На неодамна одржаното 40-то издание на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“ во Штип, за време на првата фестивалска вечер во ревијалниот дел настапи добро познатиот македонски поп пејач Давид Темелков, кој веќе долги години успешно гради своја кариера и живот во Хрватска. Давид ја разнежни публиката со две свои песни, потсетувајќи нè на неговиот препознатлив глас и харизма што отсекогаш пленеле на сцената.
Екипата на Музика24, која и оваа година беше акредитирана за време на фестивалот, накратко поразговара со Давид за неговиот настап, животот надвор од Македонија, идните планови и новата музика што ја подготвува.
Што откри Давид Темелков за нашите читатели и неговите бројни фанови – прочитајте во продолжение.
Музика24: „Макфест“ е еден од најпрепознатливите фестивали на домашната музичка сцена. Што претставува за тебе Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“ и какво е неговото значење во твојата музичка кариера?
Давид Темелков: Пред се поздрав до сите оние кои моментално го читаат и гледаат ова наше интервју. Морам да кажам дека ми е чест и привилегија што настапувам на јубилејниот „Макфест“. Фестивалот оваа година слави 40 години и мило ми е што ете јас сум дел од ревијалниот дел на првата фестивалска вечер. Не се натпреварувам годинава, и мило ми е што ќе настапам со две мои композиции – со „Моја Македонија“ и со новиот најавен сингл „Слушај штом животот диктира“. Инаку, фестивалот „Макфест“ за мене претставува еден детски сон, една детска желба кога сум бил малечок и кога сум сонувал дека сакам да се бавам со музика и со пеење, фестивалот „Макфест“ ми било… како да кажам, едно треперење во срцето кога сум го гледал на телевизија. Навистина сум треперел и сум се прашувал дали еден ден ќе дојде мојот ред да настапам. Оваа година ми е чест што настапувам на овој јубилеен фестивал и сум дел од истиот. И се надевам дека публиката ќе го добие она што го заслужува. Како од мене, така и од сите останати учесници.
Музика24: Од каде ја црпеше инспирацијата за да ја создадеш емотивната песна „Моја Македонија“, посветена на татковината?
Давид Темелков: Што да кажам, малку ќе е… Инспирацијата е навистина голема. Јас би кажал дека таа песна е од Македонија за мене и од мене за Македонија, затоа што без сите оние луѓе што живееле, живеат и ќе живеат во Македонија, таква песна немало да настане. Инспирација дефинитивно… самата големина на Македонија (не површински, туку во душата и срцето), нашите претци ни оставиле многу, нашите музички претци уште повеќе, така да сметам дека секој од нас мора да го даде својот максимум. И мораме да пишуваме песни, убави песни за нашата татковина и да и се одолжиме на некој таков начин.
Музика24: Што можеме да очекуваме од тебе во периодот што следува — има ли нови проекти, настапи или изненадувања што би сакал да ги споделиш со нашите читатели?
Давид Темелков: Можам да кажам дека може да очекувате многу музика. Новиот албум е веќе готов. На 11-ти ноември излегува во продажба и во етер. Ете една ексклузива за Музика24. И едвај чекам. Албумот е снимен и на македонски и на хрватски јазик. Секоја песна има две верзии – и македонска и хрватска. Навистина е дадено многу љубов и многу внимание во секоја една композиција и верувам дека на многумина ќе им се допадне.
Музика24: Дали меѓу новите композиции дали се вклучени и дела кои ја одразуваат твојата емоционална врска со Македонија?
Давид Темелков: Секоја една песна е кант-авторска песна и во секоја една песна има вградено да кажам дел од моето срце и дел од мојата душа… има љубовни песни, што би се рекло во Хрватска „од баха до севдаха“. Има навистина секакви мелодии, секакви текстови… Но она што најмногу ме радува е тоа што се искрени. Не се калкулантски, што се вели од срце за срце.

Музика24: Со која песна го започнуваш секое утро и ја потпевнуваш додека се подготвуваш за новиот ден?
Давид Темелков: Уф… има многу. Имам многу омилени песни, не знам дали би моќел да одвојам една… Дали може да кажам која ми е омилена од „Макфест“? Трајче Манев со песната „Осамен“. Навистина тоа е една песна која кога сум бил дете сум поминувал низ тие први љубови тоа ми било една песна која што ми била за тие… Ви благодарам на поддршката, слушајте македонска музика – слушајте добра музика.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
