Фестивали

Теодора Петруновиќ од Србија ја освои Гранпри наградата на “Канеофест”

Како и секоја година, така и оваа традиционално по 18-ти пат кон крајот на месец јуни во Охрид се оддржа познатиот летен музички фестивал “Канеофест”. И годинава присутната публика имаше можност и привилегија да ужива во одбраните песни, 29 композиции  која од која подобра. Фестивалот беше поддржан од Општина Охрид се со цел за збогатување на туристичката понуда за домашните и странски туристи.

Како што и беше најавено, фестивалот беше отворен со импозантниот глас на оперската дива Зорица Белиќ, која што за оваа прилика специјално пристигна во Охрид, а веднаш по официјалното отворање на фестивалот започна и натпреварувачкиот дел.

На сцената можеа да се забележат млади, но и повозрасни натпреварувачи кои се бореа за дел од наградите. По завршувањето на натпреварувачкиот дел, додека се броеја гласовите од поп и фолк делот, во ревијалниот дел настапија добро познатиот композитор и музичар Горан Милошески, како и Дамјан Димевски кој пред присутната публика предизвика емоции и големи овации со композицијата “Тајно моја” од Тоше Проески. Инаку, ова младо момче е препознатливо по учеството во “Ѕвездите на Гранд”.

Наградите беа доделени на следниот начин:

  • Гранпри наградата во поп делот ја освои Теодора Петруновиќ од Србија со песната “Болна рана”. Автор на оваа песна е самата Теодора, додека пак за музиката и аранжманот се погрижи Горан Милошески.
  • Гранпри наградата пак, во фолк делот ја освои Александар Темелков со песната “Љубов моја”. Текстот за оваа песна е на Александар Темелков, аранжманот на Славко Ристески, додека музиката на Стојан Лазаревски.

Стручната жири комисија која беше задолжена за повеќето награди и која внимателно го следеше целиот фестивал беше составена од Димитар Павловски – текстописец и композитор, Ана Савиќ – сопственик на балетското студио “Ана”, Субија Ижеироски – претставник од фестивалот “Охридско лето”, Иван Јосимовски – уредник на музичкиот портал Музика24 и Јован Трпески – сопственик на Морис продукција.

На фестивалот “Канеофест” со помош на стручната жири комисија и публиката беа доделани и следните награди:

  • Награда за Најдобар текст во поп делот освои Огнен Неделковски за песната “Знам дека имаш друга” во изведба на Деспина Спасовска.
  • Награда за Најдобар аранжман освои Горан Милошески за песната “Знам дека имаш друга” во изведба на Деспина Спасовска.
  • Награда за Најдобра сценска изведба доби песната “Сини очи” во изведба на Милана Лукиќ.
  • Награда за Најдобар дебитант доби Јана Митева која ја исполни песната “Ако ме сакаш”.
  • Прва награда од жири комисијата освои “Амбасадор Бенд” со песната “Нова љубов”.
  • Втора награда од жири комисијата освои Малин Асенов од соседна Бугарија со песната “Љубовен блуз” и
  • Трета награда од жири комисијата освои групата “Уникат” од Битола со песната “Лето ти и јас”.

Останати награди кои беа доделени од страна на стручната жири комисија и публиката во фолк делот, во продолжение:

  • Трета награда од публика освои Здравко Кузески со песната “Свадба”.
  • Втора награда од публика освои Златко Петрески со песната “Чудни пораки”, оваа песна воедно ја освои и Третата награда од стручната жири комисија.
  • Прва награда од публика освои Дејан Добревски со песната “Рашири знаме македонско”.
  • Втора награда од жири комисијата доби Горан Симевски со песната “Марија”.
  • Награда за Најдобар текст доби Петар Миленковски за песната “Пијан од спомени”.
  • Награда за Најдобар аранжман доби Сашо Маџароски Конди за песната “Ветени”.
  • Награда за Најдобар композитор доби Славко Ристески за песната “Марија” и
  • Награда за Најдобра сценска изведба освои Венци Пенев од Бугарија за песната “Мајко добар ден”.

И покрај сите позитивни и убави нешта кои се случија на овогодинешното 18-то издание на летниот музички фестивал “Канеофест”, сепак мала дамка ќе остави малата неорганизираност околу сместувањето на дел од новинарите кои беа дел и присутни на овој музички фестивал. Но искрено да се надеваме дека критиките кои овој пат ги упатуваме до организаторот ќе ги уважи и следната година ќе може да уживаме во Охрид необременети од турбуленциите околу сместувањето.

Можеби ќе ве интересира: