Со свечена церемонија и дефиле на културните уметнички друштва од Македонија, Бугарија и Србија вчера вечер во Берово беше отворено новото издание на „Етно плоштад фестивал“. Фестивалот и годинава се одржува во центарлното подрачје на Берово, на градскиот плоштад „Димитар Беровски“.
Имено, со говорот на градоначалникот на Општина Берово, Г-дин Звонко Пекевски, за отворен беше прогласен и фестивалот, но и саемот на традиционалните малешевски производи „Малешевијата на дланка“.
„Овој фестивал претставува празник на нашата богата културна ризница. На народната песна, игра, народните обичаи и ракотворбите кои со генерации се пренесуваат и негуваат во Берово и Малешевијата. Тој е симбол на нашата традиција и на нашата гостопримливост кон сите оние кои доаѓаат и ја почитуваат магијата на етно духот“, изјави градоначалникот Пекевски.

На првата фестивалска вечер со музички настапи се претставија културни уметнички друштва од Малешевијата, но настап имаа и културни уметнички друштва од Бугарија и Србија, а сите тие на најдобар начин ја претставија државата од која доаѓаат. Покрај културните уметнички друштва музички настап имаше и еден од најпопуларните музичари од Македонија, Игор Димовски и неговата позната и надалеку призната „Пауза за ракија“, а веднаш по Игор Димовски и пауза за ракија настап имаше dj-џеј Роби Реј.
Фестивалот е навистина убав, и едно е сигурно – Берово и Малешевијата наредните денови ќе бидат центар на музичките случувања.
Музичкиот портал Музика24.мк, и годинава е медиумски партнер на „Етно плоштад фестивал“ и Општина Берово. Наша екипа ќе Ве известува и од овој познат македонски музичко-забавен фестивал, затоа следете не и бидете со нас.
Од Берово за Музика 24: Христијан Ангелески
