Имам нешто да те прашам

Денис Димоски: Сакам следната 2022 година да снимам авторска песна (Фото+Видео)

Тој е роден на 4-ти јуни 1993-та година во еден од најубавите градови во Македонија, градот херој, градот под Марковите кули – Прилеп. Уште како мал одел во музичко училиште каде научил да свири на пијано и посетувал часови за пеење. Дипломира на музичката академија во Скопје.

Во меѓувреме, учествува на многу национални и меѓународни музички натпревари. Во 2004-та освојува награда за најдобар настап на детскиот музички фестивал „Славјански базар“ во Белорусија. Исто така, освојува и второт место на меѓународниот детски фестивал „Златна ѕвезда“ во Романија. Во 2005-та година ја претставува Македонија на Детската евровизија со песната „Роденденски бакнеж“. Во 2006-та пак, го објавува својот прв албум насловен „И светот е мал“ со 8 песни вклучувајќи ја и таа од Детската евровизија. Тој е еден од победниците на “Кастинг Талент Шоу”, од каде потоа и настапи и беше дел од мјузиклот посветен на Тоше Проески. А има настапувано и на регионалното музичко тв натправарување “Ѕвездите на Гранд”, како и на “Пинкови ѕвезди”. Музички идоли му се Павароти, Бијонсе, Здравко Чолиќ, како и нашиот Тоше Проески, а засебе ќе каже дека сака да спортува и дека дружељубива личност.

Почитувани читатели, во 19-то интервју од новогодишниот серијал на интервјуа, нашиот македонски поп пејач Денис Димоски.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш 2021 година?

Денис Димоски: Едни од најважните работи за еден уметник се можноста да се биде на сцена, да се настапува и да се надградува со секој следен настап. Јас веќе две и пол години сум вработен во Македонска опера и балет. За среќа изминатава година имаше доста оперски претстави, премиери, концертни изведби, но јас би ја издвоил премиерата на ”Орестија” во август месец во соработка со велешкиот театар. Изминатава година со една од моите ученички, Александра ја отпеавме ”Немир” од Тоше и Каролина на фестивалот за македонски евергрини ,,Сонце за три светови” во Крушево со битолскиот камерен оркестар, што наиде на многу позитивна критика од публиката. Нормално сите настани беа организирани според ковид протоколите. Многу проби, подготовки за натпревари, натпревари и часови по пеење со моите ученици.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено годинава?

Денис Димоски: Каролина е мојот фаворит од нашите женски вокали и не само оваа година. Песните од последните албуми продолжуваат да се слушаат и оваа, а верувам и секоја наредна година. Заедно со Николче Мицевски се одличен тим и создаваат музика со трајни вредности. Од помладите артисти најмногу ми се допаѓа ,,Ладно лето” на Сара Гигова.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Денис Димоски: За дочекот на Новата година планирав да одам на патување некаде во Европа, но бидејќи имаме закажано проби до крај на месец декември за првиот проект во 2022 година во Македонска опера и балет, сепак ќе останам тука во кругот на најблиските.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее истата да те понесе?

Денис Димоски: Со оглед на мојот густ распоред периодов, сеуште не сум почувствувал празнична еуфорија, ама ќе биде и тоа последните денови од декември. Овој е еден од најубавите периоди во годината за мене. За Бадник и Божиќ секогаш се враќам дома кај моите родители во Прилеп. Се собира заедно целото семејство, тоа за мене е најубавиот дел од овие празници што следат.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?

Денис Димоски: Што ли е човек без желби? Имам многу желби и планови на професионален и на личен план. Само да сме живи и здрави. Во однос на операта планирани се неколку соло и камерни концерти со мои колеги и нормално претставите на редовниот репертоар што следи. Во поглед на поп музиката би сакал следнава година да снимам нешто авторско. Во преговори сме со неколку автори, се надевам ќе се појави вистинската песна што ке ме освои на прво слушање. Не сакам да снимам песна по секоја цена, сакам тоа да е ,,љубов на прво слушање”.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови, а воедно и читатели на музичкиот портал Музика24?

Денис Димоски: Посакувам целата оваа ситуација со корона вирусот што поскоро да заврши и да се вратиме во нормала. Посакувам здравје, мир и благосостојба кај сите. Помалку омраза и злоба, многу повеќе љубов и слога! Луѓе, сакајте се и бидете сакани. И никогаш не ја штедете љубовта!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: