Тој е роден на 30-ти октомври во малото, но познато градче Куманово. Симпатично и младо момче со впечатливи сини очи кое што е познат пејач, јутубер, а од пред некоја година и на челната позиција на позната и успешна фондација која организира голем број на настани, концерти и културно-забавни манифестации во овој град. Без размислување би се преселил во Барселона, подготвува албум, а би запеал и со Сузана Гавазова. При нашата посета во Куманово по повод Кумановското културно лето и “Тумба фест” имавме привилегија да поразговараме со него. Што кажа и што ексклузивно откри за Музика24, Ви предлагаме да прочитате во продолжение.
Музика24: Малкумина знаат дека познатиот пејач и јутубер Марио Арангеловски е вд. директор на Фондацијата за култура и спорт во Куманово. Искрено, ниту јас незнаев. Кажи ми, која е твојата секојдневна обврска и што всушност значи да си вд. директор на Фондацијата за култура и спорт во Куманово?
Марио Арангеловски: Сметам дека титулата со која што се стекнав пред едно година ипол можеби две, неважно, нема потреба јавно да се експонира затоа што таквите функции не се од некоја сериозна… да функција е, но, меѓутоа сметам дека со неа не треба да се расфрлам туку така. Јас имам своја професија со која што јавно се експонирам. Ова вд. директорство ми се случи сосема спонтано и генерално одлично се снајдов. Јас пет години работам во Фондацијата за култура и спорт, прво како технички секретар, потоа како програмски соработник за културни манифестации и музичко-сценски дејности, а сега веќе и трет мандат како вд. Директор. Конкретна функција ми е организација на културни манифестации… се што подразбира едно директорство во било каква фирма каква што е нашата, меѓутоа тоа се ајде да речеме досадни канцелариски работи конкретно организација на настани од типот на концерти, изложби, промоции, проекции, итн.
Музика24: Во рамки на Кумановското културно лето се случија многу настани. Дали годинава си задоволен од манифестацијата и сума сумарум што може да се очекува другата година од културното лето во Куманово?
Марио Арангеловски: Генерално, имаше многу настани, ова е можеби една од најбогатите Кумановски културни лета до сега, со што ќе се потрудиме следната година да биде многу побогато и да биде прилагодено, концизно и прецизно. Годинава ги собравме сите настани кои требаше да се случат во летниот период, и ги склопивме во рамките на Кумановското културно лето. На крајот се испостави дека тоа е одлична идеја и помина и подобро од она што очекувавме. Со “Тумба фест”, Меѓународниот тамбурашки фестивал и “Тумсток” го завршуваме Кумановското културно лето, а потоа продолжуваме активно и со многу други настани во текот на месец септември се до крајот на самата година, меѓутоа да одговорам конкретно на прашањето, да, задоволен сум.

Музика24: Сите оние кои што те следат на твојот Инстаграм профил знаат дека од неодмана стартуваше со твојата животна трансформација. Како си задоволен од сето тоа и дали продолжуваш и понатаму активно да вежбаш и да се грижиш за своето тело, нешто што искрено малкумина го прават и е реткост во Македонија?
Марио Арангеловски: Со оглед на тоа дека се експонирам на социјалните мрежи многу видливи се сите мои чекори кои сум одлучил јавно да ги експонирам, една од нив е и таа животна трансформација. Па задоволен сум, со тоа што периодов ми е пренапорно, немам мотивација, и ептен сум некако фокусиран на таа дисиплина затоа што сметам дека мотивацијата сама по себе не е доволна за некој нешто да успее и направи во животот. Мора тоа да прерасне во начин на живот, дисциплина, во ритуал… Јас сум моментално дисциплиниран, не знам тоа до кога ќе ме држи. Меѓутоа, секое попладне после работа одам во теретана и вежбам. Кога е исхраната во прашање, се трудам да држам некако ред и крај и задоволен сум и сакам ете… Ова ми е најдолг временскми период суштински да сум активен односно во континуитет да вежбам. Што ми е многу чудно. Сум пробувал неколку пати претходно и ме држело месец два три, еве веќе петти месец завршувам скоро пола година терам. Тоа ми е навистина сериозен успех, личен (се смее). За некого можеби и е смешно затоа што има луѓе што цел живот се во тоа, меѓутоа кој почнал знае како се одвиваат тие работи и дека е многу тешко месец за месец да нижеш а да си дисциплиниран. Инаку работам со фитнес инструктор, тоа се онлајн тренинзи со ПакиГрам. На месечно ниво ми праќа план за исхрана и видео тренинзи по кои јас се водам. А ако нешто ептен не ми прија или не можам да се снајдам или одредени вежби не знам да ги направам, се консултирам веднаш со него затоа што не сакам прво да си бидам смешен сам на себе. Јас не сум некој човек што располага со некаква си џин терминологија и не се разбирам од аспект на тоа како се викаат вежбите и што конкретно треба да правам. Гледам и на тој начин ги учам. Претходно секогаш сум бил сам со себе и многу е лесно во тој момент да се откажеш.
Музика24: Велиш дека речиси шест месеци непрекинато си активен и вежбаш. Тоа е навистина супер. Дали откако ќе завршат тие шест месеци ќе објавиш фотографија, пред се за твоите фанови а и за самиот себе, before and after. Какво тело си имал на самиот почеток, а какво денес?
Марио Арангеловски: Знаеш како, јас откако почнав да вежбам се сликам, секој ден се сликам. Уште немам храброст да објавам фотографија од before. Јас имам храбост да објавам од сега, но тој момент од пред ме кочи. Сметам дека по завршувањето на шестте месеци ќе ги објавам првите такви фотографии, before and after. Со тоа што имам сериозен проблем со самодовербата кога е пред моментот во прашање, но со оглед на тоа дека тоа е мое минато сметам дека лесно ќе го победам.

Музика24: Пред шест месеци ја промовираше твојата најнова песна “Фон”. Колку си задоволен од оваа песна и каде се досега ја имаш чуено. Дали “Фон” ја емитуваат на македонските радио и тв станици?
Марио Арангеловски: Често ја слушам на радиостаници што ми е супер, некогаш и ми е чудно. Јас генерално не гледам телевизија и не слушам радија и кога некој некаде ќе ме начека секогаш ми снима и ми праќа и ми е супер. Тоа е песна која што спонтано ми се случи во животот затоа што е жанровски нешто што не се соодветствува со она што сум го работел претходно. “Фон” ми е жива импровизација и жанровски никако не се совпаѓа со она што јас би сакал во иднина да го работам. Станува збор за трап песна, јас се класифицирам како пејач не како трапер, рапер и слично. Од друга страна сметам дека генерациите денес се многу чудна сорта на луѓе и мораме да се прилагодуваме на нивните апетити и пробувам да импровизирам за ете да се прилагодам и да полесно да си го најдам патот до успехот, ако можам така да се изразам. Генерално сум задоволен и би се нафатил да снимам уште некоја таква песна, меѓутоа не е нешто што би преферирал онака да го терам до крајот на животот или до крајот на музичката кариера.
Музика24: Дали некогаш досега си размислувал да снимиш нова песна или пак можеби нечија преработка со познато музичко име од македонската фолк сцена?
Марио Арангеловски: Да, апсолутно. Ова е ексклузива за музичкиот портал Музика24, со години преговарам со Сузана Гавазова да направиме дует како што имаат на пример направено Миле Китиќ и Милан Становиќ, незнам колку луѓе ја знаат таа песна. Со Сузана имам разговарано неколку пати и она е запознаена со целата идеја и со целиот тој процес. Малку и она е ограничена со време исто како и јас и никогаш не успеавме да се видиме и да ја конкретизираме идејата, меѓутоа таа постои како идеја да направиме преработка на нејзината песна “Бум, Бум” која е хит на едно државно ниво, од аспект на трап верзија во која Сузе ќе се вклучи во рефренот. Тоа треба да се дефинира некако, да се прецизира за некогаш евентуално да се направи и излезе. Меѓутоа сметам дека не е невозможно и многу посакувам со Сузана Гавазова да направам дует.
Музика24: Извесен период наназад ги најавуваше твоите долго очекувани life настапи. До каде се подготовките и што се случува во меѓувреме?
Марио Арангеловски: Извесен период ги најавував тие мои life настапи, но веќе не ги најавувам. Ќе настапувам сигурно некогаш и некаде, меѓутоа искрен да бидам, толку многу работи ми се случија во многу краток временски период кога не можев да дојдам при себе и не можев да се фокусирам на она што генерално треба да го работам. Окупиран сум со професионалниот живот од овој аспект што не го експонирам јавно, а тој пак што го експонирам јавно трпи моментално, па така и тие настапи. Преку зимскиот период се подготвував за настапи имав организирано некои луѓе со кои би требало да работам, меѓутоа, почна летната сезона а тоа беа изградени луѓе-музичари кои свират свадби, кои свират едно, друго, трето… и не можеа да се прилагодат на тој мој алгоритам, па одлучив само да се повлечам од тоа. Многу посакувам да ми се случат тие живи настапи. Долго време немав храброст да почнам со живи настапи знаејќи дека немам слободно време, не можам да си дозволам да закажам датум или настап незнаејќи што ме чека. Прекомплициран ми е животот за да си го дозволам тоа, меѓутоа, посакувам да се случи и верувам дека во еден момент ќе стартувам и тоа ќе биде официјалниот почеток на мојата музичка кариера.

Музика24: Барселона… ти се допаѓа премногу?
Марио Арангеловски: Да. Последен пат кога бев ме опјачкаа и одтогаш имам некакви си трауми дека е небезбедна. Го знаев тоа и претходно. Се ми опјачкаа, новчаник со пари… се живо и диво што имав во мојата торба. Во суштина би живеел во Барселона без многу да размислувам. Би продавал на пазар, имаат супер пазар и изгледа поексклузивно од нашава естрада. Шпанците генерално како народ имаат одлична енергија, ви препорачувам да појдете кога ќе имате прилика за тоа.
Музика24: Дали си среќен?
Марио Арангеловски: Еј… (се смее). Сум… научив некако да се задоволувам со мали работи, пак ќе кажам, ми се случија некои работи кои ми го замаглија идентитетот, не можев да се препознаам самиот себе си, затоа што имав смртен случај во семејството, имав она, имав ова… имав многу ситуации професионални, психолошки итн. Не можев во еден момент да се препознаам самиот себе си, меѓутоа, кога се ќе сумирам среќен сум.
Музика24: А дали Марио е заљубен?
Марио Арангеловски: Не сум заљубен. Јас сум шкорпија во хороскоп, кој некогаш некаде имал било каква конекција со шкорпија знае, каков живот живеат шкорпиите. Мислев дека бев заљубен до пред извесно време тоа се испостави како… Јас секогаш имам лоши одлуки кога е љубовта во прашање. Јас не сум имал до сега да кажам тоа е тоа. Секогаш тоа било нешто комплицирано, нешто на галама, на широко… никогаш не сум бил целосно… добро, можеби и јас тоа не си го дозволувам. Мислам дека љубовта е луксуз. Начинот на кој што јас ја доживувам љубовта не можам да ја добијам во истата форма назад. И тоа ми е сериозен проблем. А веројатно очекувањата кои ние ги имаме се и основно мерило за сите разочарувања со кои се стекнуваме.
Музика24: Значи да резимираме, во принцип ти си среќен дечко кој што ужива во животот во Македонија?
Марио Арангеловски: Можеби само така изгледам. Пред секое уживање веројатно имало некое неуживање, после секое уживање следи некое неуживање… животот е ваљда Yin and Yang, незнам. Така сум навикнат, па така ми е океј.
Музика24: Дали сметаш дека доколку би се преселил во Барселона дека би бил среќен?
Марио Арангеловски: Јас ако тука не сум среќен, нема ниту таму да бидам. Проблемите ги носиме со себе и као промена на територија, промена на финансиска состојба промена на ова или она, нема да ме направи посреќен. Мене ми е битно тука да бидам зрел, тука да бидам самостоен, стабилен итн. како таков да заминам таму некаде. Мене Барселона може само да ми направи секој ден да ми биде поубав од аспект на… ми прија енергијата, ми прија да станам да тргнам на работа и да одам по плажа. Да одам покрај море, да гледам палми… таму има палми насекаде. Јас имам истетовирано палма, јас сум некако ептен… палма ми е пример за она, не знам како тоа да го објаснам инаку јас сум синтиментално поврзан со тоа стебло и со тие листови, тие бои… чудно ми е, но убаво ми е кога ќе видам палма. И луѓето ми се некако поинакви, таму се некако потопли, и дрски истовремено, а убави.

Музика24: Твојата сестра Маја која е постара од тебе веќе неколку години живее и работи во Германија. Кажи ми како ти се допаѓа Германија како држава, знаејќи дека на неколку наврати ја имаш посетено, а од таму те гледавме и со VlogMas?
Марио Арангеловски: Германија… не ми се допаѓа. Не ми се допаѓа и никогаш не би живеел во Германија. Сум бил во неколку градови во Германија не само каде што живее сестра ми. Таа живее во мало градче, особено не сум љубител на мали градови, меѓутоа, сум бил во Берлин, во Минхен, во Нинберг… и други поголеми градови. Не ми се допаѓа тој менталитет. Не ми се допаѓа таа ладнокрвност, таа извештаченост… Луѓето се генерално изроботизирани. Единствено што ми се допаѓа е тој среден закон и прецизен начин на живеење од аспект на закон. Мислам дека нивната единствена цел на живот е као кој ќе има повеќе пари на сметка, кој повеќе ќе си дозволи нешто… мислам дека тоа не е суштината на животот. Јас најсреќен сум бил кога не сум имал ништо. Што повеќе ти се на дланка работите толку повеќе си спремен да се разочараш, толку повеќе си спремен да бараш повеќе, толку помалку си задоволен од нештата и мораш да се спуштиш онака баш на минимум барем во потсвеста за да сфатиш што значи среќа. Најсреќен сум бил на улица со некои другари, најсреќен сум бил кога сме немале струја да платиме, знаеш, тука сме сите заедно и се е супер и тоа е тоа. Едноставноста е основен извор на среќа. Затоа ја сакам Шпанија и Барселона. Тоа е град кој што никогаш не спие. Апсолутно има секогаш луѓе и секогаш нешто се случува.
Музика24: Освен што си познат македонски пејач, имаш учествувано на голем број натпревари како и познатото тв шоу “Ѕвездите на Гранд”, ти си и познат македонски јутубер сакал да го признаеш тоа или не. Веќе подолг временски период немаш објавено ново видео, на што се должи сето тоа и кога ново видео?
Марио Арангеловски: Не сум објавил видео одамна. Малку сум разочаран од ситуацијата на македонската Јутуб сцена за да се класифицијам како Јутубер. Бев порано, бев многу активен и бев многу успешен во тој момент на Јутуб. Но дојдоа некои нови генерации, дојдоа некои нови луѓе кои ја сменија играта. А јас не сакав така да се играм и се повлеков. Ако одлучам дека сакам да ги надиграм може ќе се придружам, ако не можам ќе се повлечам во целост, незнам. Се земаат одредени финансиски средства од Јутуб, да тоа е вистина. И ден денес јас имам прилив од Јутуб иако ништо не правам, затоа што тоа се монетизирани видеа кои ваму-таму ги гледаат луѓе. Меѓутоа од монетизација не се живее, тоа е бизнис кој што функционира на принцип на спонзори. Што повеќе спонзори накачиш на себе, незнам… не сакам ликот да си го продавам за мали пари, а овде тоа го прават постојано. И некако се дур имаш некој кој што може да те изрекламира за мали пари зошто би ме платил мене за многу. Ми се косат некако ставовите со некои луѓе кои се моментално број 1 кога е таа сцена во прашање.

Музика24: После твојата последна песна “Фон”, дали во скоро време планираш да се вратиш на македонската музичка сцена и што подготвуваш во следниот период? Што е она со што планираш да ги изненадиш своите фанови?
Марио Арангеловски: Уште една ексклузива за вашиот музички портал… генерално, планирам нова музика со тоа што не планирам да пуштам ниту еден сингл додека не соберам доволно песни да објавам албум. Подготвувам албум во најмала рака трилогија. Нешто што би било поврзано едно со друго и што би изгледало налик албум, немора да има 10 песни нема има само 3 песни но нека се објават наеднаш нека се објават во тврда форма во вид на ЦД. Имам желба да објавам нешто такво, не сиглови на Јутуб. Самиот себеси да се задоволам морам да објавам нешто повеќе од тоа што веќе е видено и сите го прават.
Музика24: И како за крај на ова наше прво но се надеваме не и последно интервју, како би ги поздравил и што би им посакал на твоите фанови, наши читатели?
Марио Арангеловски: Бидете живи и здрави и работете на себе. Мислам дека работата на себе во буквална смисла на зборот е лек за апсолутно се.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
