Имам нешто да те прашам

Горан Алачки најави: Од следната година новинарите жирираат на „Фолк Фест Владимирово“ (Фото)

Слободно можеме да кажеме дека на македонската музичка сцена конечно се појави нешто автентично, квалитетно и искрено – нешто што долги години ѝ недостасуваше на фолк музиката кај нас. На 29-ти мај, во прекрасната атмосфера на селото Владимирово, во Домот на културата „Ванчо Чавдарски“ се одржа првото ревијално издание на „Фолк Фест Владимирово“, нов музички фестивал што со својата свежина, енергија и искрена љубов кон традицијата и современиот звук, го привлече вниманието на јавноста.

На иницијатива на Културниот центар Горан Алачки“, кој е и носител на целиот проект, фестивалот успеа да обедини врвни музичари, оригинални композиции и жива изведба, со пренос преку Македонската радио и телевизија – создавајќи вечер полна со емоции, звук и автентичен македонски сјај.

Нашата екипа имаше ексклузивна можност да биде дел од целото случување, пред и зад сцената, и непосредно по завршувањето на настанот остваривме разговор со човекот што стои зад целата идеја – Горан Алачки. Во продолжение следува интервју со него, во кое откриваме како настанал фестивалот, кои предизвици ги донел процесот на реализација, но и што можеме да очекуваме следната година од оваа музичка платформа која, без сомнеж, има потенцијал да стане нова традиција на македонската фолк сцена.

Музика24: Откако заврши целата манифестација – откако заврши фестивалот „Фолк Фест Владимирово“, дали сонот конечно се исполни?

Горан Алачки: Да, се исполни. Јас се уште сонувам… и ова е сон. Да ги резимираш и да ги ферментираш чувствата од сонот, а тоа во некои фази се вели дека се уште сонуваш и не веруваш. Дека нештото било… Слушам прекрасни коментари не само од новинарите, колегите… дури и од социјалните мрежи, видеата веднаш се раширија убави вести. Навистина чест и задоволство е кога човек организира една ваква манифестација од национален карактер и кога ќе се заврши се убаво и кога има позитивни коментари посебно од седмата сила, и од многу колеги, музичари, пејачи… и тие комплименти посебно ми значат. Така да убаво е чувството кога ќе го завршиш нештото и кога ќе се обидеш, јас се уште се обидувам да го гледам од моја перспектива кое што се уште не е јаве можеби. Меѓутоа да оставиме времето малку да покаже… Еве гледам сега новинарите веќе си прават некоја своја топ листа кој кое место би освоил. Така да тоа е она што можам да го кажам.

Музика24: Кога започна целиот процес за создавање на песни и кога и како всушност дојде идејата Културниот центар „Горан Алачки“ како носител на проектот да го започне сето ова што како готов производ веќе го видовме на фестивалската сцена?

Горан Алачки: Овој музички проект е започнат минатата година точно на Илинден кога прв пат на моите сограѓани малешевци и владимирци им кажав дека следната година (поточно, оваа 2025-та) на Спасовден ќе правиме фестивал. Носителот на проектот е Културниот центар „Горан Алачки“, меѓутоа, сето ова што се случува не е можно човек сам да го направи. Има фестивали каде што само во музичкиот дел работат најмалку 50 луѓе, а во сето ова сум само јас заедно со тонското студио „Кларион“ кое што заврши одлична работа. Повеќето композиции се мои, со аранжан и останати детали, но се обидов како автор да не се повторувам и да направам една разноликост и да им ги сошијам костумите на сите пејачи по мерка, се разбира ова го велам симболично, каде навистина мислам дека успеав да направам една разновидност не само музичка, туку и текстуална на тематики кои што се актуелни и што секој може да се најде себе си во некоја си приказна. Значи да се слушне сериозна песна, да се слушне малку шегобијна песна, да се слушне некоја весела…малку родољубивост, малку патриотизам, значи од се по нешто имаше. Дури и рубато. Рубато песна прво не може секој да отпее и иста таква не е отпеана на фестивалите долго време, можеби во 90-те години кога Наум Петрески ја отпеа „Има ли песна“. Значи повеќе од 40 години не е отпеана рубато песна на фестивалите. Треба јунак за тоа.

Музика24: Додека внимателно ги слушавме композициите како на генералната проба така и вечерва, ние новинарите често меѓу себе коментиравме дека ова мириса на Валандово таму некаде на неговите почетоци 85-87 година. Дали можеби тоа Ви беше и една од идеите при создавањето на песните и самиот фестивал?

Горан Алачки: Ние нешто да можеме одново да градиме јас правам еден рестарт. Компјутерот кога ќе закочи или загрее треба да го рестартираш. Јас сега правам еден музички ресет и како што забележувате нема никакви туѓи влијанија. Фестивалот нема завивања, нема импровизации и други глупости. Има чиста македонска форма која што мора да има приказна. Три строфи мора да има една песна. А сега се научија сите дај ми две строфи и повтори го рефренот и ете ти песна. Не може, кафето додека не искрчка не бива. Старата македонска песна е секогаш пропратена со една приказна, со нешто што народот не можел да го каже со зборови па го кажувал преку песна од сите тие страдања и маки. И сега имаме нови модификации на тие страдања, малку на ваков или онаков начин се опејува и тоа преку песна.

Музика24: Како организатор, како сте задоволни од реализацијата и преносот на „Фолк Фест Владимирово“ од страна на Македонската Радио и Телевизија?

Горан Алачки: Искрено не знам, но мислам дека овој пат немаше грешки. Морам да ги пофалам МРТ, имаше еден голем професионализам од страна на целата екипа која што дојде во Владимирово. Се виде дека хиерархиски се многу добро организирани за овој пренос поучени најверојатно од некои други манифестации, фестивали и преноси. Интересно е и за пофалба што преносот го гледале на сите континенти, има многу убави и позитивни коментари за кои сега неможам да говорам, бидејќи има милион и треба сите да ги прочитам и видам. Воглавно сите кажуваат една позитива, една убава мисла дека допрва ќе се зборува за сето она што сите вечерва го видовме. А поентата е да се зборува и да остане, бидејќи публиката е таа последна што треба да каже ова е добро или не чини. Така да ако е добро ќе го направиме пак.

Музика24: Искрено се надеваме и веруваме дека „Фолк Фест Владимирово“ ќе стане традиција и дека и следната година во ова исто време и на ова исто место ќе се дружиме исто како што се дружевме и оваа година. Што планирате веќе за второто издание на „Фолк Фест Владимирово“ и што е она што може да го очекуваме од организацијата во смисла на новитети, иако рака на срце пред нас е речиси една цела година?

Горан Алачки: Почетнички фестивалот ќе се шири. Мораме да им даваме можност и на помладите, меѓутоа, помладите квалитетни и одлични пејачи кои се достојни да пејат рамо до рамо со нашите доајени. Не сите, и тука ќе има една продукција, ние од академијата идниот период почесто ќе се дружиме и малку повеќе и почесто ќе донесуваме и споделуваме наши созданија, искуства… ќе размислуваме за до година, бидејќи фестивал не се прави – сега ја направив песната до година правам фестивал. Да има време пејачот и да ја научи песната, сите велат дека вечерва имаше убави и позитивна енергија на сцената, да, но овие песни веќе година дена ферментираат. Се вртат по радијата и веќе луѓето ги препознаваат.

Музика24: Годинава како прво издание, „Фолк Фест Владимирово“ имаше ревијален карактер. Кажете ми каква е Вашата идеја и како планирате фестивалот до година да функционира на ова поле. Дали можеби планирате следната 2026-та да воведете награди или пак…?!

Горан Алачки: Наградите не се тие кои што ја прават песната. Ексклузивно само за Вашиот музички портал Музика24 ќе Ви откријам една идеја која секако ќе се реализира, следното издание на „Фолк Фест Владимирово“ вие новинарите ќе доделувате награди. Ќе имате Ваше новинарско жири и верувам никој од изведувачите нема да Ви се лути.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: