевизија, со почеток во 20:15 часот. Дали вечерва ќе слушнеме песна што ќе стане нов голем македонски хит? Дали меѓу помалку познатите изведувачи се крие идната музичка ѕвезда?

Одговорите пристигнуваат од Штип – градот кој и оваа година живее за музиката!

Од Штип за Музика24: Иван Јосимовски

Фото: Музика24

Можеби ќе ве интересира: