Неодамна во Скопје, во рок кафулето „МГ“ првиот човек на српската дискографска куќа „Фидбокс“, Горан Јовиќ пред македонските новинари, музичари, продуценти и музички менаџери одржа прес конференција каде воедно го претстави се она што е направено во изминатите десетина години. Тој посака во иднина и македонска рок и поп музика да биде овековечена и соодветно селектирана и зачувана на посебни аналогни изданија.
Имено, „Фидбокс“ во Србија после подолг временски период започнува прва да објавува винили на одбрани музички групи и имиња кои вределе и се уште нешто значат и вредат на музичката сцена.
Иван Беќковиќ, познат македонски новинар и официјален претставник нa „Кроација рекордс“ во Македонија, како домаќин на прес конференцијата даде една навистина одлична идеја која би се остварила во соработка на „Фидбокс“, „Кроација рекордс“ и ПГП РТС, за издавање двоен албум – компилација со песни на наши познати групи, како „Леб и сол“, „Конкорд“, „Мугер фугер“, „Д Длатонс“, „Културно уметнички работници“, музиката на Горан Трајковски, „Мизар“ и многу други.
„Сакам да го претставам Горан Јовиќ во Македонија. Од 2012 година постои неговата дискографската куќа „Фидбокс“, која досега има многу изданија и остварила соработки со издавачки куќи од регионот. Под нејзините закрила досега се објавени винилните изданија на „Рибља чорба“, „Ван Гог“, група „Фит“, „Тунел“, „Вуду Попај“, „Атомско склониште“, Никола Чутурило, Срѓан Марјановиќ… Оваа пролет во соработка со ПГП РТС, „Фидбокс“ повторно го реиздадоа на грамофонска плоча првиот албум на Бајага и инструкотри – „Позитивна географија“. всушност нивно првенче, чии први 500 примероци се веќе продадени и веќе се работи на златен винил. Горан и неговиот тим имаат многу планови за наредниот период, а меѓу нив е и соработка со македонски музичари. Би сакал заедно со Горан да иницираме објавување на една македонска компилација, со некои нови и постари бендови. Би било прекрасно тоа да го направиме, а проектот веќе има и работен наслов, кој гласи „Тамо где сунце вечно сја“, според антолгиската „Македонија“ на Дадо Топиќ. Се надевам дека по оваа средба, некои договри за соработка ќе се склучат“, рече Иван Беќковиќ.
Оваа прилика, екипата на музичкиот портал Музика24 ја искористи да поразговара со Горан Јовиќ за досегашната работа на дискографската куќа „Фидбокс“, и за плановите и активностите во Македонија.
Музика24: Вие лично не сте прв пат во Македонија, но официјално за прв пат пред македонската јавност ја претставувате дискографската куќа „Фидбокс“. Што очекувате од оваа промоција и која е целта на нејзиното преставување тука кај нас во Македонија?
Горан Јовиќ: Целта на сето ова е да ги собереме луѓето кои вистински ја сакаат музиката и благодарение на мојот голем пријател Иван Беќковиќ кој сето ова одлично го организира сите тука се собравме, се запознавме, разменивме искуства, мислења, музика со Вас новинарите, со продуцентите, со сите оние кои сакаат со нас да соработуваат и издадат албум преку „Фидбокс“, се занимаваат со издавање на музика и албуми на винили и се дистрибутери на истите. Јас сум навистина пресреќен поради сето ова што се денес се случува.

Музика24: Знаејќи дека долги години сте дел од музичката сцена во Србија, дали ја следите македонската музика и дали познавате македонски изведувчи и музички групи?
Горан Јовиќ: Што се однесува до македонската сцена, таа одсекогаш имала некоја посебна и специфична тежина со оглед на тоа дека од тука доаѓаа бендови која што музика не ја свиреше ниту еден бенд или група во Југославија. На пример, музиката која што ја создаваше и свираше „Леб и сол” никој не ја свиреше, потоа музиката на „Мизар” никој не ја свиреше, „Анастазија” тоа никој не го свиреше на другите простори во Југославија, така да… неодамна слушнав еден македонски бенд, чинам „Суперхикс” се вика кој што нивната песна „Сила и нервоза” е мега хит во Белград. Мега хит. Тоа се врти по српските радиостаници, по кафулињата итн. А тоа е повторно еден вид на музика која што може да се создаде и излезе само од Македонија. Тука одсекогаш имало одлични бендови, така што јас искрено верувам дека во идниот период со некои од нив ќе соработуваме и дека дискографската куќа „Фидбокс“ ќе им помогне да излезат од границите на Скопје и Македонија. Ќе има изданија со познати популарни стари песни од македонски изведувачи, бендови и групи, но планираме да има многу нови изданија со нови песни и да им дадеме шанса да се чуе за сите нив.
Музика24: Во неколку наврати, како што и самите кажавте за време на прес конференцијата сте издале и ре-издале изданија на „Рибља чорба“. Долги години сте соработувале со нив како и со нивниот фронтмен, познат пејач кој за жал веќе не е помеѓу нас – легендарниот Бора Чорба како што многумина го знаат. Каков впечаток Ви остави таа легенда од човек, всушност, каков беше самиот Бора Чорба?
Горан Јовиќ: Бора Чорба беше прекрасен човек. Само тие кои што лично не го познаваа можеа да помислат дека тој не е добар човек. Веќе со првиот контакт и разговор со него вие веднаш ќе почуствувате една таква топлина и тој беше како што се вели една вистинска душа од човек. Секогаш им излегуваше во пресрет на сите да им помогне. Јас не познавам некој на било кој начин што побарал негова помош, дали да му напише текст, музика… или што и да е во врска со музиката. Дури искрено мислам дека и претеруваше со она колку многу им помагаше на останатите. Тој оставаше многу малку време за себе си и за некои свои животни моменти. Тој остави огромно музичко наследство позади себе, но одговорот на вашето основно прашање е дека тој пред се беше еден многу добар човек. Не навлегувам во неговите политички изјави. Тој беше еден простодушен човек кој во тој момент размислуваше „што на ум тоа на друм”, тој не можеше никогаш да премолчи и зборуваше и секогаш беше пред времето. Во една прилика кога беше кај мене во Стара Пазова самиот рече дека со мене воопшто и да не се согласува што се однесува до политиката, но затоа пак одлично се согласуваме околу музиката и двајцата навиваме за Црвена Ѕвезда.

Музика24: На прес конференцијата објавивте дека најновиот студиски албум на „Рибља чорба“ е веќе готов и тоа пред неколку години. Неодамна излегоа информации дека повеќе бендот нема да функционира, односно, дека истиот завршува со својата музичка кариера. Кое е вашето размислување и по тој повод што би изјавиле?
Горан Јовиќ: Да, тој 21-ви студиски албум на „Рибља чорба“ ќе биде објавен. Мислам дека бендот се уште официјално не го има тоа објавено, но искрено мислам дека „Рибља чорба“ во живите настапи без Бора Чорба е невозможна. Мислам дека треба да се направи еден голем концерт посветен на Бора каде музичарите на „Рибља чорба“ ќе свират во позадина а пријателите на Бора, неговите соработници и одбрани музички имиња да бидат гости на тој концерт и заедно да ги пејат неговите песни. „Рибља чорба“ со нов пејач не е реална приказна, бидејќи навистина Бора не може никој да го замени. Ниту новиот пејач на „Парни ваљак“ не може да го замени Аки Ракимовски, но сепак друг е авторот на песните на „Парни ваљак“ за разлика од „Рибља чорба“ каде Бора беше автор речиси на сите песни, тој беше и фронтмен и дури и по бендот го доби она познатото Бора Чорба. И мислам дека дека приказната „Рибља чорба“ без Бора е нереална.
Музика24: Вие во Србија сте познат рок изведувач кој зад себе има голем број на песни, хитови и албуми. Што е она што може да го очекуваме од вас следниот период, следната 2025-та година?
Горан Јовиќ: Јас се уште го промовирам мојот најнов албум од 2022-та година „Сан који ми се не привиѓа“. Наскоро ќе излезе и осмиот видео спот од овој албум. Што се однесува до следната година, планирам кон почетокот на годината концертна турнеја. Веќе кон крајот на годината да го издадам и мојот најнов албум „Бајка без краја“, веќе се е подготвено и спремно. За половина од песните е подготвена и музиката. Така да она што е најново а се однесува на мојот нов албум е снимањето на нова песна сега во октомври која ќе излезе како сингл до крајот на оваа година. Песната е со наслов „Стиже нам Нова година“. На 14-ти ноември би сакал видео спотот за оваа песна да го промовирам, а останатите 9 песни (вкупно 10 на албумот) ќе се снимат подоцна до крајот на следната година кога и веќе е планирано да излезе мојот нов студиски албум.
Музика24: Дали сте размислувале дел од вашите песни да ги снимите и на македонски јазик со што истите би биле поблиски до македонската публика?
Горан Јовиќ: Ау. па тоа би било навистина интересно. Па еве на пример од оние песни кои досега ги имам снимено би можеле „Спас тражим у рокенрол“ или „Кафа с тобом“ би можело да биде навистина добро и интересно да се снимат и на македонски јазик. Навистина интересен предлог, јас тоа ќе поразговарам со мојот многу добар пријател Иван Беќковиќ и воопшто не би било лошо да снимам нешто и на македонски.
Музика24: Освен оваа официјална промоција на дискографската куќа „Фидбокс“, планирате ли поголеми музички проекти во Македонија од рангот на големи музички рок фестивали, рок музички концерти со македонски бендови, а зошто да не и бендови од Србија?
Горан Јовиќ: Мене ми е многу интересно што некои рок музички фестивали што ги организираме во Србија на некој начин би сакал да ги пренесеме тука во Македонија и тоа да биде сублимација на бендови од Србија и Македонија. Јас сум сигурен, и во разговор со Иван Беќковиќ мојот пријател и соработник од Македонија сум сигурен дека по ова прашање нешто ќе направиме во скоро време.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
