Имам нешто да те прашам

Маргарита Христова: За Нова година нашата куќа се претвора во новогодишна бајка (Фото+Видео)

Таа е позната македонска поп пејачка кој твори на македонската забавна сцена повеќе од 20 години. Родена е на 18 март 1973 во Битола. Својата музичка кариера ја започнала уште во 1987 година на фестивалот „Златен Глас“. Таа била победник на фестивалот „Југовизија“ во 1991 година, со што е и последната избраничка на тогашната СФРЈ за фестивалот Евровизија. Повеќепати учестува на фестивалот “Макфест” во Штип, како и на други музички фестивали во Македонија, како и во странство. Досега има остварено голем број на турнеји надвор од Македонија, а меѓудругото, има освоено и многу награди на меѓународни музички фестивали, а тука ќе ги споменеме Турција во 2009-та, како и Малта во 2010-та година каде освојува награда за најдобар пејач. Ретко се појавува во јавноста, но ексклузивно за нашиот новогодишен серијал на интервјуа, прочитајте во продолжение што вели Маргарита Христова за новогодишната адмосфера, подароци, еуфорија, Дедо Мраз…

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?

Маргарита Христова: Оваа година беше многу тешка и сите излегуваме од неа психички уморни. Посакувам да не се повтори, зошто на  сите ни донесе грижи, а на многумина и тага. Освен тоа лично јас ке ја паметам и по некои убави приватни случувања, убави патувања, колку дозволуваше ситуацијата. Оваа година ми останаа не реализирани и некои проекти кои останаа не реализирани заради сето ова и стрпливо ја чекаат новата година.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Маргарита Христова: За среќа и во вакви услови добар дел од музичарите ствараа музика и се промовираа нови песни. Од нашата продукција не можам да издвојам, бидејќи слабо ја пратам, но затоа ,,I want love” на Jessie J. и ,,Easy on me“ на Adel , се песните кои ми оставија посебен впечаток со уживање ги слушам.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате новата 2022 година?

Маргарита Христова: И самиот дочек оваа година ке биде различен од другите години, па јас Новата година ќе ја дочекам во топла домашна атмосвера со моето семејство. Се радувам на тоа, бидејки во регуларни околности Новата година ја дочекував секогаш на некое убаво патување далеку од дома.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Маргарита Христова: Јас сум човек кој многу сака да подарува и тоа не само по повод некој празник, туку преку целата година. Тоа ме исполнува и прави среќна. Секако среќна ме прави и сакам и да добивам подароци. Размислувајќи за некој посебен подарок не можам а да не ја споменам сликата со мојот портрет насликана од еден многу млад мој обожавател кој ми ја подари точно на 31-ви декември, бидејќи тогаш бил и неговиот роденден. Таа средба ке ја паметам засекогаш.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Маргарита Христова: Не ја сакам зимата заради студот, но периодот пред Нова година и таа предновогодишна празнична еуфорија умее целосно да ме понесе. Тоа не е само еуфорија, туку уживање во овие денови, поразлични од сите други. Поготово што во мојот дом секоја година посебно новогодишно се украсува целата куќа и се претвора во новогодишна бајка. Тука се и прошетките пропратени со шопинг и неизбежните новогоодишни песни на Мараја Кери и Џорџ Мајкл. Овој период како сите да забораваме на проблемите и се препуштаме целосно на таа убава предновогодишна атмосфера.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Маргарита Христова: Прво ќе си посакам здравје за мене и за моите најблиски, бидејќи видовме дека тоа е најважно. Посакувам 2022 година да ми биде полна со љубов, смеа и убави моменти, а на професионален план да се реализираат работите кои заради пандемијата останаа да чекаат подобри времиња. Конечно да не зборуваме за вакцини и маски, туку за патувања и музика. Посакувам 2022 година да биде навистина подобра како за мене, така и за сите други.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Маргарита Христова: Бидете здрави, весели, чувајте се себеси и своите најблиски и радувајте се на секојдневните работи. Не барајте премногу, зошто убавината на животот е во малите работи. Сетете се секој ден да бидете благодарни за секој момент на мир и радост.

Среќна Нова 2022 на сите!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: