Изминатите два дена во Валандово се оддржа 34-то издание на најпознатиот и најстар музички фестивал на македонската новосоздадена песна “Фолк Фест Валандово 2019”. Како што беше најавено, тоа и се случи. 30-ти мај – вечер посветна на веќе познати и докажани текстописци, ревијална вечер со изведба на композициите од веќе избраните четворица најдобри текстописци, песни кои со години наназад се пејат и се еден вид на културно наследство како на овој музички фестивал, така и на македонската народна музика. Вечер исполнета со многу емоции, сеќавања и чувство на тоа како некогаш било и како треба да остане, но сепак да има и одредна доза на модерното време.
Втората вечер или позната како натпреварувачката вечер, кога на сцената се натпреваруваа 20 композиции и не започна баш како што и сите очекуваа. Можеби гледачите на Македонската телевизија тоа и не го забележаа, но сепак се прашуваме зошто е потребно и во музиката да биде вмешана политиката и сето она што е поврзано со неа.
Водителскиот пар, оваа година преубавата Ирена Спирковска и познатиот тв водител и текстописец, а од најново и советник на премиерот на Р. Македонија, препознатливиот баритон Горѓи Калајџиев, уште на самиот старт на втората вечер беа исвиркани од страна на присутната публика споменувајќи го новото име на нашата држава. Фестивалската вечер продолжи со најава на по 5 композиции и со вклучување од позади сцената каде после настапот на петиот и последен пејач од секоја група, водителскиот пар разговараше со сите изведувачи.
Според публиката и она што се т.н. шпекулации од фестивалските ходници, најдобро прифатена песна која доби и најголем и заслужен аплауз, беше композицијата “Седма зима”, која што ја исполни младата дебитантка Елена Андоновска. Патем, долго време не се памети кога толку голем број на млади и одлично спремни дебитанти настапиле на овој музички фестивал. И покрај тоа што сите очекуваа веќе споменатата композиција да ја добие првата награда од публика и жири, сепак истата го подели третото место заедно со Благоја Груевски и Јовица Мицевски.
Втората награда, сепак според локал патриотските гласови на присутната публика, им припадна на “Распеани Валандовчани”, кој случајно или не, настапија како последни на фестивалската вечер, или како што се вели како шлаг на јаготка. И првата награда му припадна на веќе докажаниот и надалеку познат Драган Мијалковски кој со композицијата “Илина” ги освои гласовите и на стручното жири и на публиката. Иако според некои пејачи и музички имиња овој голем музичар требало да се најде во првата ревијална вечер, а не да се натпреварува рамо до рамо со младите кои веќе допрва треба да се борат и докажуваат, сепак тоа е одлука на организаторите и сите оние кои го имаат последниот збор на овој музички фестивал, а и рака на срце, песната сама по себе е и ќе биде голем хит.
“Некако не ме влечеше помислата да се појавам на натпревар, на фестивал. Некакви ревиски би прифатил сигурно, имам такви одвреме навреме настапи и сосема спонтано Љупчо Трајковски – Фис, авторот на песната ми ја понуди и јас прво бев инпресиониран од скромноста со која што пристапи, а со него се знам со години наназад. Од материјалот што ми го пружи се забележува дека станува збор за еден вистински професионалец, нотен заспис, текст, снимка… јас видов нешто во моментот што е достојно да го земам, да го подготвам и како професионалец и јас да се појавам. Изгубен во просторот, во смисла дека незабележав дека ќе дојде до натпревар”, изјави Драган Мијалковски за Музика24 и естрадниот интернационален магазин “Свет – Австралија”, веднаш по прогласувањето за победник и додаде:
“Сосема е реално да се очекува дека песнава ќе земе место помеѓу тие, постарите хитови. Ако под прво можеме да речеме дека е со голем распон, дека има уметнички во себе компоненти… текстуално се држи на нашата традиција обично тие се тие, да ги наречам свадбарски теми. Песни во кои што најголем број на народни песни се досега изведувани, но и тука има нешто интересно што се јавува во модернистичко време, а со следна таква тема кое што можеби на некој од прво не му звучи. Но ќе помине време и ќе си ја подпевнуваат луѓето песната. Добро е што спаѓа во жанрот на песни, песна со неправилна мелоритмика единаесетосмински пар, тоа играорците најдобро го знаат. Оркестарот со истиот емотивен набој како и јас тоа го работеше, затоа што колективен е чинот. Од управата на Валандово, верувам и од уметничките креатори на фестивалот, верувам и од жирито имало некакви потреби и сакам да се вратиме на патеката на квалитетот”, додаде победникот на “Фолк Фест Валандово 2019”.
Освен првите три награди беа доделени и други, па така за најдобар дебитант беше прогласена младата и секогаш оргинална Стојне Николова, која ја отпеа композицијата “Едно засекогаш” дело на Кристијан Габровски. Награда за најдобар текст во чест на прерано починатиот Мирче Карамучев ја доби текстописецот Огнен Неделковски за песната “Бараш крадец” во изведба на Горан Тодоровски. За жал оваа година некои песни кои навистина заслужуваа да се најдат помеѓу наградените воопшто не се најдоа во истите. За време на гласањето публиката ја забавуваше македонската фолк дива Сузана Спасовска која уште еднаш на сите им покажа како цврсто, храбро и самоуверно се држи комплетното внимание на публиката.
И на самиот крај од ова наше видување на годинешното издание на “Фолк Фест Валандово”, како единствен специјализиран македонски музички медиум, сакаме да се заблагодариме пред се на Градоначалникот на Општина Валандово и целиот тим кон неуморно беа со и околу новинарските екипи и неуморно ни помагаа за целовреметраење на фестивалот, кој патем ја имаше можеби и една од најдобрите години од своето постоење. Следната година фестивалот ќе трае три дена, две полуфинални и една финална вечер.
Редакција Музика24
