Имам нешто да те прашам

John Ilija Apelgren: Нема потреба од новогодишни ветувања кои нема да ги остварите (Фото+Видео)

John Ilija Apelgren веќе три децении е на музичката сцена и еден од ретките кој што на овој или оној начин ја одржува во живот, но и кога е потребно ја освежува, македонската џез сцена. Пејач познат по културното скопско однесување, нежно пеење и човек на кого најубаво му одговаат евергрините.

Што вели тој во новогодишното интервју на Музика24, прочитајте во продолжение:

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радувате на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за Вас се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

John Ilija Apelgren: Живееме во време кога спиењето е поудобно од било кога, а сепак – многу потешко остварливо од било кога. Во Викторијанската ера, на пример, работниците спиеле на клупи, а рацете им виселе обесени на јаже. Во оваа предновогодишна атмосфера во која сум практично распнат со настапи низ државата и регионот, едвај чекам да дојде времето кога ќе се однесувам речиси како работниците од Викторијанскиот период во време на одмор. Ваквиот одмор ми овозможува едно убаво процесирање на бурните периоди кои одминале, па така придонесува во збогатување на мојот креативен живот.

Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

John Ilija Apelgren: Дедо Мраз? Секако дека постои. Децата тврдат дека постои, а на детските изјави мора да им се верува. Уште тие останаа искрени.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете сте оставале празни новогодишни чорапчиња и сте го чекале подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

John Ilija Apelgren: Нормално.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите најсакани…?

John Ilija Apelgren: Празниците за мене се свети, но не во религиозна смисла. И животот е свет, но не во религиозна смисла. За мене секој ден е свет, значи секој ден е празник кој го просветлуваат насмевките на моите најдраги, прекрасните изгрејсонца и магичните зајдисонца, хипнотизирачките звуци на музиката без која не би живеел… и добрата храна. Tака се подготвувам: ги бројам благословите, се смеам, јадам и уживам.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се Вам ви е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

John Ilija Apelgren: Малку би било нелогично да го одговорам второто, затоа што сум неизоставен дел од првото. Сепак, доколку може да се направи спој меѓу сите овие елементи, тоа би било совршено.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадувате Вашите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакате да го подарите, и што е она што Вам би Ве изненадило како подарок?

John Ilija Apelgren: Ги прегрнувам топло и им посакувам се она што сами себе си го посакуваат. Би ме изненадило доколку и тие не ми возвратат со истото. До сега, за среќа, не сум бил изненаден така.

Музика24: Што всушност за Вас претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

John Ilija Apelgren: Убава, блескава можност да се побегне од реалноста.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

John Ilija Apelgren: Со најблиските, со добра музика и широка насмевка. Како во 23:59, така и во 00:01.

Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

John Ilija Apelgren: Тажната вест за заминувњето на легендата Дорис Деј: за мене еден од најдобрите женски вокалисти во светот.

Музика24: А кој е пак според Вас хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што Вам Ви остави најголем впечаток?

John Ilija Apelgren: Упативте погрешно прашање, или поправо: вистинско прашање на погрешен човек кој пораснал и живее со музика која е далеку од терминот “хит” каков што денес го знаеме.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакале да Ви се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

John Ilija Apelgren: Доволно време учев да им се радувам на малите работи, за да посакувам и планирам големи. Се што ќе дојде – е добредојдено, и добро и лошо. Балансот мора да се одржи. Ете тоа си посакувам: баланс.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакале на Вашите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

John Ilija Apelgren: Нема потреба од новогодишни ветувања кои нема да ги остварите. Само смејте се, љубете и слушајте квалитетна музика. Доволно е.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: