Серијалот на новогодишни интервјуа го продолжуваме со еден од најпознатите црногорски пејачи, Бојан Маровиќ. Бојан викендов настапува низ Македонија, а музичкиот портал Музика24 во пресрет на настапите Ви носи ексклузивно интервју. Во продолжение прочитајте што вели Маровиќ за годината која изминува, новогодишната атмосфера и желбите. Освен тоа Ви откриваме и што следува од Бојан во Новата 2022 година.
Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?
Бојан Маровиќ: Јас сум емотивна личност и искрено не сум подготвен да ме прекоруваат што сум жив и слободен. Меѓу сите овие мерки, сепак имаше малку слобода, и малку насмевки. Меѓутоа нека си биде се по ред, слободата доаѓа наскоро. Тоа не е лесно, но убаво е, претпоставувам дека сите сега сфативме.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?
Бојан Маровиќ: Има песни кои поминаа добро и кои се меѓу народот. Музиката е дел од крвта на овој народ и кога сме тажни сме со музика, кога сме среќни исто така. Има и доста филмови и серии, има навистина многу за набројување и би бил доста долг списокот.
Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате новата 2022 година?
Бојан Маровиќ: Годинава ќе бидам со пријателите, имам концерти и концерти скоро секој ден пред Нова година. Треба некогаш да се биде со семејството и блиските.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?
Бојан Маровиќ: Ооооо да, го обожавам овој период од годината кога сите се среќни и весели.
Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за 2022-та година? И што би им посакате на Вашите обожаватели?
Бојан Маровиќ: Само здравје, а се останато ќе си дојде на свое. Здравиот човек може да направи се.
Музика24: Црна Гора го потврди учеството на Евровизија 2022 година. Дали сте размислувале да ја претставувате Вашата земја или можеби Ви било понудено да биде црногорски претставник?
Бојан Маровиќ: За ваков фестивал треба да се биде многу сериозен, не е тоа излет. Ако се направи квалитетна организација можеби ќе размислам. Сепак, засега не сум убеден во истото. Сепак од срце би сакал да грешам.

Музика24: Луѓето за Вас велат: „Тој не мора ништо да снима, има многу хитови кои секогаш ќе бидат актуелни“. Но какви се Вашите планови за нови песни или можеби албум?
Бојан Маровиќ: Ви благодарам луѓе, имам само 37 години, имам уште многу да кажам. Наскоро ќе има нова песна, но ќе има изненадување со дует, и знам дека ќе ви биде мило за тоа.
Музика24: Викендов после извесна пауза повторно настапувате во Македонија. За жал пандемијата се уште влијае на бројот на настапи, каква е Вашата агенда на настапи?
Бојан Маровиќ: Јас велам доаѓам дома, тоа е за мене Македонија. Настапувам секаде и да бидам искрен, среќен сум поради тоа.
Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски
