Фестивали

“Русинка” е евровизиската песна со која Влатко Илиевски ја претставуваше Македонија на Евровизија 2011 во Германија

“Русинка” е песна во изведба на Влатко Илиевски со која тој ја претставуваше Македонија на Евровизија 2011 во Диселдорф, Германија, но не успеал да се квалификува во финалето. За првпат песната била изведена на Скопскиот фестивал 2011 година, заедно со деветнаесет други песни, и го освоила првото место, со гласовите и од жири комисијата и од публиката.

Покрај македонската верзија на песната, таа била снимена и на три други јазици. Музичкиот спот за песната, снимен во HD-технологија, во режија на Бошко Столиќ, премиерно бил претставен на 17 март 2011 година.

“Русинка” е компонирана од Григор Копров, Владимир Дојчиновски – Дојчин и Јован Јованов, додека текстот го напишал Марко Маринковиќ – Слаткар. Музиката внесува модерен стил измешан со традиционална руска музика. Стиховите се во врска со момче од Македонија што се вљубило во една девојка, русинка, велејќи дека тој не разбира што таа зборува, но ќе научи само заради неа. Во текстот се споменуваат и традиционалните пијалаци на двете земји (Македонија и Русија) – вотка и ракија.

Покрај македонската верзија на песната, таа била објавена и на три други јазици:англиски (“Russian Girl”), српскохрватски (“Рускиња”/”Ruskinja”) и руски (“Русская девушка”). Меѓутоа, песната била изведена во својата оригинална верзија, на македонски, со една фраза на руски јазик. Песната за првпат била изведена на 27 февруари 2011 година на Скопје Фест 2011 како 19-та по ред од вкупно 20 песни. На крајот била првопласирана и станала победничка со по 12 поени од публиката и стручното жири составено од 10 членови.

Музичкиот спот за песната премиерно бил претставен на 17 март 2011 на официјалната евровизиска веб страница eurovision.tv на YouTube. Снимањето на спотот траело 12 часа и е изработен одеднаш, без видео монатажа. Во спотот се појавува екипа од 12 изведувачи кои ја придружуваат македонската манекенка Елена Трајановска. Таа била позната како единствена македонка избрана на кастингот за нови модели во модната агенција “Жена во Милано” (“Woman in Milan”). Видео спотот бил снимен во HD-техника, а режисер бил Бошко Столиќ. Исто така, биле снимени уште четири други видео спотови, за секоја од верзиите на странски јазик.

Песната била изведена во второто полуфинале на Евровизија 2011 во Диселдорф, Германија, но со освоени 36 поени не успеала да влезе во финалето.

Подготви: Редакција Музика24

Музика24 – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Можеби ќе ве интересира: