Вечерва, 29-ти август, со почеток во 20:30 часот, на сцената на „Долни Сарај“ во охридското крајбрежје, започнува 32-то издание на еден од најпрепознатливите музички фестивали во Македонија – „Охрид фест – Охридски трубадури“. Овој фестивал, кој со години претставува синоним за летна музичка магија, повторно ќе го обедини музичкиот квалитет, културната традиција и туристичката промоција на Охрид.
Фолк вечерта ќе ја отвори овогодишното фестивалско издание, со бројни познати имиња од македонската фолк сцена. На сцената ќе настапат: Горан Тодоровски, Мишко Крстевски, Благица Павловска, групата „Чардак“, Кирил Белистојановски, Петар Нечовски, Драган Николовски, Нино Величковски, Милован Секуловски, Лазе Јанкуловски, Софија Пуровска и Ивана Серафимовска. Во ревијален дел, специјални гости ќе бидат големите имиња Сузана Спасовска и Благоја Грујовски, кои важат за вистински легенди на македонската изворна песна. Водителка на вечерта ќе биде Ирена Спировска, а уметнички директор е Љупчо Соколовски.

На 30-ти август, сабота, публиката ќе ја очекува Интернационалната вечер, која традиционално носи еден поинаков музички шарм и поврзува артисти од целиот Балкан. Меѓу учесниците се издвојуваат Агни Авшар, Горан Наумовски, Тамара Волческа, Ана Петановска во дует со хрватската рок легенда Дадо Топиќ, како и специјалниот гостин – легендарниот Оливер Мандиќ, кој ќе биде награден за безвременски хит со неговата песна „Питају ме питају“. Дополнително, менаџерот Рака Мариќ од Сараево, човекот кој стои зад многубројни концерти на најголемите светски ѕвезди, ќе добие признание за особен менаџерски придонес во популарната музика. Интернационалната вечер ќе ја води Марјана Станојковска, која веќе повеќе од една деценија е препознатливо лице на фестивалот.

„Драго ми е што повторно ќе бидам дел од ова музичко доживување кое секогаш носи убава енергија, квалитет и добра забава за публиката“, изјави Станојковска.
За сите кои нема да можат да бидат во Охрид, фестивалот ќе се пренесува во живо на ТВ „Алфа“, што овозможува музичкото доживување да стигне до пошироката публика во Македонија и регионот.
„Охрид фест не е само фестивал, туку и вистинска платформа за афирмација на млади таленти, признание за докажаните уметници и силна алатка за промоција на Охрид и македонскиот туризам“, вели уметничкиот директор Григор Копров, кој најави дека фестивалот традиционално ќе започне со видеоразгледница посветена на Охрид, што ќе ја гледаат гледачи од повеќе балкански земји.

Со својата комбинација од фолклор, современи музички тенденции и интернационален карактер, „Охрид фест – Охридски трубадури“ и годинава ветува незаборавни вечери исполнети со музика, емоции и спомени што долго ќе останат во сеќавањето на публиката.
Музичкиот портал Музика24.мк и оваа година е горд медиумски партнер на еден од најпознатите летни музички фестивали во Македонија – „Охрид фест – Охридски трубадури“. За време на целиот фестивал, нашата екипа ќе биде присутна на настанот и ќе Ве известува за сите случувања, настапи, атмосфера и новитети поврзани со фестивалот.
Останете со нас, следете го Музика24.мк и бидете дел од сите фестивалски моменти, директно од срцето на Охрид.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото на насловна: Стојан Стојановски – 2С
