Битола е подготвена да испише ново фестивалско поглавје. Од 9 до 11 октомври, плоштадот „Магнолија“ ќе стане местото каде што ќе се спојат традиционалната македонска кујна, гастрономијата, културата, туризмот и музиката во рамките на првото издание на „Чкембе фест Битола 2026“ – манифестација која уште од своето раѓање има амбиција да прерасне во препознатлив национален и меѓународен гастрономски бренд.
Со особена чест, Музика24 е еден од официјалните медиумски покровители и медиа партнери на фестивалот и во наредните денови ќе ве информира за сите најзначајни случувања од оваа нова битолска приказна.
Во текот на трите фестивалски дена посетителите ќе имаат можност да дегустираат традиционална чкембе чорба и други автентични специјалитети, да ги проследат гастрономските натпревари, кулинарските презентации и изложбите на производители, но и да бидат дел од настан кој има многу поширока цел – промоција на македонската гастрономија како значаен туристички потенцијал.
Првиот фестивалски ден започнува со стручен дел посветен на гастрономскиот туризам. Петок, 9 октомври, покрај официјалниот почеток на фестивалот, ќе биде во знакот на знаењето, искуството и визијата за иднината на гастрономскиот туризам. Во 18:00 часот, во КИЦ Битола, ќе се одржи Првата меѓународна стручно-научна трибина за гастрономски туризам, на тема:
„Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“, со што и официјално ќе започне стручниот дел од фестивалот. Модератор на трибината ќе биде Никола Каровски, дипломиран економист по туризам и угостителство, сертифициран Hospitality Trainer (AHLEI) и Certified Guest Service Professional. Пред присутните ќе се обратат тројца еминентни професори:
- проф. д-р Климент Наумов, кој ќе ја обработи темата „Економските ефекти од понудата на македонската традиционална храна врз домашната економија во Македонија“.
- проф. д-р Науме Мариноски, кој ќе говори на тема „Гастрономскиот туризам како мотив и предуслов за избор на туристичката дестинација“;
- проф. д-р Сашо Коруновски, со предавањето „Улогата на традиционалната и автентичната храна во развојот на културниот туризам во Македонија“.

По завршувањето на предавањата ќе следува панел-дискусија, во која, покрај тројцата предавачи, активно ќе се вклучат и присутните претставници на туристичкиот и угостителскиот сектор, научната јавност, институциите, локалната самоуправа, туристичките организации, хотелиерите, рестораните, туристичките агенции, локалните производители на традиционална храна, универзитетските професори, истражувачите, студентите, стопанските комори и сите заинтересирани за развојот на гастрономскиот туризам. Дискусијата ќе биде посветена на можностите за развој на гастрономскиот туризам, зачувувањето на традиционалната кујна и нејзиното позиционирање како конкурентна туристичка вредност на Македонија и Балканот. Од заклучоците ќе бидат изготвени препораки што ќе бидат доставени до надлежните институции како придонес во креирањето политики за развој на гастрономскиот туризам.
Во вечерните часови, фестивалската атмосфера ќе продолжи на плоштадот „Магнолија“, каде што првата фестивалска вечер ќе биде збогатена со богата културно-забавна програма, со настапи на бројни музички имиња, вокални солисти, фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва. Истата празнична атмосфера ќе продолжи и втората фестивалска вечер, кога посетителите повторно ќе можат да уживаат во музика, традиција и добра забава, како вистински завршеток на дневните гастрономски случувања.
Музика24 ќе биде дел од комплетната манифестацијата, за сите детали во врска со оваа интересна и прва гастрономска и културно-забавна манифестација следете не и во следните денови ќе бидете детално информирани.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
