Фестивали

Со победа на Мишко Крстевски, заврши 36-то издание на “Фолк Фест Валандово” (Фото)

Како и секоја година, така и оваа, традиционално по 36-ти пат се одржа најпознатиот и највлијателен музички фолк фестивал во Македонија од каде изникнаа многу музички кариери на многу познати македонски, но и балкански музички фолк имиња, “Фолк Фест Валандово”.

Како што и беше најавено, така и се случи. Новиот помодерен и повпечатилив концепт очигледно им се допадна на валандовчани и општо на македонската публика која со години го следи овој музички фестивал. Првата пред фестивалска вечер таканаречена офф вечер која е во рамки на самиот музички фестивал, се одржа на градскиот плоштад во Валандово. Неа ја отвори брендот на Валандово – на далеку познатата и препознатлива по својот глас, Лилјана Парнакова која пред присутната публика во живо ја отпеа песната “Стариот јавор” минатогодишната добитничка на втора награда. Веднаш по неа се појави младата и симпатична минатогодишна победничка Пепита Бојкова која на сцената ја отпеа “До мојот последен ден”, а воедно присутната публика за прв пат имаше можност премиерно да го погледне и видео спотот за истата песна кој е снимен низ валандовските улици.

Веднаш потоа, нашиот колега новинар и водител во познатото Радио Валандово – Дионис Нунов, музичката пред фестивалска програма ја продолжи со најава на “Распеани Валандовчани” кој во свој претпознатлив стил отпеаа познати валандовски песни, како и познати македонски народни песни. За по нив на сцената да се појави нашиот македонски пејач Јоце Панов кој со своите песни и преработки само го поткрена расположението на публиката. На самиот крај од музичката вечер и програма еден од најпознатите балкански музички имиња, познатиот и се уште многу популарен и баран, Жељко Самарџиќ, својот настап и концерт го започна со легендарната и секогаш незаборавна “Грлица”. Оваа позната музичка ѕвезда во вистинска смисла на зборот, додека го одржуваше својот концерт во живо пред валандовчани каде воопшто не се штедеше како со својот глас и песна, комплетно им се посвети на своите фанови, додека ги пееше препознатливите негови хитови често ќе застанеше да се фотографира со дел од публиката или пак ќе земеше мобилен телефон од некој од публиката додека го снима и продолжуваше да ја пее песната. Навистина народен и присебен човек. Сега ни е јасно зошто е толку популарен и зошто сите го сакаат.

Вториот пред фестивалски ден за нас новинарите започна мошне интересно. Беше најавено доаѓањето на познатата српска музичка ѕвезда, жири во најгледаното музичко реално шоу “Ѕвездите на Гранд” – големата Ана Бекута. Но и покрај тоа што сите ја претставуваат како голема, позната, жена со препознатливи и многубројни хитови… таа кон сите нас новинарите се однесуваше арогантно, ладно, како да и е сеедно што валандовчани после толку многу години ја повикале онаму каде што пред децении има настапено… Но за сето ова наше искуство со Бекута, нешто подоцна.

Со задоцнување од половина час, валандовчани втората офф вечер ја започнаа со легендата на македонската народна музика – Ефто Пупиновски. “Туѓа си бескрајно”, “Лихнида кајче веслаше”, “Тинке Катинке”, “Врати се бела Марија”, “Пеј со добро вино”… беа само дел од песните која што оваа наша голема македонска жива легенда ги отпеа пред присутната публика. Заслужува едно големо Браво, но и почит, што една таква музичка легенда и покрај се застанува на сцената и пее, односно, се појавува пред т.н. ѕвезда од Србија и Балканот, Ана Бекута. Не знаеме само зошто секогаш го вреднуваме туѓото кое не понижува и не не вреднува за разлика од нашето кое е наше и ничие туѓо, вреди и си го сакаме. После Ефто Пупиновски на сцената се појави Ана Бекута која ниту една песна не ја допеа до крај, и речиси сите песни ги пееше како во многу музички сплетови. Втората пред фестивалска или офф вечер заврши со познатата македонска група “Куку Леле” препознатливи и познати кај младата публика која остана до раните утрински часови на градскиот плоштад забавувајќи се со нив и нивните хитови и преработки.

И оваа година, официјалната фестивалска вечер според новиот концепт на фестивалот беше пренесуван на првиот канал на Македонската телевизија. Стандардно почетокот во 20.30ч. во фестивалската сала “Јанко Узунов”. Честа фестивалот да го отвори ја имаше Анета Мицевска и групата “Молика” со песната “Букети од сомнежи”. Во текот на вечерта, присутната публика, а и гледачите на МТВ1 имаа можност да ги видат и слушнат и настапите на Перо Христов, Мишко Крстевски, Елена Андонова, Андријана Ацевска, Нино Величковски, Ефто Пупиновски… па се до последната песна “Најди збор” во изведба на Игор Ангелов. Одличните најави на Ирена Спировска и новинарскиот валандовски бренд Ѓорѓи Калајџиев само му дадоа одреден шарм и тежина на фестивалот. По официјалното преслушување на сите композиции имаше гласање каде сите присутни имаа можност да го дадат својот глас во една од гласачките кутии. А веднаш по гласањето во таканаречениот ревијален дел кој му беше посветен на македонскиот виртуозен хармоникаш и музички творец Милан Завков настапија речиси сите учесници кој отпеаа цела или дел од негова позната песна.

По ревијалниот дел каде присутната публика а и гледачите едноставно уживаа 30-на минути, започнаа доделувањата на награди. Наградата за животно дело, постхумно му беше доделена на нашиот Ѓоко Дончев. Истата ја подигна неговата ќерка која емотивна го доживеа тој момент. Наградата за најдобар дебитант ја доби Андријана Ацевска за изведба на песната “Проклет да си”. Награда за текст добри песната во изведба на Нино Величковски, “Песна беше живот мој”. Награда за најдобар аранжман доби Дарко Илиевски за композицијата “Ни седум неба, ни седум гори”. Награда за најдобра интерпретација доби Елена Андонова за композицијата “Ни седум неба, ни седум гори”.

  • Наградата за трето место добива композицијата “Букет од сомнежи”, во изведба на Анета Мицевска и група “Молика”;
  • Награда за второ место добива композицијата “Ни седум неба, ни седум гори”, во изведба на Елена Андоновска и
  • Награда за прво место добива композицијата “Ема убава”, во изведба на Мишко Крстевски кој како што изјави за Музика24, оваа песна е посветена на неговата внука.

Голема благодарност до Градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов и Глигорије Џилвиџиев од Општина Валандово кои годинава се потрудија на нас новинанрите да не ни недостасува апсолутно ништо. Благодариме за соработката и секако се надеваме и веруваме дека истата ќе продолжи и следната година и дека нашата соработа се повеќе и повеќе ќе се продлабочува.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: