Имам нешто да те прашам

Мики Секуловски: Не планирав да се пријавам во „Ѕвездите на Гранд“ (Фото)

Викендов во Берово се одржа фестивалот „Етно Плоштад Фестивал“, а еден од музичките учесници беше и нашиот познат македонски пејач Мики Секулоски за чиј настап публиката покажа огромно внимание, почит и расположение.

Екипата од Музика24.мк која што и годинава беше акредитирана и го следеше фестивалот, непосредно по завршувањето на настапот на Секулоски направи кратко интервју со него кое ви го пренесуваме во целост.

Музика24: Мики, ти во сезоната 2023/24 беше учесник во едно од најгледаните музички тв шоу програми на балканот „Ѕвездите на Гранд“, како дојде да се пријавиш и учевствуваш во истото?

Мики Секуловски: Јас не планирав да се пријавам во „Ѕвездите на Гранд“ затоа што знаев дека таму пејат музика која мене лично не ми лежи, едноставно не припаѓам таму. Мајка ми ме убеди да се пријавам таму, односно таа ме пријави таму и морав да отидам. Кога отидов таму, тогаш аудицијата беше во Сител телевизија им привлеков внимание и покојниот Саша Поповиќ беше таму, но таму беше и Ѓорѓе Давид. Нив им се допаднав и им оставив некаков впечаток и внимание со поразличен стил и жанр на музика. Во „Ѕвездите на Гранд“ не очекував да се случи тоа што се случи и да завршам на второто место.

Музика24: Ги споменавме „Ѕвездите на Гранд“. Ти си од Велес, а во ова шоу имавме уште еден учесник од Велес, Александар Темелков. Што мислиш за Темелков и за последните „естрадни препукувања“ помеѓу Александар и неговиот ментор во шоуто, пејачката Виолета Миљковиќ – Вики?

Мики Секуловски: Александар го имав сретнато неколку пати и мислам дека е добар човек. Тоа што го рече дека му барале финансии за да продолжи понатаму, јас тоа лично не го верувам, со оглед на тоа што сопругот на Вики е „мулти-милионер“ и нема таа да му бара на Александар 3.000 или 5.000 илјади евра за да продолжи понатаму. Мене лично додека бев учесник во шоуто не ми побараа ниту еден денар, а стигнав до второто место во финалето.

Музика24: Своевремено беше и учесник во некогаш најгледаното македоноско тв шоу „Македонски Идол“, што имаш да изјавиш за твоето учество таму?

Мики Секуловски: „Македонски Идол“ за мене беше едно одлично искуство, затоа што тогашната телевизија ја зема лиценцата на американскиот идол или тогаш во Македонија се викаше „Македонски Идол“. Шоуто беше екстра популарно, затоа што немаше нешто што дотогаш се случувало на овие простори. Беше едно добро искуство, а јас таму се пријавив по завршувањето на факултет за оперско пеење и за неколку  месеци добивме енормна популарност, бидејќи шоуто на публиката и беше интересно и беше екстра гледано можеби и едно од најгледаните забавни програми во Македонија.

Музика24: Знаеме дека си ја напуштил работа и си отишол во Белгија да му помагаш на твојот брат околу негата на твојот татко. Дали тоа одење и живеење во Белгија те сруши медиумски?

Мики Секуловски: Не, јас отидов во Белгија поради татко ми, затоа што тој беше болен од канцер во тоа време. Јас морав да останам таму и да му помагам на мојот брат кој веќе беше таму и затоа јас во Белгија останав 4,5 години. Откако татко ми почина го вративме овде во Македонија каде и го погребавме, а со тоа се вратив и јас овде во мојата родна земја и останав тука. Едноставно не сакав да останам во некоја друга држава затоа што си ја сакам Македонија и сакам тука да бидам, пак, макар да работам нешто било што. Сум имал прилика да работам во опера во Бугарија како првенец, сум имал прилика да работам во Белгија како оперски пејач, но мене секогаш најубаво ми било тука во мојата држава.

Музика24: Од каде љубовта кон операта и оперското пеење со оглед на тоа дека имаш завршен факултет за оперско пеење?

Мики Секуловски: Јас ја сакам операта. Средно музичко завршив во Битола, отсек теоретски смер, но учев и оперско пеење. Во Бугарија исто така учев оперско пеење така да операта ми е една слаба страна што ја поседувам. Јас исто така ја сакам и поп-рок музиката. Би отишол и би пеел и концерт – опера, а би пеел и концерт-рок.

Музика24: За крај! Што имаш да им порачаш на нашите читатели, читателите на музичкиот портал Музика24?

Мики Секуловски: Голем поздрав до целиот тим на Музика24. Јас лично ве следам, слушајте и поддржувајте македонска музика. Поддржувајте македонски пејачи и изведувачи без разлика дали тие пејат македонска, српска, странска или било кој друг вид на музика, поддржувајте не и понатаму, а јас ви посакувам многу среќа на вас тимот на Музика24 и на читателите кои верувам дека ги има во многу голем број.

Интервјуто го подготви и направи: Христијан Ангелески

Можеби ќе ве интересира: