Почитувани читатели на единствениот македонски музички портал – Музика24, по повод новогодишните празници и роденденот кои гордо го прославуваме – цели 14 години постоење, повторно ја започнуваме традицијата на ексклузивни, празнични и внимателно селектирани интервјуа со најголемите имиња од македонската и балканската музичка сцена.
Како и секоја година, последниот месец го отвораме со интересни новогодишни интервјуа со музичари, актери, спортисти, јавни личности, па дури и политичари. А за прво интервју во овој празничен циклус, оваа година избравме вистински хит во македонската естрада – познатиот фолк пејач Борче Наумовски – Министерот за естрада.
Што откри тој ексклузивно за Музика24, како ги дочекува празниците, што го прави среќен, каде ќе ја прослави Новата 2026 година, и кои се неговите планови за новите музички проекти – сето тоа и многу повеќе прочитајте во продолжение.
Музика24: Доколку се навратите наназад и направите резиме на изминатата година, кој момент или остварување би го издвоиле како најзначаен и најголем професионален успех во 2025 година?
Борче Наумовски-Министерот: За мене 2025 година е доста плодна година. Во 2025-та имав една голема турнеја во Австралија, тоа беше во април и во мај со мојата колешка Анета Арсовска. Една прекрасна турнеја, една голема турнеја со 12 концерти и седум недели во Австралија. Низ цела Австралија поминавме и генерално да кажам – не бевме преполни, но секаде бевме солидни и одлино посетени. Беше доста напорно, имаше многу патувања – од град во град. Сето тоа е авионски и само оние што биле знаат како тоа функционира и тоа беше да кажам најголем настан што во мојата музичка кариера ми ја одбележа 2025-та година. После тоа, во текот на летниот период следуваа оние фамилијарни прослави (свадби, крштевки – семејни прослави низ цела Македонија). Би ја издвоил и најновата песна која што ја отпеав на годинешното издание на Роса фолк фест „Моја љубов моја судбина“ и искрено многу очекувам од неа. Малку подруг стил – љубовна балада, не е класична фолк песна и така да очекувам доста. Јас сум задоволен од сработеното. Музиката и аранжманот се на Кирил Стојчевски, а текст на Валентин Соклески. Во релативно брзо време ја снимивме песната. Немав многу време да ја доживеам песната, но се надевам дека ја донесов на сцената на начин онака како што сакав.
Музика24: Според Ваше професионално мислење, кој музички проект, песна или изведувач/изведувачка ја одбележа 2025 година, и кои според Вас се клучните фактори што придонесоа токму тој избор да доминира на музичката сцена оваа година?
Борче Наумовски-Министерот: Многу слабо искрено. За 2025-та година нешто да забележам да има… не, дефинитивно не. Минатите години имаше нешто да речеме што може да остане, но токму за 2025 – искрено не.

Музика24: Со оглед на тоа што се наближуваат новогодишните и божиќните празници, како Вие лично се подготвувате за празничната еуфорија и за дочекот на Новата година? Дали и Вие сте дел од онаа празнична новогодишна еуфорија?
Борче Наумовски-Министерот: Не, баш. Кога бевме помлади повеќе ја чувствувавме таа новогодишна еуфорија. Нормално дека и сега повторно се чувствува, но не во таков жар да речам – како порано, како деца кога се радувавме. Се чувствува дека доаѓа Нова година, треба некаде да се претставиме ние – онаму каде што сме поканети, нели. Не дека сум скептичен, но од толку многу настапи што ги имаме насекаде низ светот и насекаде низ Македонија ни доаѓа нешто пак како претставување – како што се претставуваме кога не е Нова година, но сега со мал акцент повеќе, бидејќи нели се празници и е онаа препознатлива празнична еуфорија.
Музика24: Дали постојат некои традиции, навики или мали ритуали во Вашето семејство кои секогаш ги практикувате – како избор на подароци за најблиските, празничен шопинг, подготовка на специјални јадења или нешто што го правите само за себе? Што е тоа што Ви е неизбежен дел од предновогодишната атмосфера? И дали Ви е блиска таа магична, бајковита атмосфера која ја носи празничниот период?
Борче Наумовски-Министерот: Да, тука можам да кажам дека во домашна атмосфера повеќе ја чувствувам и доживувам празничната еуфорија и Новата година, Божик, Василица затоа што мојата сопруга Наташа ужива во сите тие подготовки и работи – како децата мали, а и јас нормално дека сакам домашен амбиент за разлика од настапите каде што одиме. Тоа го доживувам повеќе дома. Сопругата, ќерките исто… од китање елки, до подготовки и што се не… цела куќа ни е како бајка.

Музика24: Верувате ли во новогодишната магија и Дедо Мраз?
Борче Наумовски-Министерот: Верувам… убаво е за малите деца да има Дедо Мраз како што велат. Па не баш… не. не.
Музика24: Но доколку постои и верувате, што е тоа што би сакале да му посакате или порачате, доколку денес имавте можност да му се обратите лично? Која е Вашата неостварена желба досега?
Борче Наумовски-Министерот: Неостварена желба? Фала му на Господ да кажам досега се што сум замислил, што сум зацртал – јас сум девица во хороскоп и голем перфекциониста, и се што сум замислил досега сум ги реализирал и остварил. Говорам за било што, не само од професионален аспект. На лично поле сега-засега некоја голема неостварена желба немам. Се што ќе замислам јас го остварувам. Можеби не сум секогаш задоволен од она што ќе го сработам, говорам општо, но генерално сум многу упорен и голем работник и на некој начин дур не го направам нештото не можам да заспијам. Не можам. Што се однесува до личните мои желби, ако кажам дека неостварена желба наназад… играв многу фудбал како дете. Можеби таа желба да ми остане така како неостварена, но не сум пишман што продолжив со музиката. Навистина бев одличен спортист како дете но ете… тоа можеби ќе остане како некој сон, во другиот живот можеби – не знам.
Музика24: Кои се Вашите лични очекувања и желби за Новата 2026 година – како на приватен план, во однос на семејството и најблиските, така и на професионален план? Што би сакале да реализирате или промените во годината што следи?
Борче Наумовски-Министерот: Пред и се многу здравје, љубов и ксмет. Тоа е најбитно. Другото ќе си дојде нормално. Веќе следната година подготвувам голем концерт – веќе е закажан концертот истиот ќе се одржи во Античкиот театар – Хераклеа во Битола на 22 јули 2026 ( ден среда). Ќе има многу поканети новинари меѓу кои и Вие и Вашата екипа од музичкиот портал Музика24. Концертот ќе биде во рамки на „Бит-Фест“ со одлична организација. Тоа е еден голем музички проект за кој што ќе ми треба голема подготовка – проект со кој што сакам да одбележам 30 години од мојата музичка кариера со сите мои песни отпеани досега. Концертот ќе биде со Камерен оркестар, со поканети гости од естрадата… Се надевам дека ќе биде добро и дека Господ ќе ни помогне времето да ни се погоди и да биде добро, бидејќи концертот е на отворено. Хераклеа има голем капацитет до 4.000 илјади луѓе се надевам и верувам дека целата ќе биде исполнета.

Музика24: По силниот настап на Роса Фолк Фест, дали веќе размислувате за видеоспот за песната „Моја љубов моја судбина“? Имаме ли причина да очекуваме визуелна приказна што ќе ја надополни изведбата?
Борче Наумовски-Министерот: Секако дека да. За оваа песна сигурно ќе има видеоспот, веќе сум во преговори со Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија. Засега соработката ни е одлична и продолжуваме и понатаму. Тимот не го менувам, еве и со екипата која работи на моите песни (музика, текст и аранжман). За оваа песна секако ќе има видеоспот, а еве и ексклузивно да Ви најавам дека до одржување на веќе закажаниот концерт ќе има уште најмалку 3-4 нови песни што можете да ги очекувате од мене.
Музика24: Како и каде планирате да ја дочекате 2026 година, и со кого ќе го прославите овој празничен момент?
Борче Наумовски-Министерот: Сега-засега не сакам да откривам – нека биде изненадување. Иако јас знам каде и како ќе ја дочекам Новата 2026 година… нека остане изненадување за моите фанови и сите оние што ги сакаат и слушаат моите песни.
Музика24: По сите успони и предизвици низ кои што имаш поминато низ животот, од приватните искушенија до јавните победи – дали денес се чувствуваш како човек што е внатрешно исполнет и среќен?
Борче Наумовски-Министерот: Да, да… Фала му на Господ досега сум исполнет и среќен, како што кажав и претходно секоја работа која што ќе ја замислам не спијам додека не ја остварам. Без стрес, но напорно секогаш работам, многу работам за да го остварам она што го сакам. Не говорам само од професионална гледна точка, туку за било што во животот. Така функционирам и така ги воспитувам моите деца. Многу сум сериозен, точен во работата. Кога го работам нештото го работам со љубов. Кога работиш нешто со љубов е неминовен успехот, ова се однесува за се во животот.



Музика24: Венеција е град што многумина го доживуваат како романтика, уметност и времеплов. Вие неодамна заедно со Вашата сопруга бевте таму и имавте посебен повод за прослава. Какво беше вашето доживување – што ви остави најсилен впечаток од престојот и што ви значеше тоа време поминато само за вас двајца?
Борче Наумовски-Министерот: Да, бевме четири дена во Венеција по повод нашата сребрена свадба. 25 години од брак, сребрена свадба… Венеција си поминавме преубаво. Бевме во неколку помалку градчиња кои се во околината на Венеција. На три острови бевме. Многу шетавме, одлично искуство… Во секој случај Венеција е фантазија. Треба да се доживее и секој да прошета и да го види тој убав град. Поинакво ќе му биде чувството на секого, поготово на оној што оди прв пат.
Музика24: За крај на ова новогодишно интервју, која е Вашата новогодишна порака и честитка за читателите, Вашите фанови и обожаватели? Што би сакале да им посакате за посреќна и поуспешна 2026 година?
Борче Наумовски-Министерот: Мојата порака и желба за сите – многу здравје, многу љубов, среќа и некоја паричка повеќе нема да им биде на одмет за време на новогодишните празници. Но пред се здравје. Да веруваат во Господ и секогаш да мечтаат за она што сакаат да го остварат во животот. Само ако веруваат во тоа ќе го остварат.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
