Имам нешто да те прашам

Методија Столески: Во Новата 2026 година би сакал да го издадам мојот прв студиски албум (Фото+Видео)

Од првите тонови на „Песно наша“ до преполните сцени низ Македонија и дијаспората – Методија Столески е млад уметник кој за кратко време стана препознатливо име во современата македонска фолк сцена.

Роден на 2 ноември 2002 година во Струга, Методија својата професионална приказна ја започнува во 2018 година на „Гоце Фест“, каде ја освојува публиката со автентична емоција и силен вокал. Само една година подоцна, повторно блеска со песната „Мајка“, а паралелно ги освојува и сцените на фестивалите „Филиграни“ и „Лешочки Фолк Фест“. Песните како „Зет како мед“, „Срце печалбарско“, „Крв македонска“ и хитот „Од Илинден 120 лета“ го врежуваат неговото име меѓу најперспективните фолк пејачи од новата генерација. Како чест гостин во емисијата „Мерак меана“ на Сител Телевизија, тој стана симбол на младинската енергија што ја негува македонската традиција.

Од „Алфа Бенд“ до успешната соработка со групата „Седенка“ и Елена Андоновска, Методија чекори сигурно и посветено. Особено впечатливи се неговите настапи на Фолк Фест Валандово со „Земи се“ и „Тага за Ристана“, како и најновите хитови што веќе го најавуваат неговиот зрел артистички период.

2025 година е пресвртница во неговата кариера – првата голема турнеја во Австралија, рамо до рамо со Спасен Сиљаноски, го носи македонскиот мелос до македонската дијаспора ширум светот.

Во нашето традиционално новогодишно интервју, Методија Столески, а што одговори тој на нашите забавни и новогодишни прашања, прочитајте во продолжение.

Музика24: Доколку се навратите наназад и направите резиме на изминатата година, кој момент или остварување би го издвоиле како најзначаен и најголем професионален успех во 2025 година?

Методија Столески: За 2025 година би го издвоил мојот настап на „Фолк Фест Валандово“ со мојата песна „Тага за Ристана“ кој ја направи Г-нот Александар Јовевски (музика и аранжман), а текстот беше на Борче Нечовски. Една одлична нумера. Она што би го издвоил е што оваа година го поминавме во добро здравје, добро расположение, сите на број – а посебни настани и концерти не би одвоил затоа што сите ми се драги и мили и секаде сме поминале екстра.

Музика24: Според Ваше професионално мислење, кој музички проект, песна или изведувач/изведувачка ја одбележа 2025 година, и кои според Вас се клучните фактори што придонесоа токму тој избор да доминира на музичката сцена оваа година?

Методија Столески: За оваа 2025 година, најтазе што имам чуено е преработката на патриотската песна „Нема друга Македонија“ што ја направи групата Некст Тајм. Деновиве ја слушнав. Песната е врвно направена, преработена, мислам дека Николче Мицевски е задолжен за сето тоа. Така да, браво, се воодушевив.

Музика24: По ваквиот модерен пристап кон традиционалниот звук, дали во иднина би си дозволил слична или дури и порадикална преработка на некоја македонска народна песна – без разлика дали ќе биде со истиот тим или со сосема нови соработници?

Методија Столески: Да, можеби. Во иднина нели не се знае животот каде ќе те однесе. Не сум ограничен стилски можам да пробам и во тој стил па и во друг стил, сакам општо да имам да речеме еден албум со секаков вид на музички стилови.

Музика24: Со оглед на тоа што се наближуваат новогодишните и божиќните празници, како Вие лично се подготвувате за празничната еуфорија и за дочекот на Новата година? Дали постојат некои традиции, навики или мали ритуали кои секогаш ги практикувате – како избор на подароци за најблиските, празничен шопинг, подготовка на специјални јадења или нешто што го правите само за себе? Што е тоа што Ви е неизбежен дел од предновогодишната атмосфера?

Методија Столески: Дочекот на Новата година секогаш си го прославувам со семејството, дома. Така што нема да имам ангажмани на музички план. Ќе си поминеме убаво со семејството во домашна атмосфера како и секоја година. На 31-ви декември, за дочекот не практикувам да пејам, а пред и потоа секако имам организирани настапи. Инаку, секогаш ја накитуваме новогодишната елка и ставаме различни украси, нормално го чекаме и Божик со тоа така што секогаш се трудиме да имаме една убава домашна атмосфера со убава македонска музика.

Музика24: Верувате ли во новогодишната магија и Дедо Мраз, и што е тоа што би сакале да му посакате или порачате, доколку денес имавте можност да му се обратите лично?

Методија Столески: Како православен верник, човек не сум по такви верувања, но тоа е добра приказна за малите дечиња да се радуваат. Инаку кога би го видел или сретнал некогаш и некаде пак би билскромен со желбите и би посакал сите да сме живи и здрави, тоа е најбитно. А останатото е да ги направи сите луѓе – сите дечиња среќни без разлика на каков и да е начин.

Музика24: Новогодишната магија незамислива е без Дедо Мраз, неговите ирваси, подароците и желбите што ги носи овој период. Кои се Вашите лични желби и очекувања за Новата 2026 година, и што би сакале истата да Ви донесе?

Методија Столески: Во Новата 2026 година, би сакал да го издадам мојот прв албум како и моите први видеоспотови. Да работам со полна пареа како што работев оваа 2025 година и здравје Боже да понудиме и нов репертоар на нашите слушатели на нашата македонска музичка сцена.

Музика24: Фановите се во исчекување на вашиот прв албум. Дали можете да ни откриете колку песни веќе имате и колку планирате да вклучите во вашиот прв студиски албум?

Методија Столески: Со веќе промовираните неколку песни првиот мој албум би се состоел од 12 мои песни од кои неколку преработки на стари изворни песни. Тоа е засега планот. Половина од песните ги подготви Златко Миладиновски со неговиот оркестар, мојот драг колега Александар Јовевски и да не ја заборавам песната од Роса Фест ??? Бобан Мојсовски.

Музика24: Имајќи само 23 години и релативно богато музичко искуство, како се чувствуваш во однос на својот живот – би рекол ли дека си исполнета и среќна личност, и на приватен и на професионален план?

Методија Столески: Да секако дека сум среќен и исполнет – барем досега.

Музика24: Музиката е вашата реалност, но доколку музиката не беше дел од Вашиот живот и ако можевте да почнете одново, кој друг професионален пат би го избрале?

Методија Столески: Искрено, не би знаел што би работел. Мислам дека за мене единствена е музиката, можеби би се снаоѓал со нешто друго, но не би било тоа тоа без музика. Имаше едно интервју, на шала реков – Би бил молер, можеби. Да се пошегуваме. Но не се гледам во ниту една друга сфера освен во музиката.

Музика24: За крај, која е Вашата новогодишна порака и честитка за читателите, Вашите фанови и обожаватели? Што би сакале да им посакате за посреќна и поуспешна 2026 година?

Методија Столески: Мојата новогодишна порака е да продолжат да слушаат македонска музика, да ги подржуваат македонските артисти и да си прослават Нова година во семејна атмосфера.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: