И покрај интензивните подготовки за „Филхармонија 2“ – концертот кој Јоце Панов неодамна го најави како проект што ќе прерасне во убава музичка традиција и ќе се одржи на 18 март – македонскиот пејач јасно покажува дека креативниот ритам кај него не запира.
Само неколку недели по премиерата на спотот за песната „Нема жена како тебе“, која беше топло прифатена од публиката, Панов повторно ги изненади своите обожаватели. Овојпат, без сцена и светла, во интимна домашна атмосфера, седнат на клавир, тој сподели две нови видеа на социјалните мрежи, отворајќи уште едно искрено поглавје од својата музичка приказна.
Песната „Алкатраз“, како што вели самиот Јоце, е нешто сосема поинакво од сè што досега го има направено – брза, енергична и изразито „машка“ песна, која зборува за борбеноста, истрајноста и подготвеноста да се оди до крај кога станува збор за љубовта. Од друга страна, „Нема ме више“ ја носи емотивната нота по која Панов е препознатлив – љубовна балада исполнета со искреност, меланхолија и вокална емоција која лесно допира до слушателот.
Од неговиот ПР тим информираат дека двете нови песни ќе ја имаат својата официјална промоција токму на концертот „Филхармонија 2“, а по тој повод ќе бидат реализирани и видео записи. Со ваков континуитет на нови идеи и проекти, Јоце Панов уште еднаш потврдува дека е еден од оние артисти кои постојано се движат напред, без страв од нови предизвици и музички искрености.
Текстот го подготви: Влад Петров
