Имам нешто да те прашам

Александар Галоски: Новогодишните празници се всушност потсетник за тоа колку малку време посветуваме на најблиските (Фото+Аудио)

Потекнува од еден од најубавите македонски градови во Македонија, Тетово, познато по убавото и вкусно тавче гравче. Низ светот е познат како брзорастечка ѕвезда од Балканот со изданија на издавачките куќи Ники Ромеро и Феде Ле Гранд, неговите музички продукции се меѓу врвните во индустријата. Неговата музика е поддржана од светски DJ-и меѓукои ќе ги споменеме Дејвид Гета, Димитри Вегас и Лајк Мајк, Афроџек, Авичи, Хардвел, Ники Ромеро, Феде Ле Гранд, Арти и многу повеќе. Неговиот талент е препознаен и од најголемите фестивали во Македонија каде редовно учествува на сите главни домашни музички настани.

Почитувани, чест и задоволство ни е да ви го претставиме светски познатиот DJ, а сепак наш… Александар Галоски. Што тој одговори во нашето новогодишно интервју, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Александар Галоски: На страна од тоа дека светов се бори со невидлив непријател во изминативе неколку месеци и поминуваме период во пандемија. Годинава ќе ја паметам по најголеми достигнувања и успеси во мојата кариера. Посебно последниве неколку месеци.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено?

Александар Галоски: Лично за себе мислам дека беше одлична и продуктивна година. Лимитираниот број на настани всушност беа одлична можност за продуктивност во студио. Годинава открив и многу млади артисти кои креираат одлична музика во земјава.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Александар Галоски: Изминатите неколку години имав редовно настапи за новогодишната вечер, не сум се уште сигурен за оваа година. Има неколку понуди за настапи, но ситуацијата не дозволува да предвидиме што ќе се случува до тогаш поради мерките и рестрикциите.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Александар Галоски: Се радувам на малечки работи, минатата година добив огромен пакет со разни врсти на чоколади – дефинитивно прав погодок.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Александар Галоски: Го обожавам периодот околу Новогодишните и Божиќните празници и таа цела топлина и еуфорија која е околку празниците, која всушност е потсетник за тоа колку малку време си посветуваме на најблиските, живеејќи во брзо и динамично темпо.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за Новата 2022 година?

Александар Галоски: Да бидам искрен, единствена желба во моментов ми е да заврши пандемијава. За се останато да сме живи и здрави.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Александар Галоски: Да бидат среќни! Среќата започнува од себе и грижата за себе. Кога сте вие среќни, тогаш ќе може и вие да рефлектирате среќа и позитивна енергија на тие околу вас.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: