Новогодишно интервју со познатиот оперски пејач Игор Дурловски. Сопруг е на оперската певица Ана Дурловска и татко на три прекрасни дечиња. Тој вели дека Новата година е прекрасен период од годината кога треба да се посветиме на своето семејство. Не верува во Дедо Мраз, но затоа пак вели дека за се треба чесна и макотрпна работа, бидејќи ништо не доаѓа само од себе, па така и подароците.
Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радувате на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за Вас се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?
Игор Дурловски: За луѓето кои живеат исполнет живот, кои ја работат и се успешни во работата што ја сакаат, кои се опкружени искрени пријатели, Новогодишните и Божикните празници се само уште еден убав период од многуте во годината. Лично, среќата не ја врзувам за вакви датуми, бидејќи сметам дека можеме да испишеме убава приказна на сите страници од календарот.
Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?
Игор Дурловски: Не сум човек кој верува во идоли, во херои, во Дедо Мраз, како имагинарен лик кој исполнува желби. Верувам дека секој од нас има моќ да биде креатор на сопствената среќа, но и да им носи среќа и на другите. Ништо не доаѓа само по себе, не постојат подароци. За се треба чесна и макотрпна работа. А магијата? Таа е во убавината на малите нешта, добрината, вниманието, љубовта, семејството, пријателите, музиката, публиката, аплаузот, насмевките… Ја има во доволни количини.
Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите дечиња…? Како и на кој начин ги изненадувате Вашите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакате да го подарите, и што е она што Вас би Ве изненадило како подарок?
Игор Дурловски: Секогаш го ставам духовното пред материјалното. Материјалните подароци не ми значат ништо. Со оглед на тоа што не придавам некое големо значење на вакви комерцијални празници, времето не сакам да го трошам на талкање по продавниците кои периодов се преполни со луѓе. Лажен луксуз, сјај од пластични сијалички, прослави со луѓе со кои вообичено не се ни поздравувате, расипништво и сето тоа само поради новата календарска година… Не судам никого, секој си го живее животот како што мисли дека треба и може, но јас имам поинаков поглед на нештата.
Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се Вам ви е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?
Игор Дурловски: Убавиот помин секогаш го поврзувам со опуштена и ведра атмосфера, со избрани луѓе, со добра музика, ведро расположение, со убава храна која знам умешно да ја подготвувам. Дали ќе бидам дома или кај некои пријатели, воопшто и не ми е важно.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?
Игор Дурловски: Оваа година, мојата сопруга за Новогодишната ноќ ќе настапува во Минхен. Заедно со Минхенската филхармонија. Јас заедно со трите дечиња, останувам тука. Како што кажав, опуштено и засега без планови.
Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?
Игор Дурловски: За жал, Скопје, иако главен град, посебно во последниве неколку години, не може да се пофали со многу музички настани и случувања кои се квалитетни и кои вреди да се споменат. Секоја чест на продуцентските куќи кои во оваа атмосфера на кич и шунд се обидуваат да ги пренесат и задржат вистинските вредности. Од она што беше сервирано како понуда, јас би го издвоил коцертот на рок легендата Стинг, организиран од продукцијата Авалон. Стинг – оригинален, безвременски и со свој препознатлив печат, а сепак толку едноставен. Од другата страна, ме воодушеви и публиката. Жедна за квалитетна музика, подготвена со кабаници и чадори да ги пее со него огромните хитови. Толку од изговорите дека македонската музичка публика не знае што е убаво и квалитетно и дека треба да и се сервира она што “го сака”.
Музика24: А кој е пак според Вас хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што Вам Ви остави најголем впечаток?
Игор Дурловски: Би ја издвоил “Happens to the Heart”, последно излезената песна од постхумниот албум на Леонард Коен “Thanks for the Dance”. Овој уметник во секоја смисла на зборот е доказ за бесмртноста на уметноста. Доказ дека квалитетот може да го надживее тестот на времето.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година на приватно поле и на полето на музичката кариера?
Игор Дурловски: Во текот на цела оваа 2019-та активно работев и продолжувам понатаму. Пред еден месец ја снимив “Yellow leaves” од неодамна починатиот грузиски композитор Giya Kancheli. Со одлично избран тим, се потрудивме оваа песна да добие и прекрасен видео запис. Го снимавме на Галичник и од продуктот сум многу задоволен. Деновиве објавив и снимка од “Тихие песни” на рускиот композитор Валентин Силвестров. Аудиото го снимив бидејќи сакав да оставам белег за нешто што сметам дека треба да го најде својот пат до публиката. Ваквите мои ангажмани продолжуваат и во 2020-та. Пред неполни три месеца заедно со Ана ја отворивме “Академијата Дурловски”. После 20 години активна кариера, одлучивме своето знаење да го пренесеме на музичките таленти од Македонија. Интересот е огромен. Во моментов имаме 25 студенти, со кои работиме на подобрување на нивната вокална техника и на нивните вокални способности, ги подготвуваме за аудиции, испити, натпревари, концерти и претстави… Горди сме и на тоа што ни ја дадоа довербата да бидеме дел од нивниот пат кон успешна музичка кариера. Веќе кажав дека времето го гледам како еден континуум, не врзувајќи се за календарот за да создавам, да творам и преку моите концерти и настапи, на светот да му покажувам дека во Македонија постои квалитет достоен за светските сцени. Паралелно, ќе продолжам со мојата активна работа за суштинската обнова на културата во Македонија, за враќање на достоинството на културните работници, на реализирање на квалитетни проекти. Културата е душата на еден народ, а во последните неколку години тие што си играа со неа, ја фрлија на колена!
Музика24: Што ќе им посакате на Вашите фанови и читатели на музичкиот портал Музика24?
Игор Дурловски: Би им посакал да имаат здравје, семејна среќа и душевен мир. Да работат на себе и да целат високо. А додека го прават тоа, да уживаат во секој миг.
https://www.facebook.com/igor.durlovski/videos/2984163788268845/
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
