Кога музиката станува повеќе од уметност, а концертот повеќе од настап, тогаш се создаваат проекти како „Bravery of the Brave“. Токму со ова дело, словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич и неговиот ансамбл Kombo BC на 15 октомври ќе го означат почетокот на 45. Скопски џез фестивал во Македонската опера и балет. Станува збор за дело што не ја крие својата општествена ангажираност. „Bravery of the Brave“ („Храброста на храбрите“) е музичка свита инспирирана од луѓето кои и во најтешките времиња наоѓаат сила да се спротивстават, да останат доследни на своите убедувања и да се борат за подобро општество.
Во официјалната програма на фестивалот, проектот е опишан како „политичка музика“, не затоа што нуди политички одговори, туку затоа што покажува дека музиката може да биде простор за размислување, дијалог и заедништво. Проектот првпат беше претставен во октомври 2021 година на фестивалот Jazz & Wine of Peace во Италија, во период обележан со пандемија и силни општествени и политички турбуленции. Во 2024 година, по почетокот на војната во Газа, делото беше обновено под насловот „Bravery of the Brave: Free Palestine“, добивајќи нов контекст. На сцената во Скопје, пак, ќе биде изведено под неговото оригинално име – „Bravery of the Brave“.
Златко Каучич е една од најзначајните личности на европската импровизирана и авангардна музичка сцена. Во својата богата кариера има објавено повеќе од 60 албуми, а настапувал и снимал со имиња како Стив Лејси, Еван Паркер, Петер Броцман, Пол Блеј, Кени Вилер, Бери Гај и Аугусти Фернандез. Неговиот Kombo BC е уникатен ансамбл што ги обединува неговите поранешни студенти и истакнати италијански музичари. Каучич во него не е само перкусионист, туку и композитор, уметнички директор, педагог и диригент, создавајќи музика што се темели на слободна импровизација, доверба и колективна креативност.
По свеченото отворање со Каучич, програмата на првата фестивалска вечер продолжува со Leonhard Skorupa New Quispel Octet, додека полноќниот термин е резервиран за настапот на Пасквале Мира и легендарниот американски тапанар Хамид Дрејк.
Годинашното 45. издание на Скопскиот џез фестивал ќе се одржува од 15 до 18 октомври, носејќи програма што уште еднаш потврдува зошто фестивалот со децении е едно од најважните музички случувања во регионот. Отворањето со Златко Каучич најавува четири фестивалски дена исполнети со врвни светски музичари, смели авторски идеи и џез што не познава граници.
Текстот го подготви: Марија Поповска
