Фестивали

Срце, душа и традиција: Познати се изведувачите и 12-те нови композиции на второто издание на „Фолк Фест Владимирово“ (Фото)

Како што неодамна објави Горан Алачки на својот официјален Фејсбук профил, познати се изведувачите и насловите на композициите кои ќе бидат дел од второто издание на „Фолк Фест Владимирово“, фестивал кој годинава ќе се одржи на 21 мај во село Владимирово, Берово.

По успешното и мошне позитивно прифатено прво издание, фестивалот што има јасна мисија – негување, афирмација и промоција на македонската изворна и новосоздадена фолк музика, продолжува да се развива и да го зацврстува своето место на македонската музичка мапа. Минатата година, на сцената во Владимирово настапија добро познати и реномирани имиња од македонската фолк сцена, меѓу кои: Перо Христов, Драган Мијалковски, Жаклина Узунова, Благоја Грујовски, како и други изведувачи кои со своите настапи оставија силен впечаток кај публиката.

Оваа година, организаторот – Културниот центар „Горан Алачки“, најавува уште поразновидна и поквалитетна програма. На фестивалската сцена ќе застанат и други добро познати македонски изведувачи, а меѓу првите потврдени имиња се: Смиља Митревска, Елена Андоновска и Благица Калева, уметници со долгогодишна кариера и препознатлив музички израз.

Во текот на февруари ќе се одржи и втората официјална прес-конференција на „Фолк Фест Владимирово“. Освен претставниците на медиумите, на настанот ќе присуствуваат и изведувачите, авторите, како и сите љубители на македонската музика создадена од срце и душа. Токму на таа прес-конференција, за прв пат јавно ќе бидат преслушани 12-те нови композиции кои годинава ќе бидат изведени на фестивалот.

„Фолк Фест Владимирово“ полека, но сигурно, прераснува во фестивал кој не само што нуди квалитетна музика, туку и создава простор за нови автори, нови песни и свежи идеи, со длабока почит кон македонската традиција и музичко наследство. Како и минатата година, музичкиот портал Музика24 и годинава останува еден од официјалните медиумски покровители на фестивалот, пружајќи целосна, комплетна и максимална поддршка на овој значаен културно-музички настан и на сè што е поврзано со него.

„Фолк Фест Владимирово“ уште еднаш докажува дека македонската песна живее, се создава и се пренесува – од генерација на генерација.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: