Младите и свежи “Pluto`s Doubts” вчера вечер настапија на првата фестивалска вечер на “Битола отворен град”. Музика24 ја искористи приликата да разговара со момците од бендот за нивната музика и професионални планови. Ова е прво од серијата интервјуа со македонски артисти и бендови кои Музика24 ги подготвува за следниот период. Со единствена цел да ги поддржи и промовира македонските артисти, особено во вакви кризни времиња за творење и настапување. Во продолжение прочитајте што изјавија за Музика24, вокалот Дарко Поповски и гитаристот Симеон Пеоски.

Музика24: Вечерва настапувате на “Битола отворен град”, а следната сабота на “Skopje Calling“. Со што ќе се претставите пред публиката на овие два големи фестивали ?
Симон Пеоски: Па го изменивме малку настапот и ќе свириме неколку нови песни. Вечерва имаме и поддршка од нашата другарка Ива со која ќе свириме песна на англиски јазик. Така да ќе биде интересно, спој од стари и нови песни.
Дарко Поповски: Пробуваме да го прилагодиме аранжманот звучно и аранжмански колку можеме според различните места на кои свириме. Не е исто да се свири на антички театар и на стадион. Секогаш пробуваме да вметнеме по нешто ново, некоја измена, и се надеваме дека публиката вечерва ќе ужива во тоа што го спремивме.
Музика24: Пред околу месец го промовиравте Вашиот последен сингл. Кажете ни за што се работи?
Дарко Поповски: Да точно. Синглот “Слепа за луѓе свои” ќе биде дел од едно поголемо ЕP издание на кое би требало да има 4 песни. Еве ексклузивно најавуваме дека имаме уште две спремни нумери кои постепено ќе излегуваат наредниве месеци. Се подготвуваат спотови и се што е потребно за една бендовска реч.
Симон Пеоски: Песната е нешто најново, најсвежо од нас. Многу ни се допаѓа и многу сме возбудени за новата песна. Се надеваме ќе и се допадне и на публиката.
Музика24: Најавивте дека ќе учествувате на меѓународната музичка конференција “Мондо – ЊуЈорк“. Како дојде до повикот за учество и кој се Вашите очекувања?
Симон Пеоски: Ние сами се пријавивме за таа конференција и за чудо не примија. Многу сме среќни, но за жал поради корона кризата нема да патуваме таму, туку ќе снимаме некој live-stream кој ќе го пратиме таму. Сакаме да се промовираме како бенд, но и да покажеме што има тука во нашава земја.
Музика24: Периодов има(в)те три големи фестивали. “Д-фестивал“, “Битола отворен град“ и следно “Skopje Calling“. Каква Вие агендата за следниов период ?
Дарко Поповски: Ситуацијава доста ги искомплицира настаните. После “Skopje Calling“ имаме само некои најави но не и конкретни места и датуми. Како што се сите во “магла“ така и ние. Им благодариме на организаторите кои почитувајќи ги протоколите ни овозможуваат да се изразиме како автори и во вакви кризни времиња. Вечерва имаме една чудна и енергетски редуцирана атмосфера, но посакувам за скоро повторно да се видиме кога ситуацијата ќе се среди.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски
