Имам нешто да те прашам

Били Ѕвер: Подарувам и кога не е Нова година

Иако веќе подолго време го нема во медиумите, тој сепак работи и снима нови раперски парчиња кои треба во оваа 2013-та да ги презентира и сите ние да ги преслушаме. Еден е од најпознатите рапери во Македонија, го нарекуваат Били Ѕвер. Што тој вели за Новата година, каде и со кого ќе ја прослави… следува во продолжение…

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува прославата на најлудата ноќ. Дали можеби како некое мало дете го чекаш својот подарок од Дедо Мраз… дали се чувствуваш некако посебно, новогодишно, или сеедно ти е што е Нова година?

Били Ѕвер: Кога бев помал се радував и сакав да украсувам, сега ми е убаво што се наближува Новата година и новогодишните празници, но не се радувам толку многу, едноставно големата радост за Нова година им преостанува на помладата генерација.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за новогодишните празници, за прославувањето на најлудата ноќ? Купуваш храна во изобилство, подароци за најблиските, нешто за себе…?

Били Ѕвер: Па да, храна и подароци купувам, многу сакам да ги изненадам другите, не само за Нова година, туку и во текот на годината сакам кога ќе им подарам нешто што не го очекувале.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Како го доживуваш пречекот на Новата година и дали се случува секогаш кога ни се ближат овие празници тебе да те фати она новогодишното?

Били Ѕвер: Сега ме нервира пукањето на петарди, порано ми беше интересно кога пукавме, по цел ден само пукавме и не можевме ги да сфатиме големите кога ни кажуваа да не пукаме, ама еве сега сфаќам. Едноставно, сакам помирна атмосфера, не сакам многу непотребна галама.

Музика24: Како, каде и со кого ќе ја дочекаш новата 2013-та?

Били Ѕвер: Најверојатно ќе ја дочекаме дома, сега за сега немам испланирано нешто друго, но можно е и тоа да се случи.

Музика24: Кои се твоите планови за Новата година? Што би сакал да ти се случи во неа?

Били Ѕвер: За мене најбитно е здравје, среќа и љубов… се најубаво да биде во Новата година.

Музика24: Што би им посакал на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Били Ѕвер: Нека им е среќна Новата година и новогодишните празници, многу среќа, здравје и љубов и да им се остварат нивните желби.

Интервјуто го подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: