Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Стефан Вујовиќ – млад поп пејач од Србија (Видео)

Пред само неколку дена пишувавме за младото момче од Србија кое што со своите ковери прави невидена популарност. Како што и ви ветивме, така денес ви го емитуваме интервјуто со Стефан Вујовиќ, младата српска поп ѕвезда. Уживајте!

Музика24: Позади себе имаш неколку совршено снимени ковери, кој не само во Србија, туку се гледаат низ цел Балкан. Кажи ни кој е Стефан Вујовиќ и како започна да се занимаваш со музика?

Стефан: Се занимавам со музика откако знам за себе… Сакам да пеам, пишувам, фантазирам… Тоа е идеален начин да бидам во својот свет и на некој момент да побегнам од реалноста.

Музика24: Досега имаш две снимени песни со пополека, но сигурно чекориш на музичката поп сцена. Имаш снимено само еден спот, а многу скоро ќе го промовираш и вториот. Кој е тимот кој стои позади тебе, кој ги работи песните и спотовите?

Стефан: Што се однесува на првите две песни автор на нив е Даниел Павловиќ, а аранжманот го подготви Зоран Костиќ. Песната која што ќе се појави за само некој ден е песна која што јас ја напишав и го носли насловот “Моја Вило”. Оваа песна ја посветив на мојата мајка која на жалост повеќе не е со нас. Пред помалку од три месеци таа почина. Песната е многу емотивна и верувам дека ќе им се допадне на сите.

Музика24: Стана познат, веројатно веќе луѓето те препознаваат. Какво е чувството кога некоја девојка или момче ќе застане на улица и ќе го каже твоето име или ќе побара твој автограм?

Стефан: Тоа е нешто што секому му се допаѓа. Не се занимавам со музиката за да бидам познат, туку своите емоции да ги пренесам на другите… Кога ќе видам дека во тоа сум успеал, тогаш сум најсреќен.

Музика24: А сега малку околу приватниот живот. Освен со музиката, дали се занимаваш со нешто друго, дали спортуваш, имаш можеби некое хоби? Како го поминуваш и она малку слободно време кое го имаш?

Стефан: Сакам спорт. Тренирав фудбал и кошарка… но мојата најголема љубов е музиката и морам да признаам дека малку се одалечив од спортските активности, иако и музиката на некој свој начин е добар начин за човек да се испразни, така да неможам да кажам дека сум “физички” активен.

Музика24: Познато е дека секој млад изведувач на твои години има своја публика и фанови, но… дали Стефан е заљубен? 

Стефан: И сум и не сум заљубен… Не сум од тие кои што се заљубуваат, иако можеби делувам така.

Музика24: Среќно го дочекавме и испративме “крајот на светот”. Ни се ближи Новата година, кажи ни како се чувствуваш секогаш кога доаѓаат новогодишните празници?

Стефан: Мене тоа ми е ден како и секој друг. Поради состојбата која што ми се случи последните неколку месеци на мене и моето семејство, две големи загуби за толку кратко време, не планирам ништо и не се радувам на Новата година. Тој ден ќе бидам со мислите кон луѓето кои веќе не се тука.

Музика24: Како Стефан воопшто се подготвува за Новата година, купуваш храна, ги каниш твоите пријатели, купуваш подароци или си малку себичен и си купуваш нешто само за себе?

Стефан: Сакам да подарувам, но уште повеќе сакам да добивам подароци. Не сум себичен. Себе си се почестив со неколку парчиња гардероба, а планирам и своите најблиски да ги изненадам со неколку ситници. Се надевам дека и тие мене ќе ме изненадат.

Музика24: Што значи за тебе новогодишната еуфорија, секаде луѓе, гужви… дали и тебе понекогаш те фаќа она новогодишното?

Стефан: Не ја сакам Нова година… Никогаш не сум верувал во Дедо Мраз и се радувам што тоа е така. Мене родителите од мали нозе ме учеа на реалниот живот и среќен сум што тоа е така.

Музика24: Каде Стефан ќе ја пречека и прослави Новата 2013-та година?

Стефан: Во кругот на моите драги луѓе, во домашна атмосфера.

Музика24: Новата година ќе помине и животот нели продолжува понатаму. Што планираш за 2013-та, кои се твоите планови и замисли кои би сакал да ти се случат во Новата година?

Стефан: Велат: Прави планови за Господ да ти се насмее. Не сакам да планирам. Имам желба новата песна “Моја Вило”, за која што снимив и спот во режија на Марко Совиљ да помине одлично кај луѓето и сите да ја пеат.

Музика24: И како за крај на нашето интервју, како би ги поздравил сите твои фанови во Србија, Македонија и низ Балканот и се разбира читателите на музичкиот портал Музика24?

Стефан: Ви праќам огромна гушка и позитивна енергија. На сите од срце им го посакувам она што и себеси си би го посакал. Ако нивните желби не им се исполнат во Новата година, нека им се исполнат во следната. Среќна Нова Година, сакајте и ќе бидете сакани. Мислете убаво, и убаво ќе ви биде.

Интервјуто го подготви: Елена Крагуеска

Можеби ќе ве интересира: