Имам нешто да те прашам

Ирена Илиевска: Во Новата година сакам најблиските да се до мене во сите убави мигови (Фото)

Таа е родена на 1-ри септември во Скопје. Вели дека одсекогаш го сакала театарот, глумата и камерата, но никогаш не планирала тоа да го работи. На 13 години се запишува во драмското студио “Сцена”, каде под раководство на познатите македонски актери Тони Михајловски и Александар Микиќ за прв пат посериозно се запознава со глумата, актерството и што тоа воопшто значи. Како студент на Факултетот за драмски уметности немала можност да дојде до израз и да сними и направи повеќе и поголеми проекти, но, откако таа дипломира на конкурс на националната Канал5 телевизија конкурира, каде што и ден денес ги снима македонските народни приказни и надсинхронизацијата на турските серии. Препознатлива е по својот глас, а во моментов ја игра најголемата, најтешката, но истовремено и најубавата улога во животот, улогата на мајка. Има прекрасна керкичка.

Што актерката Ирена Илиевска одговара на нашите новогодишни прашања, кои се нејзините желби за 2022-та година, каде и со кого ќе ја дочека… прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Ирена Илиевска: Не можеме да ги заборавиме карантините и полициските часови, бидејќи ни се промени дотогаш познатиот, природниот тек на живеење и одвивање на настаните. Самото тоа направи притисок врз обичниот човек, па така може да се каже дека покрај година на карантини, ова беше и година во која паднаа многу маски, година на вистината, година на соголување и конечно покажување на правите лица на луѓето. Година на изгубени и стекнати нови, значајни луѓе во животот. Година на нови почетоци. Можеби и ова беше единствениот позитивен исход од оваа пандемија. Лично јас ќе ја паметам по најубавото нешто што можеше да ми се случи во животот. Станав мајка и на свет ја донесов мојата ќерка Ева, која се роди во првиот месец од годинава и ја одбележа целата година. Покрај неа, карантините, полициските часови, па дури и прележувањето на вирусот беше полесно и останаа во втор план. Ми недостасува еден убав концерт, но без протоколи, стегања и нелагодност, слободни, среќни и распеани.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено годинава?

Ирена Илиевска: Фан сум на старите рок бендови, таму се моите хитови што ми го подигаат расположението во било кој дел од денот. Годинава најмногу слушав и пеев детски песнички, но имаше и некои латино хитчиња, колку што успеав да слушнам во од.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Ирена Илиевска: Дома, со најблиските, чаша вино, насмевки и многу љубов. А кога ќе се склопат сказалките, ќе отидам до креветчето на ќерка ми, која сигурно ќе спие и ќе ни ја посакам најубавата желба на светот.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Ирена Илиевска: Пакетчиња, шалчиња, капчиња, џемперчиња, книги… на книги посебно се радувам и често ги подарувам. Секогаш нешто различно. Но, повеќе се радувам на прегратките, насмевките, присуството на сите кои ги сакам и сакам да се до мене во сите убави мигови. Тоа се вистинските подароци кои несебично ги давам и секогаш ги посакувам. Сите на број, среќни и заедно. Нема поубав подарок од тоа.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее истата да те понесе?

Ирена Илиевска: Тоа е она што најмногу го сакам од зимата. Празниците и празничната атмосфера. Токму поради тоа и во мојот дом посветувам големо внимание на украсувањето, на светилките, елката, украсите кои се моја креација и сама ги изработувам… уживам во тој дел од годината и да не се овие празници и оваа празнична атмосфера тогаш дефинитивно не би останало ништо за што би ја сакала зимата. Ја сакам таа новогодишна магија и еуфорија, апсолутно ја чувствувам, сама ја создавам и се радувам како дете.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Ирена Илиевска: Нема човек без желби! Јас имам еден тон, многу, премногу. Во моментов најмногу сакам да ги заборавиме зборовите вирус, пандемија, болници, статистики, бројки… и да одиме на некој убав заслужен одмор. А Дедо Мраз од оваа годона ќе го праќам кај ќерка ми, зашто нејзините желби се најважни.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови, а воедно и до читателите на музичкиот портал Музика24?

Ирена Илиевска: Да си го сочуваат здравјето, позитивната мисла и ведриот дух. Ништо не е поважно од тоа Создадете си свој свет во кој ќе бидете слободни, безбедни, надвор од сите стеги, маски и стравови. Сами создадете чудо и магија.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: