Вчера вечер во центарот на Прилеп стартуваше 47-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Низ прилепските улици се разлеа звукот на гајдата, тапанот… се слушна изворната македонска песна.
По 25 години од смртта на виртуозот на гајда, основоположникот на фестивалот Пеце Атанасовски, професорот Горанчо Ангелов засвири на неговата лична гајда. Тој меѓудругото изјави дека му е огромна чест што може да засвири на гајдата на Пеце Атанасовски, и дека се чувствува пресреќно.
На сцената во центарот на Прилеп настапија дел од учесниците на фестивалот, кој го негува изворниот мелос. Вечерва програмата продолжува на Рудина во Долнени, со почеток од 19 часот, кога ќе бидат доделени и наградите, меѓу кои и Гајдата на Пеце.
Фото: Нова Македонија
