Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?
Андријана Јаневска: Се радувам затоа што ме потсетува на моето детство, на убавите спомени поминати во спокој со моето семејство. Сега, кога и јас имам две деца, се чувствувам како дете. Се радувам заедно со нив, ја китиме елката и го украсуваме домот.
Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?
Андријана Јаневска: Дедо Мраз постои во секој од нас. Само треба да ја пробие заштитната бариера која ја градиме кон луѓето, сакајќи да се заштитиме себе си од другите, или да ги заштитиме другите од нас самите. Не мора да се подаруваат материјални подароци. Подарете прегратка. Бесплатна е, а понекогаш е најдобар лекар.
Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале во текот на годината. Дали можеби како дете си оставала празни новогодишни чорапчиња и си го чекала подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?
Андријана Јаневска: Секако. Се сеќавам на мојата најсреќна Нова година (1987) кога посакував Дедо Мраз да ми донесе детска розева машина за шиење. Уште во 5-6 утрото се разбудив да ѕирнам дали ми оставил подарок. Кога го здогледав спакуван во украна хартија, на мојата радост и немаше крај.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите дечиња…?
Андријана Јаневска: Дочекот на Новата година за мене означува радост и спокој во семејството. Не мора да е ништо специјално, доволно ми е да не работам, туку да се опуштам во друштво со најблиските. Може сите заедно да гледаме некој филм, а за подароци сум задолжена јас, откако ќе прочитам што моите дечиња и внучиња напишале во писмата до Дедо Мраз под елката.
Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе најважно ти е добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?
Андријана Јаневска: За мене најважно е да сме сите заедно, без никакви обврски. Секој пријател кој сака да дојде е добредојден, кај нас во домот секогаш има место за добар муабет, храна и уште подобра музика!
Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?
Андријана Јаневска: Со сопругот сме вљубеници во книгите, имаме голема библиотека и најчесто си подарувваме книги. Би ме изненадило некое патување, затоа што сакам да патувам.

Музика24: Што всушност за Вас претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?
Андријана Јаневска: Сплотеност, љубов, хармонија, среќа, со еден збор – семејство.
Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?
Андријана Јаневска: Во нашиот дом заедно со уште неколку семејства – музичари. Претпоставувате, ќе има многу музика!
Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакала да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?
Андријана Јаневска: Посакувам пред се добро здравје за сите нас, среќни и исполнети денови со спокој.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?
Андријана Јаневска: Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2020 година! За миг оставете ги грижите, пуштете добра музика и уживајте во животот!
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
