Театарот „Војдан Чернодрински“ се вклучува во одбележувањето на трети ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп. Имено, на втори ноември 2026 г./ понеделник/ од 20:00 часот во Сцена 105 ќе ја прикаже претставата „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Со изведбата на претставата ќе се одбележат и шестте награди што беа освоени на двата фестивали:МТФ „Војдан Чернодрински“ и меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Воедно по изведбата на претставата на актерот Александар Степанулески ќе му биде врачено признанието за најдобар актер доделено на фестивалот „Ристо Шишков“.
На јубилејниот МТФ „Војдан Чернодрински“, театарот за претставата освои пет награди; костимографија (Марија Пупучевска),сценографија (Валентин Светозарев), актер Сара Спиркоска (Млад актер), Димитар Ѓорѓиевски ( награда за машка главна улога) и наградата за режија за Дејан Пројковски.
На фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ актерот Александар Степанулески ја доби главната награда за улогата на Луков, при што вели дека театарот „Војдан Чернодрински“ е „место на негово раѓање“ и секогаш ќе биде тука.
„Вложив многу труд, а при тоа ми се отворија многу различни светови, и на крајот се валоризира позитивно.“ – вели Степанулески.
Претставата „Црнила“ е актерска и режисерка исповед. Отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.
Автор на музиката е Горан Трајковски, драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, а играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска – Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.
Од Прилеп за Музика 24 известува: Христијан Ангелески
