Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Македонската рок група “Next Time”

Неодамна промовираа нова песна, подолго време ги немаше на македонската музичка сцена, вечерва се дел од големата музичка манифестација “Пиволенд”, а воедно со ова интервју ја започнуваат новата сезона на 24 Интервју-а на Музика24. Што правеа тие во изминатиот период, каде беа, што ново подготвуваат за своите фанови… и многу повеќе во интервјуто што следи…

Музика24: Кон крајот на минатиот месец ја промовиравте Вашата најнова и сега веќе доста актуелна песна “Светот во раце”. Кој се беше дел од реализацијата на овој Ваш нов хит и досега како сте задоволни од прифаќањето на истата од страна на Вашата публика и фанови?

Next Time: “Светот во раце” е работена долго време пред се затоа што сметавме дека после подолго време треба да излеземе на сцената со нешто ново свежо и нешто различно од нас. Сметаме дека токму “Светот во раце” е песна која што стилски е поразлична и премногу сме задоволни како ја прифатија слушателите и радијата.

Музика24: Знаејќи дека оваа година го прескокнавте летниот одмор, колку време Ви беше потребно да ја подготвите новата песна? Дали можеби планирате видео спот?

Next Time: Токму така, летото ни беше работно посветено на новата песна. Ако ви се верува ние уште од минатата година работевме на неа. Песната имаше повеќе верзии од песна со бавно темпо, дојде до песна со побрз ритам и емотивен текст. За спот размислуваме, но и размислуваме што после спотот каде би го пласирале самиот спот освен на интернет порталите, со оглед на тоа што нема многу музички емисии каде што може да го пласираме па и отука произлегува целото двоумење.

Музика24: “Светот во раце” е Вашиот нов сингл, а истовремено е и најава за Вашиот нов албум. Кога сме веќе кај него, какви се песни подготвувате за новото ЦД, која е екипата која што овој пат што ќе работи на новиот носач на звук и кога официјално може да го очекуваме по музичките продавници?

Next Time: Се уште сметаме дека е рано за третиот албум, меѓутоа би сакале да го издадеме идната година. Стилски би корегирале нешто од нашиот прв и втор албум, па останува да видиме што ќе излезе.

Музика24: Долго време Ве немаше на македонската музичка сцена. На што се должеше таа пауза и што се правевте во тој да го наречеме слободен период од македонската музичка сцена?

Next Time: Не дека не немаше – после вториот албум направивме два спота за песните “Лице од рај” и “Некст Тајм”, а и самите песни поминаа супер. Се изолиравме од појавувањето во медиуми, не сакавме да здосадуваме кај народот покажувајќи се на телевизија без причина така што веруваме дека овој период ќе не има повеќе.

Next TimeМузика24: Музика24 дозна дека извесен период сте биле актуелни со концерти низ соседна Бугарија, па кога ќе направите една ретроспектива како поминаа низата концерти и можете ли да направите паралела помеѓу нашата македонска и тамошната бугарска публика?

Next Time: Во Бугарија поминавме преубаво, искуството беше големо, не можеме да кажеме дека публиката не познаваше многу, но после првата песна видоа потенцијал во нас па ги заинтересиравме да останат преку целиот концерт и да уживаат во она што го понудивме. Во Бугарија луѓето некако многу полесно се опуштаат на таквите забави додека пак во Макеоднија ти треба повеќе труд за да станеш некој од стол.

Музика24: Ги знаеа ли тие Вашите песни и како воопшто бевте прифатени од нивна страна?

Next Time: Имаше некоја група на фанови од Бугарија кои што беа присутни и на нашиот прв солистички концерт во Универзалната сала во Скопје, па тие ги знаеја песните од А до Ш!!! Другите едноставно веруваме дека уживаа.

Музика24 – Прашање за Мартин: Изминатиот период на големо се подготвуваше, вежбаше да го оцрташ и оформиш своето тело, колку успеа во твојата идеја и дали си задоволен со постигнатите резултати? Што се правиш односно жртвуваш за да го имаш оној секси изглед кој според фотографиите кои ги видовме е навистина примамлив и не верувам дека некоја од твоите обожавателки не би останала рамнодушна?

Next Time – Мартин: Вежбањето го правиме пред се поради подобро здравје и добро изградено тело, не го правиме со цел да освојуваме девојки. Девојката ако те сака ќе те сака каков и да си. Но се разбира дека е поубаво кога знаеш дека си посветил внимание на себе.

Музика24: Вечерва настапувате на големата традиционална манифестација “Пиволенд”. Со оглед на тоа дека веќе неколку години не сме виделе Ваш настап во живо, освен Вашиот концерт во 2009-та, како и на кој начин се подготвувате за претстојниот настап и секако што очекувате од него?

Next Time: “Пиволенд” е одлична можност луѓето во Македонија да видат што можеме да понудиме ние на музички план. Веруваме дека можеме сите да ги оставиме со отворена уста, но во минатото не сме имале многу прилики за тоа. Затоа сме премногу благодарни на организаторите на “Пиволенд” кои што веруваа во нас и ни дадоа можност да го покажеме целиот наш квалитет.

Музика24 – Прашање за Стефан: Неодамна се разбрануваа медиумите со информацијата дека Вашата долга врска со познатата маникенка и водителка Драгана Чуприна е веќе минато. Ќе може ли ексклузивно за читателите на Музика24 да им откриеш која беше причината, поводот за крајот на Вашата врска? Дали можеби имаше неверство или пак нешто друго е во прашање?

Next Time – Стефан: Искрено не сакам да зборувам за мојот приватен живот, тоа што го имавме со Драгана изминатите 4 години беше преубаво и сакам така да остане. Не сакам да газам на нешто на кое што сум се вохитувал во минатото и пред се имам голема почит кон целото нејзино семејство така што – тоа е тоа.

Музика24: Без што или кого не би можеле да си го замислите денот?

Next Time: Денот не можеме да си го замислиме без друштвото, без музика и без време поминато со семејството.

Next TimeМузика24: Дали се каете понекогаш за некоја одлука која што во минатото сте ја одбрале односно сте ја избрале како исправна во тој даден момент? Од денешна гледна точка, дали некои работи би ги промениле, секако кога тоа би било возможно?

Next Time: Знаете како викаат, така требало да биде. Така да за се што било во минатото не се каеме, знаеме дека можело да биде и подобро и полошо, битно е што сме се уште присутни на ова парче земја и полни со елан и амбиција за успех.

Музика24: Што најмногу забележувате кај една девојка. Дали можеби бујните гради, задникот, убавината која таа ја има, карактерот или пак спонтаноста и односот кој таа го има кон Вас? Дали сте лесно заљубливи и може да се заљубите во било која убава девојка, или пак понекогаш е потребно нешто повеќе од убавината на девојката?

Next Time: Не знаеме зошто, но веруваме дека и како сите луѓе по инерција повеќе не влечат девојки кои не се лесно освоиви, не да претеруваат но да имаат свое јас. Пред се девојката мора да е паметна, убава и да не ја интересираат само материјалните работи.

Музика24: Почнува есента, а со неа и дождот и она смуртено време. Дали некој од Вас двајцата ја сака есента и онаа романтика која самата таа ги носи со себе?

Next Time: Ние сме родени на граница помеѓу летото и есента така што веруваме дека и двете сезони се добредојдени за нас. Имунитетот малку повеќе паѓа во поладното време меѓутоа знаеме и да уживаме доста во него и да пишуваме убави песни.

Музика24: По промоцијата на новата “Светот во раце” кои се Вашите следни планови и што следно е на ред од Вас на музички план?

Next Time: Сакаме да потрае радио емитувањето на оваа песна, да се преслуша доколку немаме нешто ново да понудиме би снимиле спот и повторно би ја оживеале песната, сакаме да направиме и концерт, но за тоа ќе правиме муабет кога ќе дојде време.

Музика24: И како за крај на ова наше прво интервју во новата сезона на 24 Интервју на Музика24, која песна би им ја препорачале на нашите читатели за да ја слушнат, песна со која што би им започнал денот односно песна со која би го завршиле денот од тековните обврски?

Next Time: Доколку станува збор за наша песна нека ја слушаат “Светот во раце”, се надеваме дека со таа песна денот ќе им биде поубав, едноставно има позитивна мисла во текстот ке речат се раѓа човек и после смрта пак. Така да што и да се случило, станете на нозе и гледајте ги позитивно работите во животот.

Интервјуто го подготви: Маринела Каранфилоска

Можеби ќе ве интересира: