Имам нешто да те прашам

Душица Мрѓа: „Ако утре ме нема“ – Кога музиката нè потсетува колку е краток и драгоцен животот (Фото)

Таа нема влакна на јазикот – прашањата ѝ се директни, одговорите што ги бара се јасни, а соговорниците добро знаат дека со неа нема импровизација. На нејзината маса седнале најмоќните и најпознатите македонски, но и европски и светски политичари, а темите што ги отвора се токму оние за кои граѓаните сакаат и мора да бидат информирани.

За многумина е страв и трепет зад затворените врати на партиските состаноци, но интересен е фактот дека досега никој не ја одбил поканата за интервју во најгледната „24 Анализа“ на Телевизија24. Таму каде што прашањата се тешки, а одговорите неизбежни, таа знае како да ја држи контролата и вниманието до последната минута. Зад камерите, пак, стои сосема поинаква приказна – мила, заљубена и искрено посветена личност, човек кој знае да подаде рака, да помогне и да гради здрави односи со колегите и соработниците. Професионалец со став пред јавноста, но и човек со големо срце во приватниот живот.

Почитувани читатели, Музика24 за прв пат ви носи интервју со една од најдобрите и најпрепознатливи македонски новинарки и уреднички во Телевизија 24 – Душица Мрѓа. Што ни откри таа во нашето новогодишно, поинакво и искрено интервју, дознајте во продолжение.

Музика24: Доколку се навратите наназад и направите резиме на изминатата година, кој момент или остварување би го издвоиле како најзначаен и најголем професионален успех во 2025 година?

Душица Мрѓа: 2025 беше тешка година по многу нешта на секаков план. Катастрофата во “дискотеката на смртта” во Кочани која однесе во смрт 63 деца мене ми ја обележа годината и на професионален и на приватен план. Таков коруптивен ужас, таков институционален колапс, таква ерозија на системот која ја платија со своите животи 63 млади луѓе, нивните семејства и над 200 повредени претставува пораз за сите нас, целата земја, целото општество. Уште попоразително е што само 9 месеци по тој хорор речиси како сите да го заборавија или не сакаат да се сеќаваат. И тоа од најповиканите, функционерите, опозиционерите, со ретки исклучоци и медиумите. Јас сметам дека правда за Кочани е долг на сите нас, и токму затоа мојот фокус минатава 2025 е Кочани, а можам да ветам и дека ќе биде и сите наредни години додека правдата не дојде, онаа вистинската. Токму затоа мојата 2025 ја одбележа „24 Анализа“ во која родителите на загинатите деца ја собраа сета сила на светот и пред камерите ги отворија своите души, зборувајќи за сета борба, сета болка, сета љубов, целиот револт со една цел правда за смртта на нивните деца но и борба еден трул систем конечно да се смени. Вечно ќе бидам благодарна и почестена затоа што тие во мене и ТВ 24 препознаа вистински сојузник во таа борба.

Музика24: Според Ваше професионално мислење, кој музички проект, песна или изведувач/изведувачка ја одбележа 2025 година, и кои според Вас се клучните фактори што придонесоа токму тој избор да доминира на музичката сцена изминатата година?

Душица Мрѓа: “Ако утре ме нема” од ДНК – дефитивно ја одбележа 2025. И повторно поради ужасот во Кочани во кој животот го загуби речиси целата група, многумина од нив во обид да спасат што повеќе деца. Но и поради тоа што токму таа песна мене барем ме потсетува секојдневно колку е драгоцен и краток животот и треба да го цениме секој момент.

Музика24: Со оглед на тоа што се наближуваат новогодишните и божиќните празници, како Вие лично се подготвувате за празничната еуфорија и за дочекот на Новата година? Дали постојат некои традиции, навики или мали ритуали кои секогаш ги практикувате – како избор на подароци за најблиските, празничен шопинг, подготовка на специјални јадења или нешто што го правите само за себе? Што е тоа што Ви е неизбежен дел од предновогодишната атмосфера? И дали Ви е блиска таа магична, бајковита атмосфера која ја носи празничниот период?

Душица Мрѓа: Како што поминуваат годините, а јас станувам повозрасна, новогодишната еуфорија ја доживувам преку очите, возбудата, и искрените и детски наивни желби на мојот внук Нејтан. Шопингот е неизбежен дел од подготовките. Во последно време сакам повеќе да подарувам и да ги правам моите најблиски среќни. Тоа се ситници, но го прават магично новогодишното утро. Ништо не може да ја замени среќата и сјајот во очите на мојот внук кога ќе ги види подароците под елката. Апсолутно имаме заеднички ритуал, млеко и колачиња за Дедо Мраз и морков за елените. За храната е задолжена мајка ми, кујната и јас најчесто се одбегнуваме. Но нова година не може без традиционалната руска салата и сарма. Како српска куќа неизбежно е и свинското печење, специјалитет на татко ми. Мојот личен ритуал е на полноќ да си наздравам себе си за уште една година преживеана на нозе, додека се справувам со сите предизвици.

Музика24: Верувате ли во новогодишната магија и Дедо Мраз, и што е тоа што би сакале да му посакате или порачате, доколку денес имавте можност да му се обратите лично?

Душица Мрѓа: Верувам во позитивна енергија, верувам во упорност и чесност на секое поле, верувам дека универзумот секогаш доаѓа по своето, кога и да е. Секој почеток на нешто ново е магичен и шанса за поинаку и подобро, тоа е новогодишната магија во која јас верувам. На Дедо Мраз би му порачала само едно, наместо играчки на сите деца да им донесе здравје, бидејќи нема ништо пострашно од солзите на болно дете.

Музика24: Новогодишната магија незамислива е без Дедо Мраз, неговите ирваси, подароците и желбите што ги носи овој период. Кои се Вашите лични желби и очекувања за Новата 2026 година, и што би сакале истата да Ви донесе?

Душица Мрѓа: Моите желби се многу скромни – моите најсакани да се живи и здрави и во новата година никој да не ми фали. Се друго е решливо и се достигнува. Имам и една интимна само моја желба, која ќе си ја посакам точно на полноќ. Се надевам дека 2026 ќе биде моја година во која моето време ќе биде посветено само на луѓе што ме заслужуваат, било на приватен било на професионален план.

Музика24: Кој е според Вас политичарот во Македонија со кого досега сте имале најдобра емисија и тв анализа?

Душица Мрѓа: Морам да кажам дека годинава што измина политичарите се плашеа многу често да седнат еден на еден спроти мене. И многу често со секакви изговори го избегнуваа жешкото столче во мојата „24 Анализа“ и тоа не само власта – туку и опозицијата. Од оние малкуте кои собраа храброст, но одговорија и на нивната општествена улога дека се должни пред јавноста да дават одговори би ги издвоила, интервјуто со поранешниот државен јавен обвините Љупчо Коцевски кој завршувањето на истрагата за катастрофата во Кочани го објави на интервју кај мене. Потоа интервјуто со Претседателката на државата Гордана Силјановска – Давкова со која ја затворив оваа година и со која отворено поразговаравме за сите пропусти од државата кон семејствата на загинатите деца во Кочани. Претседателот на Собранието Африм Гаши, кога наместо на комеморација за Кочани Собранието замина на “одмор”, потоа поранешниот прв вицепремиер Изет Меџити кој седна спроти мене кога вриеше аферата за дивоградбите во Чаир. Очекувам дека во 2026 да седне спроти мене конечно ќе се одважи лидерот на СДСМ Венко Филипче, како и премиерот Христијан Мицкоски кој иако првото премиерско интервју му беше за ТВ 24, време е да направиме пресек што тогаш кажа, а што потоа се случи или не се случи. На оваа листа би го додала и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој помина релативно бурна политичка година и кој апсолутно има што да го прашам.

Музика24: Кој е главниот виновник за стагнацијата на македонската музичка сцена, додека странските артисти собираат приходи од концерти во Македонија: организаторите на тие концерти, локалните власти кои не обезбедуваат простор за промоција на македонската музика, или државата која нема соодветни закони и прописи кои би ја заштитиле домашната музичка индустрија?

Душица Мрѓа: Јас искрено би рекла дека виновни се сите заедно. Едноставно мислам дека државата не вложува воопшто во домашната музика, филм, серии. Дополнително што според мене треба и порадикално законско решение. Граѓаните се буквално преплавени со странски музичари, со странски филмови, серии. И тука најмногу мислам на она што доаѓа од соседството. Буквално лично сум шокирана како некои музичари од соседството полнат сали по неколку пати во годината и тоа според моето лично скромно мислење со музика која е далеку од квалитетна, додека македонските не можат ни еднаш. Ние имаме квалитетна музика и квалитетни изведувачи, но мислам дека ретко добиваат шанса. И тоа е поразително за сите, државата, локалните власти кои македонските државни празници ги слават со изведувачи кои нудат изглед и настап, но не и музика, за организаторите кои тоа го гледаат како лесен “кеш”, но и на крајот на денот на оние кои избираат да се појават на тие настапи. Да не се разбереме погрешно јас апсолутно сметам дека има квалитет и во странските артисти, секако и не осудувам, секој има право што сака да слуша, гледа итн, но сериозно мислам дека ако се даде шанса и македонските артисти ќе имаат исто толку публика.

Музика24: Како една од најдобрите македонски политички новинарки во Македонија, според Вас и она какви се денешните состобјби во Македонија, која е Вашата анализа и проценка за она се што може да очекуваме добро и лошо во оваа Нова 2026 година?

Душица Мрѓа: Најпрво Ви благодарам за ова “една од најдобрите”, ми значи многуууууу. Јас многу ретко јавно прогнозирам политички случувања, бидејќи сметам дека од принцип како уредник на вести и политички новинар кој работи дневно новинарство тоа не е професионално. Во моментов состојбата во државата би ја опишала со една стара мудрост: “Купи ден, помини” и тоа буквално во секоја сфера во општеството. За наредната година можам само да кажам што јас очекувам и како граѓанин и како новинар очекувам од политичарите, туку мислам најмногу на функционерите во власта, било централна било локална, да мислат многу повеќе на граѓаните, на работниците, на децата, на нивниот стандард… затоа што според статистиката проклето е тешко да се преживее месецот, а секое трето дете живее во сиромаштија и многу помалку да мислат на себе си, на тендерите за нивните блиски, на чудните задолжувања и вработувања по партиски и роднински клуч. Од функционерите во опозиција очекувам што поскоро да престанат со секојдневни “плукачки” соопштенија и да почнат со конкретни иницијативи за подобрување на животот на граѓаните, за тоа имаат пратеници во Собранието. И од едните и од другите очекувам конечно да се свестат за животот кој го живеат родителите на децата од Кочани, а не со евтини трикови и изговори да ја бојкотират анкетната комисија што сами ја изгласаа, што побрзо да го “исперат” срамот што од 200 амандмани за буџет тежок 6,7 милијарди евра не поднесоа ниеден за помош во Кочани, уште полошо што ни Владата се уште нема одлука за еднократна помош.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Приватна архива

Можеби ќе ве интересира: