Во Штип започна 40-то јубилејно издание на „Макфест“ – фестивалот што четири децении ја негува македонската песна. Велат, ако денот се познава по утрото, тогаш вчерашниот ден – 23-ти октомври, државен празник и вистински подарок за љубителите на музиката – беше совршен вовед во големиот јубилеј на најпознатиот македонски фестивал „Макфест“. Сонце, позитивна енергија и добра атмосфера беа совршена најава за тридневниот музички спектакл што повторно го претвори Штип во главен град на македонската песна.
Нашата новинарска екипа уште претпладне пристигна во Штип, а таму – вистински фестивалски дух. Луѓе од сите краеви на Македонија, познати лица од музичката и јавната сцена, и неизбежната возбуда која секогаш го следи овој фестивал.
Точно напладне, во присуство на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, продуцентот на фестивалот Александар Арсовски, уметничкиот директор Роберт Саздов, членот на фестивалскиот совет Јован Јованов, како и дел од учесниците на првата вечер меѓу кои Влатко Иљачев – Валдера, Лара Иванова и Зоран Илиев кои ќе настапат вечерва – во втората фестивалска вечер, беше кренато фестивалското знаме со што и официјално започна јубилејното 40-то издание на „Макфест“.
По церемонијата, во Домот на културата „Ацо Шопов“ се одржа традиционалната прес-конференција за новинарите, на која беа споделени сите детали околу програмата и настапите за вечерта. На отворањето, градоначалникот Иван Јорданов истакна дека „Макфест“ е симбол на Штип и на македонската музика:
„Штип е град на уметноста, на културата, на „Макфест“. Но овој фестивал одамна не е само штипски – тој е македонски бренд што веќе 40 години создава нови хитови и нови музички имиња. Благодарност до сите кои ја негуваат оваа традиција и му даваат нов живот на фестивалот секоја година“, рече Јорданов.
Уметничкиот директор Роберт Саздов со гордост потсети дека фестивалот во своите четири децении создаде над 1.200 композиции, стотици хитови и безброј моменти што се дел од македонската музичка историја:
„Овој пат имаме најдобра сцена досега. Сè е на највисоко ниво – продукциски, сценски и музички. Очекувам и оваа година „Макфест“ да донесе нови хитови кои ќе ги пееме долго“, рече Саздов.
На прашање за тоа дали годинава ќе присуствуваат некои од поранешните ѕвезди на „Макфест“ – гости од Балканот и регионот – познати музички имиња, уметничкиот директор Саздов иако малку зачуден, сепак го одговори следново:
„Со оглед на тоа дека е 40 години јубилеј, и „Макфест“ од сателит се гледа дека е синоним за произвотство на македонска музика, се одлучивме да бидат македонски изведувачи. Имавме само еден контакт со Хелена Благне – победник на првиот „Макфест“. Прифати и кога и беше пратен договорот да го потпише со нејзиниот менаџер тие одлучија дека тие имаат некоја друга активност за овој викенд. Да имавме можност и со други, знаете дека многу се веќе починати. Секако, ќе има пост-хумен блок посветен на сите оние кои веќе не се со нас, а значат нешто за овој фестивал“, истакна саздов, уметничкиот директор на „Макфест“.

По официјалниот дел и генералната проба, ние – новинарските екипи си дозволивме краток одмор и традиционално кафе во едно од најпознатите места во Штип – Angels Cafe. Разговори, насмевки и спомени од минатите изданија беа одлична увертира пред вечерниот спектакл.
По мала пауза и вкусна пастрмајлија – симболот на Штип, следеше упатување кон Домот на културата, каде веќе сè беше подготвено за првата фестивалска вечер. Пред влезот – црвен тепих, гламур, фотоапарати, новинари, гости и учесници кои го отворија јубилејното издание во најдобар можен стил. Како и секоја година, директниот пренос го вршеше Македонската радио телевизија.
По интонирање на фестивалската химна и појавување на веќе препознатливите водители за „Макфест“, Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, во еден емотивен момент, се потсетија на прерано заминатите членови на групата ДНК и други музичари кои биле дел од организацијата на минатогодишните изданија. Целата сала стана на нозе, а аплаузот траеше повеќе од една минута – доказ дека спомените за нив се живи.
Фестивалот свечено го отвори Влатко Иљачев – Валдера со емотивната балада „Сега збогум“, а по него настапија Анастасија Никола, Дорис Ди, Бобан Вељановски, Марија Наумовска, Катерина Овановиќ, Бони и Тами, Дино Петриќ, Санела Шукриевска, Стефан Ефремов, Агни Авшар, Елена Наумова и други дебитанти кои донесоа свеж звук и нова енергија на македонската сцена. Фестивалот беше отсвирен во живо од страна на одлично селектирани професионални музичари.
Во ревијалниот дел, публиката уживаше во изведбите на Наташа Малинкова, Мики Секуловски и Давид Темелков – кој специјално пристигна од Хрватска за настап на јубилејното издание и беше пречекан со аплауз. Тој меѓудругото во живо ја отпеа неговата преубава песна посветена на Македонија. Во текот на вечерта имаше уште неколку изненадувања кои само го вратија духот на старите макфестовски времиња. А за време на ревијалниот дел, присутната публика имаше можност да гласа за својот музички фаворит.
Според гласовите и добиените информации до кој што дојде Музика24, вечерва во втората фестивалска вечер во која ќе се појават голем број на познати и еминентни афирмирани и веќе докажани македонски музички имиња, ќе настапат и: Катерина Јовановиќ, Дорис Ди, Дино Периќ, Агни Авшар и Стефан Ефремов.

Јубилејното издание на „Макфест“ ќе трае три вечери, а во текот на нив публиката ќе ужива во нови композиции, настапи на познати изведувачи и специјален концерт посветен на историјата на фестивалот. Вечерва фестивалот продолжува со втората фестивалска вечер, а истата ќе се пренесува на МРТВ.
„Макфест“ уште еднаш докажува зошто е многу повеќе од фестивал – тоа е емоција, традиција и љубов кон македонската песна.
Од Штип за Музика24: Иван Јосимовски
